Ова е гостински текст на Бојан Кордалов, виш експерт за комуникации, застапување и дигитална писменост. Тој има над 20 години искуство во областа на видливост, кампањи за односи со јавност и стратешко консултирање. Бојан Кордалов моментално е директор за политики и комуникации во Европскиот Центар за Извонредност во Брисел.

Во изминативе недели, дебатата во европската јасност е фокусирана кон новите предлог решенија за ограничување на пристапот на децата до дигиталните платформи, но и на повиците за воведување на забрани за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници, како дел од пошироките напори за заштита на младите во онлајн просторот.
Франција, во оваа насока, веќе предложи нови иницијативи за ограничување на пристапот до платформите за лица под 15 години. Слични дискусии се водат низ целата Европска унија, додека земјите членки и институциите на ЕУ во Брисел бараат најсоодветни начини за справување со сѐ поголемата загриженост за изложеноста на децата на влијанието на алгоритмите и штетните содржини онлајн.
Како личност која активно ги следи овие дебати, и сум редовно консултиран како експерт по ова прашање и во медиумски и во политички кругови, цврсто верувам дека ова е клучен момент кога Европа треба да размисли и да постапи мудро.
Работејќи во областа на стратешките комуникации, дигиталната писменост и застапувањето повеќе од 20 години (уште од времето на интернет форумите и веб 1.0, па преку социјалните мрежи до денешниот подем на технологијата преку вештачката интелигенција), сметам дека јасно можам да ги отсликам паралелите со грешките кои е неопходно да ги избегнеме.
Мојот клучен став останува ист како и во изминатите децении: Забраните сами по себе нема да бидат доволни, и често може да бидат контрапродуктивни.
Европа мора (сигурен сум и дека ќе успее) да развие паметен, сеопфатен пристап кој ќе ги заштити децата, а притоа ќе ги зачува вредностите што ја дефинираат Унијата. Тоа значи целосно создавање на нов, иновативен европски модел за етичка употреба на вештачката интелигенција и севкупна дигитална писменост од најраните возрасти.
Но, какви уште лекции сме научиле или не сме научиле од кратката, но интензивна историја на користење на социјалните мрежи?
Самата регулација не е доволна, особено имајќи го предвид фактот што во случајот со социјалните мрежи, регулацијата доцнеше, а дигиталната писменост не беше системски вградена. Јавната свест за тоа како алгоритмите ја обликуваат содржината стана горлива тема дури за време на пандемијата на КОВИД-19, па токму поради тоа, дезинформациите, нарушувањето на приватноста и поларизацијата станаа распространети предизвици (предизвици со кои се соочуваме и денес, а во некои аспекти тие се дури и во пораст).
Во овој контекст би потенцирал дека не смееме да го повториме истиот пат со вештачката интелигенција. Современите ВИ технологии веќе имаат огромно влијание врз тоа што децата гледаат, како учат, но и како комуницираат со светот. Ризиците од манипулација, пристрасност и „deepfake“ содржини се многу реални, и веќе се дел од нашето секојдневие.
Но, едноставното забранување на пристапот нема да го реши проблемот. Напротив, може само да ги турне децата кон нерегулирани простори и дополнително да ја поткопа довербата во демократското управување.
Што треба да направи Европа: 5 клучни столба за фокус
1. Паметна регулација со фокус на почитување на приватноста (наместо генерални забрани)
DSA и ВИ регулативата на ЕУ веќе обезбедуваат силна законска основа. Забраните често знаат да звучат привлечно, но не се одржливо решение. Тие ризикуваат да ги натераат децата да користат небезбедни алтернативи (како што видовме во Франција со неодамнешните рестрикции за возрасна содржина), да ја нарушат приватноста и директно да придонесат за поделби во рамките на европскиот дигитален простор.
Наместо тоа, Европа треба дополнително да имплементира:
- Транспарентно онлајн верификување на возраста само кога тоа е строго неопходно и продуктивно (пристап ориентиран кон резултати);
- Унапредување на стандардите за заштита на приватноста, со што ќе се избегне создавање на “затворен дигитален свет.”
2. Систематски пристап кон ВИ и медиумска писменост
Најдобрата и најодржлива заштита за младите и за општествата е образованието и градењето на критичката мисла и свест.
Потребно е да ги направиме ВИ и дигиталната писменост столб на образованието, но на практичен начин и преку практични содржини. Ова треба да вклучува учење на децата како алгоритмите и AI ја обликуваат содржината, промовирање на критичко размислување и отпорност на манипулација, но истовремено и да се осигураме дека родителите, едукаторите и младинските работници се целосно опремени и подготвени да го поддржат овој процес на учење.
Потребно е да земеме предвид дека без сето ова, дури и најдобрите регулативи нема да бидат доволни!
3. Инклузивно водење на процесот и негова заедничка координација
Новиот европски модел мора да биде еден од најинклузивните и демократски модели на управување.
Во тој контекст, политиките за ВИ што влијаат на децата мора да се развиваат во целосна координација со граѓанското општество, експертите за дигитална и ВИ заштита на децата, младинските претставници, медиумските и академските експерти, образовниот сектор итн.
Официјален Брисел веќе многупати покажал позитивни примери за инклузивност, па треба да продолжи да предводи во демонстрирање дека управувањето со ВИ може да биде и етичко и целосно партиципативно.
4. Силна одговорност на технолошките компании
Технолошките компании треба континуирано да бидат одговорни за тоа како нивните платформи влијаат врз децата. Ова, меѓу другото, вклучува спроведување редовни ревизии на алгоритмите за пристрасност и штетни исходи, обезбедување транспарентност на ВИ системите, но и обезбедување ефективни алатки за родителска заштита.
Ова е област каде што постојано е неопходна дополнителна регулатива. Тоа значи дека таквата одговорност на големите технолошки компании мора да биде задолжителна и да се надгледува нејзиното спроведување, наместо да биде оставена на добрата волја на компаниите и регулаторните институции.
5. Поддршка и признанија за децата/младите, нивните родители и едукатори
Малолетниците и нивните семејства, наставниците и младинските работници мора да бидат поддржани, но и редовно да добиваат признание за сè што прават за заштита на децата и на целото општество во оваа интернет и нова ВИ ера.
Ова треба да вклучува практични ресурси за ВИ и онлајн безбедност (кои постојано ќе се ажурираат), водичи за поддршка на дигиталната писменост кај децата, како и вмрежување помеѓу сите овие чинители со цел поддршка во справувањето со овие предизвици.
Ова е заедничка одговорност на секој во општеството, но институциите треба да имаат предвид дека изработката и подготовката на овие материјали мора да се прави во директна соработка и вклученост на овие чинители.
Европа денес има шанса да постави глобален пример за тоа како да се заштитат децата онлајн без да се жртвуваат приватноста, образованието или демократските вредности.
ВИ регулативата и DSA на ЕУ ги обезбедуваат алатките, но вистинскиот успех ќе зависи од тоа како ќе ги надополниме или спроведеме правните акти во секојдневието, односно со образование, јавна дебата и инклузивно управување.
Избалансираниот пристап по кој се води Европската Комисија заслужува силна поддршка и вклученост од сите земји членки, граѓанското општество, како и од земјите кандидати.
Како некој што одблизу ја следи еволуцијата на интернетот, социјалните мрежи и ВИ, мислам дека можеме да обезбедиме следново: Ако задоцниме, ризиците ќе ја надминат нашата способност за одговор и справување со проблемите.
Ако, пак, постапиме мудро и со заеднички напори, можеме да изградиме дигитална иднина што ќе ги оспособи, наместо да им наштети на младите луѓе.
Ова е потребно да го направиме заради заштита на децата во онлајн сферата. Но, ова е неопходно и за да се осигураме дека Европа ќе остане глобален пример за одговорно, хумано-центрично дигитално управување.







