NASA Space App Challenge е дводневен хакатон во кои учествуваат тимови составени од технолози, научници, дизајнери, уметници, едукатори, претприемачи, програмери и студенти од целиот свет. Целта на натпреварувањето, кое се одржува од 2012-та година, е преку партнерство да се пронајдат решенија за дел од проблемите кои се актуелни. NASA Space App Challenge Macedonia ќе се одржи на 12-13 април, а свеченото отвaрање е еден ден порано на 11 април. Заинтересираните веќе можат да се пријават на настанот, а пријавувањето трае до 29 март. Организатори во Скопје за 2014 се СПУКИМ, СП ФИНКИ СП МФС, СП ФЕИТ, ИЕАСТЕ Македонија, БЕСТ Скопје и ЕЕСТЕК Скопје. Локацијата каде што ќе се одржи натпреварот ќе биде дополнително објавена.
Предизвиците на овогодинешниот Space App Challenge се поделени во неколку области. Учесниците се охрабрени да го одберат предизвикот кој најмногу ги привлекува, но и оние за кои нивните вештини се најприлагодени. Категориите се: технологија во вселената, човечки вселенски лет, астероиди, роботика или набљудување/зачувување на земјата.
Организаторите оваа година обезбедија и директно вклучување во живо од NASA центарот во Њујорк. За време на вклучувањето присутните ќе можат да разговараат со главниот научник на NASA, Елен Стофан, заменик-директорот за информации на NASA, Дебора Фиаз, а два астронаути, Даг Вилок од САД и Паоло Неспол од Италија, ќе го презентираат нивното искуство во вселената. Покрај ова во вклучувањето ќе учествуваат и директорот на програмата за предизвици и награди Џен Густетик и директорот за дивизијата за напредни системи за истражување на Вселената, Џејсон Крусан, на кои ќе можат да им се поставуваат прашања за предизвиците. Жири комисија ќе ги одбере двата најдобри тима од секоја локација, а овие проекти ќе бидат номинирани за интернационалното оценување. Избраните проекти треба да бидат прогласени за најдобри во една од следниве 2 категории: Best Use of Data, Best Use of Hardware, Best Mission Concept, Galactic Impact и Most Inspiring. Победниците на хакатонот ќе добијат покана да присуствуваат на лансирање на вселенско летало во САД.
[youtube]XLqjceJaG4w[/youtube]