Зимата е период кога најголем број од нас „лекот“ за грипот и главоболката ќе го побараме на Интернет, надавајќи се дека нема да мора да одиме на лекар. Но, на наше изненадување, не се што има на интернет е вистина!
Една од најопасните работи што може да си ги направите е да побарате лекарска помош на интернет. Не сите статии за здравје на интернет ги пишуваат доктори или барем луѓе кои имаат искуство со медицината. Повеќето од нас ќе отидат на Google да побараат совети за здравјето, но тука Google не е баш од најдобра помош. Ако ги побарате сите симптоми кои ги имате ќе добиете преголем број на резултати за да можете да одредите точно што не е во ред со вас. Во општ случај болестите кои ќе ги пронајдете немаат ист начин на третирање, па без точна дијагнозна нема да може да ја одредите терапијата.
При потрага е многу важно да одредите кои страни се веродостојни, а кои се ѓубре кога станува збор за лечење од болести. Интернационално Healthfinder.gov и Mayo Clinic се одлични медицински сајтови, но само доколку знаете англиски, додека од македонскиот сајбер простор би ги препорачале Doktori.mk и Preventus.mk каде статиите се напишани од медицински лица.
Уште поважно, за докторите интеракцијата со пациентот им помага при дијагностицирање на вистинската болест, па со сопствено дијагностицирање можеби несвесно пропуштате некој симптом и се труете со погрешни лекови. За жал, многу мал број на сајтови кој постојат во македонскиот простор овозможуваат директна интеракција помеѓу лекар и пациент. Форумите на Doktori.mk и Femina.mk се едни од локациите каде можете да поставувате прашања до вистински лекари.
За моменталната состојба со заразни болести во Македонија можете да ја посетите страната на Институтот за јавно здравство. Од останатие не се лоши ниту zazdravje.com.mk или moezdravje.com.mk, иако порталите не ги објавуваат податоците или образованието на авторите на текстовите. Сајт за проверка на здравственото осигурување е секако сајтот на државниот фонд, или moeosiguruvanje.fzo.org.mk.
Сајтовите се присутни и на Facebook и најчесто имаат навремени и практични совети. Една од основните забелешки на Facebook страните за здравствени совети (со чест на исклучоците) е што премногу наликуваат на приватни Facebook страни, кои имаат и премногу бесмислени „ми се допаѓа“-содржини.
Без разлика на квалитетот на онлајн услугите од областа на здравството, општ впечаток е дека најдобро би било вашиот прв избор да биде посета на лекар. Доколку тоа не е можно тогаш телефонска консултација со матичниот лекар. Дури потоа може да се обратите кон Google и да пребарувате каква храна да јадете, каков чај да пиете и други додатни работи кои можат да ви помогнат побрзо да се излечите.







