South Central Ventures (SCV) e Venture Capital фонд, односно фонд за ризичен капитал на македонски, кој инвестира во компании кои развиваат tech решенија со потенцијал за освојување на светските пазари. Со канцеларии во Скопје, Белград и Загреб фондот е достапен за комании од Западен Балкан кои се во рана фаза на развој или во фаза на раст, со финансии до 3 милиони евра по компанија во текот на животниот век на инвестицијата.
„Во суштина, нашата улога е да станеме партнер на основачите во нивниот бизнис, обезбедувајќи финансии, знаење и контакти кои би го забрзале нивниот раст,“ – велат од SC Ventures.
SC Ventures се појави во Македонија пред околу 3 години, оттогаш пишувавме за повеќе инвестиции во бројни стартапи од регионот и Македонија. Во Македонија најверојатно ги паметите по инвестицијата во македонскиот стартап Letz, инвестицијата во македонско-британскиот InPlayer, како и последната, трета инвестиција во македонско-британскиот Cognism.
Што вклучува нивната работа, какво е нивото искуство со македонските стартапи и како македонските компании може да стапат во контакт со нив за потенцијална соработка зборувавме со Ивана Станковиќ и Игор Маџов, кои работат во канцелариите на SC Ventures во Скопје.
Поминаа три години од влезот на South Central Ventures во Македонија. Какво е искуството досега? Има ли интерес и иницијатива од македонските стартапи?
Токму така, SCV започна со своите активности кон крајот на 2015 како првиот VC фонд со фокус на регионот. Во изминатата година бевме во контакт со поголемиот дел од IТ заедницата во Македонија и искрено можеме да кажеме дека е импресивно колку активна заедница имаме споредено со соседните земји од регионот. Интересот на македонските компании е голем уште од самиот почеток и досега сме се сретнале со стартапи од секоја фаза од животниот циклус на една компанија, од тимови кои се само на ниво на идеја до компании во зрела фаза за кои нашиот фонд е премал. Во регионот со радост ги следиме успесите на компаниите со кои доаѓаме во контакт во многу рана фаза од нивниот развој и се трудиме да ги поддржиме во нивните напори бидејќи е многу важно да се изгради однос на доверба затоа што SCV може подоцна да стане дел од нивната приказна.
Кои се најголемите успеси кои ги постигнавте овие 3 години во Македонија, па и на Балканот?
За еден VC фонд успехот доаѓа по многу години работа и може да сe рече дека наликува на трчање маратон со пречки, во смисла на деловни подеми и падови. Она што не прави навистина горди е што во изминативе 3 години бевме активно вклучени во градењето на стартап екосистемот како и подигнување на културата за водење бизниси и растење на глобален бизнис од Македонија заедно со поголем број чинители. Веќе не разговараме само за тоа како да се дојде до првите 100К туку што да се направи за да се обезбеди соодветен раст, зголемување на приходи, ширење на пазари и нови рунди на инвестиции како и потенцијални продажби и преземања на бизниси. Во Хрватска, Србија и Македонија веќе неколку од нашите компании ја затворија втората, па и третата рунда на инвестиции за да се поддржи успешниот раст и покрај нашите средства преку нашата мрежа обезбедивме дополнителни стратешки инвеститори од Велика Британија и САД. Неколку од бизнисите ја добија и првата понуда за преземање, дали комплетна, парцијална или само преземање на тимот, но сето тоа е доказ дека од овој регион може да се изградат квалитетни компании со одлични тимови и соодветна и навремена поддршка.
Кои се најголемите предизвици и ризици со кои се соочувате во вашата работа?
Ние постоиме за нашите компании и работиме да им помогнеме во нивната амбиција да остварат и повеќе од што замислиле. Затоа што работиме првенствено со луѓе (основачи) неопходно е да се изгради однос на доверба. Предизвикот е како да се биде професионален, а воедно да се биде поддршка и партнер и во моменти кога работите одат како што треба и во оние тешки ситуации кога се соочуваат со проблеми. Понекогаш е тешко е да се донесат вистинските одлуки бидејќи ние имаме обврска да ги штитиме интересите и на нашите инвеститори.
Доколку постоеше сомнеж во 2016 дали ќе се пронајдат доволно квалитетни компании за да се инвестира во нив, сега предизвикот е да се обезбеди посакуваниот поврат на инвестициите. Свесни сме дека колку е поголем успехот на секоја компанија, толку тоа е подобро за нашата земја бидејќи тоа е единствениот показател за нашиот квалитет, а воедно и најдобар амбасадор на земјата во регионот и Европа.
SCV најверојатно е една од организациите кои се во најблизок допир со македонските стартапи. Какво е искуството од ова? Што е она што најмногу недостасува на македонската стартап сцена за да може го имаме „следниот голем стартап“?
Она што секогаш го кажуваме е дека без добро изградена стартап заедница многу е тешко да се очекуваа земја како Македонија да произведе голем број на успешни стартап приказни. Мислам дека 2018 година е годината кога македонскиот екосистем престана да лази и почна да чекори во една насока. Оваа година се обидовме да бидеме присутни или да дадеме поддршка на голем број иницијативи, програми и компании затоа што сметаме дека имаме што да споделиме и дека недостасува знаење во многу области. Startup Macedonia во своето истражување идентификуваше многу полиња за напредок како недостатоци споредено со поразвиените екосистеми. Ние само би додале дека треба да го искористиме потенцијалот кој го имаме однадвор, во делот на дијаспората и странските конекции, внатрешниот потенцијал на младите и нивно континуирано продлабочување во компетитивни технологии (ML, AI), алокација на ресурси во R&D и комерцијализација на иновации.
По првата инвестиција од 2 милиони фунти, македонско-британската компанија Cognism пред некој ден објави и нова инвестиција од 2.8 милиони фунти. Што и е потребно на една компанија за да се подготви за ова? Што гледате кога ги евалуирате стартапите?
Cognism е компанија која служи за пример на тоа како од MVP до компанија со рапиден раст се стигнува за помалку од 2 години и 60+ вработени во Скопје и Лондон. Многу е лесно кога се навраќаш назад на се што поминало, но во моментот на донесување одлука се земаат предвид многу варијабли. Покрај финансиските анализи, техничката издржаност на решението и интуицијата си поставуваме едно хипотетичко прашање: „Дали тимот го има искуството, знаењето во областа, мотивацијата и посветеноста да и покрај сите турбуленции за 5+ години од инвестицијата изгради глобален бизнис со 50+ милиони вредна компанија?“
Дополнителен предуслов е подготвеноста или големината на основачите да вклучат партнер, да сакаат да добијат мислење и совет и да донесат тешки одлуки и некогаш тоа знае да биде нештото што ќе не натера да не инвестираме доколку сметаме дека со некој мнооогу тешко ќе биде да се соработува. Чисто за пример, пред ICO (Innitial Coin Offering) меурот да пукне имавме многу компании на кои тоа им се чинеше како логичен чекор за настап на пазарот, додека ние и покрај тоа што ги прифаќаме глобалните трендови ги советувавме да не го изберат тој пат доколку тоа не е критично за нивниот бизнис, што се покажа како добар совет за 2018 година.
Колкаво е значењето на фондот за локалната стартап сцена? Како најдобро стартапите можат да ги искористат придобивките од SCV?
Свесни сме дека секогаш може повеќе. За оние кои не познаваат знаат дека сме секогаш отворени за соработка, немаме формален процес на аплицирање и лесно може да договориме средба на која ќе ни презентираат на што работат. Нашите колеги од другите канцеларии ни посочуваат дека во Скопје одиме и чекор понапред од она што VC фонд вообичаено би го направил во некоја друга географска одредница. Не секогаш сме идеалниот избор за секоја бизнис идеја, но сме спремни да ја направиме потребната конекција со инвеститор или клучен клиент, да дадеме конструктивен фидбек за бизнис планот, планот за освојување на пазарот и финансискиот модел. Во следната година влегуваме во 4тата година од постоење и имаме големо акумулирано знаење и искуство со се што сме поминале со нашите компании и како фонд со државни институции, банки, правници и останати стартап чинители и не радува дека ќе имаме поголем број на стартап програми со кои тоа искуство може да го споделиме. Можеби веруваме во добра карма, па кој излегол од комфорната зона и ни пристапил со конкретен предлог-барање не сме го одбиле за кафе муабет.