„Хакирани сте, сите податоци се криптирани!“, ова е пораката која може да се прочита на станиците за јавен превоз во Сан Франциско, популарно наречен Муни. Освен ова на терминалите се забележани и пораките „Не работи“ и „Бесплатен превоз“.
„Хакирани сме“, тврди анонимен работник од Муни, додавајќи дека проблемот е од петокот. Пораката која ја добиле е: „Хакирани сте, сите податоци се криптирани. Контактирајте нѐ за клуч. (crypt^m27 @ ^andex.com) ID:681, Enter“, пренесува San Francisco Examiner.
„Немаме намера да даваме интервју и да ја шириме веста! Нашиот софтвер функционира автоматски и не сме таргетирале ништо. SFMTA мрежата е многу отворена и 2000 сервери/PC-а се инфицирани од софтверот. Чекаме контакт на некој од одговорните од SFTMA, но мислам дека не сакаат договор. Утре го затвораме овој мејл.“, вели сопственикот на и-мејлот кој е оставен на пораката на ransomware софтверот, за Verge.

Поради ова, за да се намали влијанието врз граѓаните, се одлучиле да го отворат превозот за сите. Превозот со Муни возилата е бесплатен целиот викенд и според вестите сè уште е бесплатен.
„Во моментов работиме на решавање на ситуацијата. Истрагата е во тек, и не е прикладно да даваме дополнителни детали.“, вели Пол Роз, портпарол на San Francisco Municipal Transportation Agency.
Според описот нападот наликува на „ransomware“. Нападот овозможува криптирање на сите податоци и барање на откуп за нивно отклучување. Засега е нeјасно како е заразен системот, и дали од Муни размислуваат да го исплатат откупот, како и висината на истиот. Ransomware е еден од поголемите ризици за секој компјутер приклучен на интернет, дури и многу македонски интернет корисници се зафатени од овој злонамерен код, повеќе на таа тема, тука.
Надополнето @ 29.ноември во 17.35 ч:
Хакерот кој го држи јавниот превоз во Сан Франциско под опсада, бара 100 биткоини (вредност околу 73.000 американски долари). Во спротивно се заканува дека ќе објави податоци за корисници и вработени во тежина од 30 GB.
По ова, на сајтот на експертот за компјутерска безбедност Брајан Кребс, KrebsOnSecurity, беше објавена информација дека аналитичар и истражувач во доменот на компјутерската безбедност, кој сакал да остане анонимен, успешно го хакирал мејлот на хакерот-уценувач, со тоа што го погодил тајното прашање за ресетирање на и-мејлот.
Според пораките во мејлот, хакерот-истражувач потврдил дека на хакерот-уценувач му биле исплатени околу 45.000 американски долари во 63 слични случаи каде што користел ransomware. Според проценките, хакерот-уценувач до сега има собрано над 140.000 долари во биткоини од разни организации.
Во дополнителното истражување на серверите, се сомнева дека адресата од која што хакерот-уценувач се логира на серверите е од Иран, а телефонот поврзан со овој случај е од Русија.
Се очекуваат повеќе детали од случајот наскоро…