Од почетокот на месецов, на друштвените профили започна да функционира платформата ВидиВака, чија мисија е да ги донесе актуелните теми во општеството до публиката која поминува часови и часови на Facebook, Twitter, Instagram и YouTube. Публика која практично и не поседува телевизор и нема навика да ги процесира информациите преку традиционалните медиуми.
Форматот на кој ВидиВака ги пакува вестите е исклучиво кратко и информативно видео, пример едно од нивните првични објавени видеа:
Во продолжение дискутираме со еден од претставниците на проектот ВидиВака, Мите Кузевски, кој ќе ни објасни нешто повеќе за идејата…
Што точно е Види Вака? Кој стои зад проектот? На сајтот читаме дека е поддржан од проект на USAID, но во поглед на иницијатор, екипа? Кој го реализира?
ВидиВака е медиум за генерацијата која е во постојано движење, која често времето го поминува на социјални мрежи и која доста од информациите и вестите ги прима преку мобилните уреди. Иницијативата е на Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа во соработка со NewMediaMK а е поддржана од проект на USAID.
Дали инспирација за сервисот е NowThis?
NowThis како водечки медиум кој произведува видео вести наменети само за восприемање преку социјалните мрежи е нашата главна инспирација. Има и други кои ги прават овие видео вести но тие или се и традиционален медиум или не се на нивото на кое NowThis ги продуцира овие видео вести.
Kоја е вашата целна група која сакате да ја опфатите со вашите видеа?
Нашата целна група е генерацијата која е во постојано движење и на која и треба добро спакувана информација која лесно и брзо може да се прими додека патувате, додека сте на работа или сте во движење.
Која е целта на проектот? Дали видеата објавени на ВидиВака ќе бидат достапни само на профилите на ВидиВака или и по другите медиуми?
Целта е да се даде точна и лесно восприемчива информција која лесно ќе допре до оние групи на луѓе кои не се научени да гледаат класични информативни емисии. Видеата на ВидиВака може да бидат објавени на секој медиум дали онлајн или традиционален доколку сметаат дека веста е вредна и за нивната публика.
Снимањето на видео материјали и обработка е доста макотрпен процес, колкава е групата на соработници на ВидиВака? Од каде ќе ги набавувате видео материјалите?
ВидиВака моментално има 4 соработници, но наскоро тимот ќе се прошири со уште 4 нови соработници. Имаме техничка можност сами да ги продуцираме видеата, но исто така и позајмуваме материјали со дозвола кои ги користиме во нашите видеа или пак користиме видео материјали кои се јавно добро.
Како последица на загадениот #воздух годишно умираат 1.350 луѓе во #Македонија. #ВидиВака #НеСеДише pic.twitter.com/FD1BlXs4n5
— Види Вака (@VidiVakaVideo) November 26, 2016
Дали е во план ВидиВака да покрива и вести на терен со свои новинари, концепт на класична ТВ куќа?
Покриваме вести на терен но не во концептот на класична ТВ куќа. Ние не ги бркаме дневните настани туку бркаме теми кои се од општествен интерес. Ако го следите развојот на NowThis, кои се наша инспирација – тие веќе покриваат настани како класична ТВ куќа, иако вестите одат само на социјалните мрежи, но за тоа им требаше подолг период, а сепак ние сме на почетокот.
Дали има некои теми кои Види Вака ќе ги избегнува, од типот политика со оглед на тоа доаѓаат престојните избори или пак планирате активно вклучување во покривање на настаните околу изборите?
Политика не е тема која планираме да се избегнува. Напротив, сметаме дека таа тема и тоа како е од општествен интерес со што се вклопува во нашата цел. Поради ограниченост со време и човекови ресурси во овој почетен период ќе покриваме теми од политика, општество и култура.
Дали луѓето можат да се приклучат кон споделувањето на видеа, теми и вести и како?
Да, доколку некој сака да предложи тема или испрати видео, може слободно да нѐ контактира на некој од нашите канали на социјалните мрежи:
- https://www.facebook.com/vidivakamedia/
- https://twitter.com/VidiVakaVideo
- https://www.youtube.com/channel/UCpfYcWDYyzmKyOzeU60Reqw
- https://www.instagram.com/vidivaka/
Доколку темата е во склопот на тоа што го работиме секако дека ќе биде прифатена, обработена и објавена како видео вест.
[…] и тогаш имавме шанса на самиот почеток да дознаеме нешто повеќе за нив и за идејата позади оваа платформа, па така и денес, кога одбележуваат 500 видеа, дознаваме […]