ИТ Кариера: Дизајнери повторувајте по мене – Портфолио, портфолио, портфолио…

во Статии

Image courtesy of Galymzhan Abdugalimov/StockSnap.io

(Ова е првиот текст од серијалот на тема ИТ Кариера во .мк општеството кој ќе ви помогне да ја пронајдете и добиете вистинската ИТ позиција за вас.)


Сте го слушнале милион пати, портфолиото е најглавната алатка која ја имате против илјадниците кандидати како вас. Она што мора да се запамети е дека портфолиото дури и ако делува празно на почеток, без многу проекти и продукти на клиенти, како дизајнер треба постојано да создавате и да го обновувате ако ништо друго со ваши проекти.

Дизајнерските натпревари се секогаш добро место за тренинг како и за да добиете чувство каков е креативниот процес на многу други ваши колеги. Без разлика дали сте на Dribble или пак на GitHub она што треба да го покажете секогаш треба да изгледа врвно бидејќи тоа секогаш се очекува од вас.

Но, проектите во вашето портфолио мора да знаете да ги испрезентирате доста добро за да може да го продадете вашиот труд и секако да ја добиете работата. Во портфолиото, презентирано преку веб сајт или PDF документ е прикажан вашиот работен процес, знаењето, интересите, алатките кои ги користите. Портфолиото е можеби едно од најважните медиуми на еден одличен графички дизајнер.

Задржете го бројот на проекти во вашето портфолио од 8 до 10

Како што времето поминува и вашето портфолио полека, но сигурно се полни со дизајни и различни проекти кои сте ги правеле за ваши клиенти или за лична архива. Она што треба да го направите е да го исфилтрирате и да не ставите повеќе од 10 проекти во него бидејќи колку повеќе слики помалку визуелно ќе ве запаметат. Доколку пак имате 8 тогаш вашето портфолио ќе биде доволно полно и ќе го пренесе саканиот ефект.

Паметно е да се има повеќе верзии од едно исто лого, икона или нешто слично бидејќи покажува колку вие всушност сте се вложиле во одреден проект.

Не презентирајте проекти што се постари од 3 години

Ова е доста важно бидејќи може да се добие чувство дека дизајните во вашето портфолио изгледаат застарено и тоа не е воопшто добро. Кога навистина се мислите кој проект да биде поприоритетен тогаш треба да се одлучите за комерцијална работа наспроти концепт или некој школски пример.

Знајте ја секоја намена на секое лого и продукт што сте го поставиле

Секој проект има своја намена и места каде може да се испрезентира. Разликата помеѓу добар mock-up и одличен mock-up e токму во погодената намена на производот. Доколку некој клиент продава бижутерија и побара од вас да му направите кормило и во него стилизирана школка секако дека нема да го поставите логото на некоја луксузна кутија.

Уште една предност на натпреварите е што доколку навистина се потрудите може да освоите некоја награда – а често тие се парични, што добро може да ви се најде при набавка на некој нов пен-таблет кој ќе ви ја олесни работата за цртање. Да не збориме дека со тоа ќе имате придобивка да се фалите во вашето портфолио со наградувани дизајни. Тука веќе во самиот старт сте на пол-позицијата и ви гарантираат дека токму вас ќе ве погледнат подетално.

Обидете се да избегнете повторувачки дизајни како и повторувачки mock-up-и бидејќи така вашето портфолио или пак веб сајт ќе изгледаат еднолично. Не се плашете да играте со бои. Добро поставени нијанси никогаш не можат да ви нашетат.

Правило за огромна почит е да бидете кристално јасни кога некој проект го создала група на луѓе. Најдоброто нешто што можете да го направите во таква ситуација писмено и секако визуелно да го истакнете вашиот удел во тој цел проект. Менаџерите секогаш сакаат да слушнат како дизајнерите што работат во тим осоздаваат впечатливи дела. Секако постои и шанса да се погодите со вашиот колега или колешка кој/а сега ви е конкуренција и кој/а го ставил/а истиот проект во своето портфолио а некој од вас двајца не ги потпишал останатите.

Испечатено или дигитално портфолио?

Интернетот го има приматот на стандардно средство за комуникација па така речиси сите компании ги бараат портфолијата да бидат испратени преку мејл. Меѓутоа она што можете да го направите доколку ве викнат на тет а тет интервју е да го понесете вашиот лаптоп или таблет со вас за да можете лично да ги испрезентирате проектите, што може да биде голем плус.

Доколку сте во можност да го испечатите вашето портфолио направете го тоа уште веднаш. Да ги имате вашите логоа, илустрации и слични дела на хартија е доста вредно доколку сакате да оставите добар впечаток, па и примерок во една компанија. RGB може да покаже само малку од она што CMYK може да го испечати и да ги долови оние одблесоци од картон или мрсна хартија за да ги покажете вашите дизајни во вистинското светло.

it-kariera-reklama

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk