Во Македонија постои една чудна дигитална појава наречена email. Тука е концептот постои, се користи, се дешава нешто, се пишува… ама не се чита. Или барем не се одговара. Тоа е некаков вид модерна уметност, inbox полн а душата празна.
Испраќаш email. Чекаш. Ништо. Поминуваат 24 часа си викаш океј, луѓето се зафатени. Поминуваат 3 дена, ајде викенд ги фатило. Поминува една недела, веќе почнуваш да бараш кривица во себе, дали си го испратил на вистиното место, дали воопшто си го испратил дали треба повторно да испратиш. Одговор нема па нема.

А најјакото? На веб страната стои гордо: “Контактирајте нè на info@…”. Како некој вид дигитален споменик. Не за комуникација, туку за декорација, онака сите имаат email па ајде и ние, нема везе што нема да го читаме, нека стои.
Да не се лажеме, проблемот не е во технологијата. Имаме интернет, имаме сервери, имаме Outlook, Gmail, па дури и Slack, Teams и што уште не. Проблемот е во културата на одговорност, или поточно, во недостатокот од неа.
Во светот, email значи:
прашање -> одговор
понуда -> реакција
клиент -> приоритет
Кај нас:
прашање -> тишина
понуда -> seen (во најдобар случај)
клиент -> “ќе го решиме утре”
И тоа “утре” е многу интересен концепт. Тоа не е утре како календарски ден. Тоа е повеќе филозофска состојба. Нешто помеѓу “не сега” и “никогаш”.
А институциите? Таму email-от е веќе легенда. Ако добиеш одговор, тоа е како да си добил rare drop во игра. Screenshot, зачувај, покажи им на пријатели, не се случува секој ден.
Секако, има исклучоци. Има фирми што одговараат брзо, професионално, човечки. И тие веднаш се издвојуваат. Зошто? Затоа што во море од игнорирање, нормалната комуникација изгледа како премиум услуга.
И тука доаѓа најироничниот дел: сите зборуваат за дигитализација, automation, AI, CRM системи… а основната работа да одговориш на email… е тоа уште ни е optional feature.
Можеби решението не е во нови алатки, туку во едноставна навика:
Отвори. Прочитај. Одговори.
Звучи револуционерно, знам.
До тогаш, ако ти треба итен одговор од некоја фирма или институција, не праќај email. Јави се. Или уште подобро, оди лично. Email-от кај нас е повеќе како дневник: го пишуваш за себе, не за некој да ти врати.
Сакав да излистам компании и институции на кои сум им пратил email и никогаш не сум добил одговор, али си викам за**и, сигурно некоја ќе заборавам па ќе се навредат или помислат џабе ја негувавме културата ете не не спомнаа.
Така да, не е поентата само да се „фатат“ трендовите, да се отвори email адреса, контакт форма или тикет систем колку да стои на сајтот како декорација и да изгледа модерно. Поентата е тие канали навистина да се користат и да функционираат. Затоа што зад секој испратен email не стои некој што му е здодевно и бара занимација, туку човек што има конкретна потреба, прашање, проблем или деловна можност.
Кога не одговарате, не „игнорирате порака“, директно им трошите време на луѓето. Ги терате да ве бркаат по телефон, да доаѓаат лично, да прашуваат по три пати за истата работа. А времето, сакале или не, е најскапата валута што ја имаме и клиентите веќе ви ја плаќаат…преку услуги, производи, даноци.
Вашите клиенти, сегашни и потенцијални, како и граѓаните од чии пари се финансираат институциите, не очекуваат чуда. Очекуваат основна комуникација. Краток одговор. Насока. Потврда дека некој таму навистина го прочитал тоа што го испратиле.
Email-от не е тренд, ниту маркетинг додаток. Тоа е алатка за ефикасност. Ако веќе го нудите како канал за контакт, тогаш користете го како што треба. Во спротивно, подобро искрено напишете: „За одговор, ве молиме јавете се, дојдете лично или имајте трпение како за шалтер во понеделник наутро.“
Останете ми добри и одговарајте на email тоа е култура исто како да му кажеш добро утро на соседот со кој се возиш во лифт наутро.







