Основното јавно обвинителство најaви отворање на случај за говор на омраза. Говорот на омраза кој деновиве може да се прочита на друштвените мрежи е за осуда, во врска со катастрофалните пожари во Атина мора да биде осуден. За волја на вистината, овој пат е избегнато повикувањето на насилство, иако и ова го имаше доволно минатиот период.
Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас оформи предмет во врска со определени написи и коментари по социјалните мрежи, а со кои преку компјутерски систем во јавноста се шират расистички и ксенофобични материјали. Објавените текстови во социјалните мрежи се насочени кон пожарот во близина на Атина, Република Грција во кој има и човечки жртви.
Јавното обвинителство ќе испитува дали преку пишувањето на коментарите и написите на социјалните мрежи е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност. Следува преземање на дејствија со цел обезбедување докази во предметот. Воедно, ќе се утврдува идентитетот на лицата кои преку објавување на написи и коментари учествувале во ширењето на говорот на омраза.
За жал, и овој пат друштвените мрежи покажуваат дека се простор на кој си ги задоволуваме и најниските страсти. Од дел од коментарите, без разлика дали подлежат под закон или не, ако имате барем малку воспитание ќе ви се преврти утробата.
Членот 394-г од кривичниот законик по кој би можеле да одговараат осомничените гласи:
(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.
“Никој не е роден со омраза кој другите поради бојата на кожа, неговото минато, или неговата религија. Луѓето учат да мразат, а ако можат да научат да мразат, можат да се научат да ја сакаат, бидејќи љубовта му доаѓа поприродно на човечкото срце отколку нејзината спротивност ” – Нелсон Мандела.