Хардвер од минатата недела: Нова конкуренција на пазарот за преносни конзоли и WWDC 2025

во Вести

Минатата недела беше исклучително интересна за љубителите на технологијата, особено за оние кои нетрпеливо го очекуваа доаѓањето на нови гејминг конзоли. Пазарот на преносни конзоли станува сè подинамичен со најавата за директната конкуренција на Valve Steam Deck и Nintendo Switch 2. Од друга страна Apple на WWDC 2025 го претстави новиот Liquid Glass дизајн. Покрај ова имаше и преименувања на оперативните системи. Еве што ја одбележа хардверската сцена изминатата недела.

ROG Xbox Ally

Речиси без никаков ризик Microsoft влегува на пазарот на рачни конзоли. Microsoft, во соработка со Asus, ги најави преносливите гејминг уреди ROG Xbox Ally и ROG Xbox Ally X, кои се очекуваат за празничната сезона без објавена цена. Уредите се директна конкуренција на  Valve Steam Deck и во поново време на Nintendo Switch 2.

ROG Xbox Ally:

  • Процесор: AMD Ryzen Z2 A
  • Екран: 7-инчен, 1080p чувствителен на допир
  • RAM: 16GB
  • Диск: 512GB SSD, со можност за надградба
  • Батерија: 60Wh
  • Тежина: 670 грама

ROG Xbox Ally X:

  • Процесор: AMD Ryzen AI Z2 Extreme
  • Екран: 7-инчен, 1080p чувствителен на допир
  • RAM: 24GB
  • Диск: 1TB SSD, со можност за надградба
  • Батерија: 80Wh
  • Тежина: 715 грама

Двата модели имаат екрани малку помали од Switch 2 (7.9”) и Steam Deck OLED (7.4”), и се малку потешки. Microsoft и Asus ја потенцираат нивната изведба и компатибилност со игри. ROG Xbox Ally е наменет за 720p гејминг искуство, додека Ally X е за играчи кои сакаат да играат игри вo 1080p резолуција.

Уредите работат на Windows, но со прилагоден „full-screen experience“ интерфејс на Xbox кој ја минимизира употребата на системски ресурси. Ова овозможува заштеда на меморија (до 2GB) и намалување на потрошувачката на енергија при мирување. Тие ќе поддржуваат игри од повеќе платформи, вклучувајќи Xbox PC Game Pass, Steam, Battle.net, GoG и Ubisoft Connect. Игрите ќе можат да се преземаат и играат локално, да се стримуваат од облак услуги и да се играат преку далечинско играње од близок Xbox. Xbox, Windows, Asus хардверот и AMD чип тимовите тесно соработуваа за ефикасни перформанси. Барем засега нема податоци за траење на батеријата.

Овие уреди претставуваат партнерство, а не самостојна Xbox конзола, што е значаен чекор за Microsoft во пазарот на преносни конзоли.

Nintendo Switch 2 (први прегледи)

Минатата недела љубителите на Nintendo конечно го дочекаа излегувањето на новата Nintendo Switch 2 конзола. Најголем дел од надградбите и спецификациите беа познати и од претходно.

Хардвер

Од аспект на хардверот во Switch 2 е надградена речиси секоја компонента на оригиналот. Доаѓа со поголем, 7,9-инчен LCD екран со поддршка за HDR. Поддржува до 1080p резолуција како рачна конзола. Кога е приклучен на надворешен екран поддржува и 4K. Боите се забележливо поживи благодарение на HDR. Конзолата поддржува 120Hz рефреш и доаѓа со помоќен хардвер. Конзолата е опишана и како како „мобилен PlayStation 4“, што овозможува играње на видеоигри за кои е потребен подобар хардвер, на пример „Cyberpunk 2077“. Благодарение на подобрувањата на перформансите скратено е и времето на вчитување , a и оригиналните игри од претходната конзола работат подобро.

Контролерите Joy-Con 2 се поголеми и се прицврстуваат магнетно. Нова карактеристика, која е и едно од најпријатните изненадувања на контролерот е можноста за користење како оптички глушец. Најголем недостаток е батеријата. Switch 2 може да работи од 2 до 6,5 часа играње во споредба со 4,5 до девет часа на оригиналот.

Друг прилично голем недостаток е бројот на игри. Во моментов, Switch 2 има ограничен број на ексклузивни игри, со „Mario Kart World“ е најочекуваниот наслов кој нуди нов начин на играње „Knockout Tour“ и избор на различни ликови и патеки за овозење. „Nintendo Switch 2 Welcome Tour“ е повеќе технолошка демонстрација отколку игра.

Дали вреди за 450 долари

Цената на Nintendo Switch 2 е 450 долари, што е значително повисока од претходните модели и споредлива со големите конзоли како PlayStation 5 и Xbox Series. Ова, заедно со повисоките цени на игрите (на пр. „Mario Kart World“ за 80 долари), го прави Switch 2 значително поскап од оригиналот.

„…Switch 2 вреди и поради неколку други работи. Како на пример доколку сакате да имате Switch нов, можеби е глупо и скапо, но е подобро да се вложува во оваа конзола за разлика од стариот Switch уред. Најдобро е да вложите во овој нов модел со тоа што доколку сакате да ги играте старите игри, доколку ги немате играно, ќе си барате луѓе коишто ќе ви ги донираат за да ги изиграте. Единствена причина зошто би го предложил е само доколку сте немале. Нема друга причина искрено… или не знам што друго би кажал.

Кога е најдобро да се купи – Како што кажав и погоре, веднаш доколку имате финансии да вложите и сакате, но доколку не ви е мерак, почекајте да излезат нови игри коишто ќе ви фатат око. “, вели Марио Спасевски од GG.MK.

Ако сакате повеќе податоци за искуството на Марио Спасевски со конзолата „трк“ на GG.MK.

Рекордни продажби за Nintendo

За тоа колку беше очекувана конзолата од фановите на Nintendo најдобро покажува податокот дека е најбрзо продаван хардвер од Nintendo досега. Само во првите четири дена конзолата продаде 3,5 милиони копии, објави компанијата на својот блог.

Ако не успеавте да дојдете до Nintendo Switch 2 или ако конзолата ви изгледа прескапо во моментов, можеби ќе ве утеши заклучокот на Business Insider кој предвидува одлична иднина за Switch 2.

„Да, Nintendo Switch 2 е одлична конзола. И за една или две години од сега, можеби ќе биде најдобриот производ што Nintendo некогаш го направил. Но, во моментов, тоа е небитно подобрување. Тоа е најдобриот избор за нови играчи кои никогаш не купиле оригинален Switch, но е прескап за постојните сопственици на Switch.“

WWDC 2025: iOS 26, нов Liquid Glass дизајн и други најави од Apple

Минатата недела хардвер и софтвер ентузијастите можеа да ја погледнат WWDC 2025 на Apple. На овогодишната конференција, компанијата претстави некои интересни нови функционалности кои ќе пристигнат на iPhone, iPad и Mac компјутерите подоцна оваа година преку новите надградби на софтверот. Клучен за овие промени е новиот дизајн јазик на Apple, наречен Liquid Glass. Според компанијата Liquid Glass ќе доаѓа со визуелни подобрувања и полу-проѕирен изглед на сите оперативни системи. Редизајнот ќе го поедностави корисничкиот интерфејс и ќе ја зголеми продуктивноста. Веројатно не е изненадување дека функциите на Apple Intelligence се интегрирани во сите софтверски надградби, а корисниците можат да очекуваат променети виџети,  преработени апликации и многу повеќе.

Liquid Glass е најголема надградба на дизајнот досега. Најголем дел од елементите, како виџети и нотификации, сега ќе бидат полупроѕирни. Целта на ова е да се постигне униформираност низ iOS, iPadOS и macOS.

Другата лесно забележлива промена е преименувањето на сите оперативни системи на Apple. Наместо генерациски броеви, тие сега ќе добиваат годишни ознаки. Така, iOS 19 станува iOS 26, а другите ги добиваат имињата iPadOS 26, watchOS 26 и слично. Отсега сите оперативни системи на уредите на Apple ќе доаѓаат со годишни идентификатори.

iOS 26

iOS 26 добива суптилни, визуелни измени. Промените се инспирирани од visionOS, со преклопувачки елементи и заоблени агли. Иконите на апликациите и лентите со алатки имаат проѕирен изглед. Секако, не ни треба да се сомневаме дека клучните апликации како Phone, Messages и FaceTime остануваат препознатливи.

Најголем редизајн има кај апликацијата Phone, скролањето е во прв план за лесен пристап до контакти, скорешни повици и говорни пораки. Новата функција Hold Assist ја исклучува музиката за чекање додека сте на повик. Транспарентна лента на дното на екранот овозможува брз пристап до дополнителни функции.

Контролиа и навигација на Liquid Glass на iOS 26

Messages сега ќе може да ја промени бојата на позадината за групни пораки и прашања (анкети). Новите функции за скрининг овозможуваат брзо разделување на пораките од непознати испраќачи и нивно префрлање на засебна локација. iOS 26 ќе овозможува комбинација на две емоџи за создавање ново, па дури и користење на ChatGPT за Genmoji. Live translate автоматски ќе ги преведува пораките. Слични функции се достапни за FaceTime и Apple Music (за превод и изговор во живо). Call Translation API ќе биде достапен за програмери кои ќе можат да го додадат во своите апликации.

Apple Maps сега ќе учи од секојдневните патеки и ќе предлага алтернативни патеки врз основа на сообраќајот. Исто така, ќе ги евидентира „посетените места“. Апликацијата Wallet ќе поддржува Digital ID за потврда на идентитетот и бординг карти.

Visual Intelligence е подлабоко интегрирана, овозможувајќи визуелно пребарување на што било на екранот на iPhone. Со едноставен скриншот, корисниците ќе може да пребаруваат слични објекти преку интернет и други апликации.

watchOS 26

Liquid Glass доаѓа и на watchOS 26, а заедно со него и функцијата Workout Buddy. Оваа функционалност го анализира фитнес историјатот и овозможува податоци во реално време за време на тренингот. Апликацијата е своевиден аудио тренер, кој може да го информира и да го охрабри корисникот за време на вежбите. Новата интеграција со Apple Music му овозможува и да избира плејлисти според видот на вежбањето.

macOS Tahoe

Следната верзија на десктоп оперативниот систем на Apple се нарекува macOS Tahoe. Liquid Glass дизајнот доаѓа и тука, со полупроѕирни и заоблени елементи. Корисниците ќе имаат опции за прилагодување на позадини, бои на фолдери, па дури и додавање емоџи на нив.

Intelligent actions доаѓаат во апликацијата Shortcuts, интегрирајќи ја Apple Intelligence за создавање сопствени кратенки со AI можности.

MacOS Tahoe 26 / Image Apple

iPadOS 26

iPadOS 26 го вклучува Liquid Glass редизајнот и повеќето од новите функции од iOS 26, вклучувајќи ги преработените апликации Phone и Games. Уникатна за iPad е новата лента со мени и функцијата за прозорци, што го прави интерфејсот на таблетот повеќе налик на macOS, подобрувајќи го мултитаскингот. Корисниците ќе можат да ги менуваат големините на прозорците, да ги закачуваат и привремено да ги повлекуваат.

Апликацијата Files на iPad ќе има ажуриран приказ на листа и опции за прилагодена боја. Корисниците исто така ќе можат да изберат програми за отворање одредени фајлови.

visionOS 26

Следното софтверско ажурирање за Vision Pro системите вклучува нови функции на Apple Intelligence, просторни искуства и повеќе. Просторните виџети доаѓаат на visionOS 26, овозможувајќи виџетите да останат на фиксна позиција во видното поле на Vision Pro. Spatial scenes е нова функција која користи AI за да ги „оживее“ фотографиите.

Највозбудлива вест за visionOS е компатибилноста со PlayStation VR2 Sense контролерите. Со ова значително се подобрува гејминг капацитетот на Vision Pro. Секако, во случај на овој прескап сет за проширена реалност, гејмингot е само дополнителна функционалност.

Новото софтверско ажурирање ќе донесе eye-scrolling. Со ова корисниците ќе може да скролаат документи и апликации само со движење на очите.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments