Пиратската партија има поддршка од речиси половина од гласачите на Исланд, и доколку се одржат избори денес ќе имаат мнозинство во парламентот. Ова станува реална можност по оставката на премиерот Зигмунд Давид Гунлаугсон откако беше обелоденето во Panama Papers дека има тајна компанија. Откритието доведе до протести на кои над 20.000 граѓани побараа негова оставка и формирање на нова легитимна влада.
Исландската Партијата на пиратите се либерали кои се залагаат за транспарентност и директна демократија, и како и другите „пирати“ во Европа се фокусира на проблемите што ги имаат старите легислативи во новиот дигитален свет, како авторски права и слобода на споделување на информации.
Иако исландскиот парламент изгласа нов премиер, опозицијата и демонстрантите бараат да се изгласа недоверба на владата и барање за предвремени парламентарни избори. Доколку овие избори се одржат сега, пиратите ќе имаат 43 отсто од гласовите, вели Independent.
Посетителите на минатогодишниот Engage во Скопје несомнено се сеќаваат на говорот на Смари Мекарти, ко-основачот на партијата, кој беше еден од говорниците. Говорот е од минатата година, но се чини подеднакво е актуелен и денес.
„Граѓаните секогаш треба да бараат од властите да ги оправдаат своите одлуки, треба да знаат што се случува, зошто се случува и што ќе добијат од тоа? Граѓаните треба да бараат одговори!, и тие одговори треба да започнат со аферата со прислушувањето. Тоа е велепредавство кога власта ги прислушува своите граѓани, вели Смари, и треба да разбереме дека властите мора да бидат отворени кон граѓаните. Но, граѓаните исто така треба да разберат дека има многу препреки, и наместо да размислуваат за нив, тие треба да наоѓаат начини како да ги решат проблемите“.