Во случај да често држите онлајн предавања или пак снимате туторијали, тогаш знаете дека е исклучително важно курсорот да е видлив и визуелно да ги истакнува сите движења, кликнувања и одбележувања.
Најновата верзија на MouseCast ви помага одлично да го насочите вниманието на гледачите така што ја менува формата на курсорот во голем концентричен црвен круг кој ја менува дебелината секојпат кога ќе кликнете. Дополнително, секојпат кога ја користите тастатурата за да пишувате, црвениот круг на курсорот станува полупровиден.
MouseCast нуди значително повеќе опции за сигнализирање на операциите кои ги вршите со вашето глувче. Имено, при секое кликнување се прикажува една икона, а при секое скролување – друга, се со цел подобро да разберат гледачите што правите на екранот. Различни сигнализации се прикажуваат и при кликнување и влечење линии, одбележување работи и многу повеќе.

Доколку решите да ја инсталирате оваа бесплатна алатка, ви препорачуваме и да користите одредени кратенки за уште подобра сигнализација. Па така, Esc+L го затемнува екранот насекаде освен во непосредната близина на курсорот. Комбинацијата на копчињата Esc и D, пак ви дозволува да цртате низ екранот, да ја менувате бојата и дебелината на линиите со кои цртате. Тоа што го цртате можете да го правите полувидливо играјќи се со симболите + и -.

Преземете ја алатката од официјалниот сајт на компанијата Nixsoft.







