Колку е популарен преведениот софтвер?

Avatar img-thumbnail img-circle

во ИТ.МК

(Ова е гостински текст на Новица НаковСлободен Софтвер Македонија по повод на Светски ден на интелектуална сопственост. За вечерва, понеделник 26 април, е закажан настан во хаклабот „КИКА“.)

На барање на читател да провери колку луѓе користат локализиран (преведен) софтвер поставивме анкета „Дали користите софтвер преведен на македонски“ на почетната страна. Анкетата е поразителна. Скоро 70 отсто од корисниците не користат софтвер преведен на македонски.

Анкета си е анкета. Но, мора да земеме во предвид дека се работи за нашите читатели и членови, кои имаат познавање за ИТ, користат разновидни софтвери и кои колку толку знаат англиски.

Затоа не можевме да ја земеме анкетата како таква, ни беше чудна, посебно бидејќи на форумот на IT.com.mk се водеше дискусија за преведување на делови од најновиот Firefox 3.6 и Тhunderbird. Овие два продукти на Mozilla уживаат огромна популарност кај македонските корисници. Firefox е убедливо најкористениот прелистувач.

Со цел да имаме валидна анкета, разговараме со Дамјан Георгиески од Слободен Софтвер Македонија, кој има долгогодишно искуство со преведување софтвер на македонски.

„Скоро добив некои прелиминарни анализи од Mozilla – базирани на нивни истражувања – кои покажуваат дека во Македонија околу 30 отсто од луѓето користат Firefox на македонски. Другите се англиски, а изненадува дека под 1% користат на албански.“ вели Дамјан.

Преведените Mozilla продукти се веќе подолго време достапни. Firefox се преведува од 2003 година, уште кога се викаше Firebird.

„Во тоа време, работата често се одвиваше на преведувачки маратони, но потоа Новица Наков ја превзема главната одговорност за Firefox и Thunderbird. Јас му се приклучувам нешто покасно и успеваме да го одржиме Firefox постојано преведен од 1.0 до последниов 3.6. Дел од преводот е наследен од првичните маратони и Mozilla suite (посебно за Thunderbird), но кај Firefox ми се чини е целиот поминат уште еднаш и доведен до прилично добро ниво на квалитет.“ вели Дамјан кој додава дека од време на време се појавуваат заинтересирани волунтери кои сакаат да преведуваат софтвер.

Често најголемиот проблем со преведениот софтвер е несигурноста на корисниците кога се соочуваат со англиски јазик, вели Дамјан покажувајќи на неколку ситуации, кои не само тој, туку верувам и другите сме ги доживеале.

„Некои лични анегдотски приказни говорат дека одредена популација се осеќа прилично несигурно кога се соочува со англиски јазик. Приказни од типот:

  • јас: .. знаеш дека можеш да користиш bookmarks за тоа и тоа …
  • тој: .. ах се вие со такви некои зборови …

друга ситуација:

  • јас: … знаеш дека можеш да си ја *обележиш* страната и да ја имаш во обележувачи;
  • тој: ахааа ..

има еден момент, кога некој што е несигурен во своето познавање на англиски, веднаш го блокира дијалогот кога ќе се спомне некој таков збор. многу по глатко тече дијалогот кога се користи само кирилица. :)“

Преведувам делумно за потреба, делумно бидејќи е предизвик, вели Дамјан. Интересно, покрај ентузијастите, преведувањето на софтверот нема многу подршка од институциите. „Сме се обиделе да допреме до разни факултети и институти, одговорот е прилично поразителен, барем за мене, со оглед дека тоа се институциите од кои највеќе очекувам.“ вели тој додавајќи „Но тоа е долга и посебна приказна.“

Во секој случај, анкетата и статистиката на Mozilla покажува дека ентузијастичкиот труд допре до 30 отсто од корисниците кои сега имаат корисен софтвер на македонски.

„Софтверот на македонски веројатно нема да им помогне полесно да го сфатат само со гледање во него, но ќе им помогне во дијалог со нивната околина и заедница.“ вели Дамјан Георгиески.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments