Оние кои користат Windows 10, но тврдоглаво му пркосат на новиот изглед на Start копчето, веќе подолго време се запознаени со Classic Shell. Овој бесплатен програм до пред некое време ви дозволуваше да го замените Start менито во Windows 10 со тоа од Windows 7. Авторот на овој програм, меѓутоа, крена раце од понатамошниот развој затоа што стана крајно исфрустриран од неуморните распореди на Windows надополнувања. Токму поради тоа, од есенското надополнување од 2017 година, бројните фанови на Classic Shell немаа баш премногу среќа.
Но, откако Classic Shell стана open source, работите почнаа да се менуваат и на располагање го имаме истиот програм, но со малку поразлично име. Classic Start ви дозволува да одберете еден од три стилови на Start менито. Додека едниот стил алудира на Windows 7 верзијата на менито, другите две верзии пуштаат подлабоки корени во носталгијата и ве задеваат со препознатливиот XP дизајн. Лесно можете да скокате од еден до друг стил, како и да ја менувате бојата или што да ви биде прикажувано. За подетални прилагодувања, потребно е да кликнете на копчето Show all settings. Од тука, можете да го отстраните полето за пребарување, како и да менувате големини, транспарентност и приказ на елементи.
Classic Start се испорачува со дополнителни алатки за менување на File Explorer прозорци.
При инсталирање, можно е да се случи Classic Start да биде одбележан од Windows SmartScreen како потенцијално небезбеден, но се работи за false positive.
Најновата верзија работи на Windows 7, 8, или 10.