Интервју со Петар Котевски, добитник на наградата за најдобра бизнис идеја

Со искуство од странство и парична награда од владин натпревар, Петар Котевски ќе се обиде со својата новооснована компанија Камај Медиа да го освои светскиот пазар на видео игри. Неговиот бизнис план има најголем потенцијал од 104 пријавени од 23 града, вели комисијата на натпреварот за најдобра бизнис идеја од проектот „Фабрика на бизнис идеи“.

Петар вели дека неговата компанија напредува со добро темпо и дека следната фаза е да го посетат гејминг саемот Е3 во Лос Анѓелес каде ќе поразговараат со партнери и со надеж дека ќе најдат издавач кој ќе им ја дофинансира изработката на играта.

Честитки за наградата. Каков е планот сега? Кој е следниот чекор во развивање на идејата?

Bлагодарам за честитките. Натпреварот за најдобар бизнис план течеше веќе од неколку месеци наназад, и во меѓувреме ние веќе се организиравме и почнавме да работиме на реализација на планот опишан во нашиот бизнис план. Регистриравме компанија во Битола со име „Камај Медиа“, изнајмивме простор и се зафативме со работа. Првиот чекор од реализацијата на идејата е да се креира базичната технологија врз која таа ќе се извршува (популарно наречена Engine), и да се доработи идејата за самото сценарио на играта, ликовите во неа, начинот на кој играчите ќе ја играат и првобитните имплементации на аспектите во играта кои се нови и интересни.

Во сите тие аспекти напредуваме со добро темпо, и се надеваме дека во следните два месеци ќе успееме да изработиме краток прототип од нашата игра кој ќе можеме да го користиме за презентација на потенцијални издавачи. Со таа цел планираме да го посетиме саемот Е3 во Лос Анџелес во jуни и да собереме корисен фидбек од нашите потенцијални партнери, што би ни помогнало да ја доиспегламе нашата идеја и имплементација до наесен. Потоа се надеваме дека ќе започнеме преговори за потпишување на издавачки договор, со кој изработката на играта ќе биде дофинансирана од страна на издавачот.

Кажи ни од каде дојде идејата, и ако можеш да споделиш повеќе детали околу идејата за која велиш дека ќе продаваш на странски пазар на „начин кој е веќе практика во индустријата“?

Планот за основање на вакво студио за изработка на видео игри јас го негувам и одгледувам уште од студентските денови, кога играњето игри беше контрапродуктивна активност, а не нешто од што човек можеше да заработи. Со цел да научам повеќе за начинот на изработка на видео игри, кратко по дипломирањето на ЕТФ 1999 година, јас заминав во странство бидејќи единствено таму постоеја компании за изработка на видео игри. Во следните 10 години работев во компании во Шведска, Германија и САД, но никогаш со намера да го поминам целиот живот во странство. Уште пред да заминам од Македонија, си поставив краен рок за враќање во Македонија – тоа мораше да се случи пред најстариот син да почне да оди на школо (бидејќи сакав да расте и да се школува во Македонија). Во 2010 година го завршив третиот проект во компанијата Bungie во Сиетл, САД, синот само што започна да оди на школо во Америка и заедно со фамилијата решивме дека времето дојде за реализација на планот за враќање.

Што се однесува до идејата за играта која ја работиме сега, тоа е само една од многу идеи за кои ние, како ентузијасти за видео игри, цело време ги вртиме низ глава. Ако успееме да ја реализираме, ќе има време да работиме и на другите.

Што се однесува до практиката во индустријата за видео игри, таа оди некако вака: тим од девелопери (програмери, дизајнери, моделери) ја произведува играта во форма на податочен пакет, кој може да се пренесува дигитално или на некаков конкретен медиум (како DVD). Девелоперот не ја продава играта до конечниот корисник, туку склучува договор за дистрибуција со издавач. При склучување на таков договор, издавачот му го исплаќа на девелоперот потребниот буџет за играта да биде направена, и потоа тој врши умножување, маркетинг и дистрибуција. Откако играта ќе почне да се продава и да прави профит, издавачот си ги повраќа средствата кои авансно му ги дал на девелоперот и му исплаќа на девелоперот процент од профит, регулиран со издавачкиот договор. На овој начин се изработуваат СИТЕ игри кои се во продажба денес.

Дали се работи за мобилни игри, Flash игри, десктоп игри или друштвени игри на друштвените мрежи? Кои се со најголем потенцијал во смисла да привлечат најмногу корисници, и секако најмногу пари?

Не се работи за никоја од категориите кои што ги наброивте. Ние работиме на т.н. ААА игри, што примарно се продаваат на конзоли специјално направени за играње игри- како XBOX360 или PS3. Примарната одлика на овие игри е технолошката и креативната амбиција на играта, но и буџетот за изработка. Нашата принципиелна понуда до странските издавачки партнери ќе биде тоа што ние можеме да направиме таква квалитетна игра за само делче од буџетот што тие би го платиле во странство. Игрите како оваа на која ние работиме достигаат буџети од неколку десетици милиони долари на запад.

Концептот на играта е направен имајќи ја во предвид неговата маркетибилност. Ние не сакаме да направиме игра која ќе им се допадне само на мал број луѓе- сакаме колку што може повеќе луѓе да заинтересираме, дури и некој кој во минатото не играл игри.

Многумина ги сфаќаат видео игрите како несериозни. Но, ти доби награда токму заради нив. Дали видео игрите се погрешно сфатени заедно со нивниот потенцијал?

Jас би допрецизирал дека многумина ги сфаќаат видео игрите како несериозни на овие простори. Во светот тие се одамна афирмирани како сериозна платформа за забава, рамо до рамо со филмови. Вредноста на пазарот со видео игри далеку го надминува вредноста на пазарот со некои покласични форми на забава, кои се сметаат за посериозни само заради тоа што се постари. Во најново време, видео игрите созреваат како медиум, и добиваме видео игри кои излегуваат од калапот на забава и навлегуваат во областа на уметност, или општествен коментар. Такви се игрите како Bioshock: Infinite, Hard Rain, Assassins Creed итн.

Просечната возраст на играчите на видео игри е поголема од 25 години и во последните години има тренд на пораст. Тоа значи дека видео игрите полека излегуваат од светот на тинејџери и адолесценти и влегуваат во културниот меинстрим. Актуелно во моментов е појавата на тн. independent видео игри, игри кои не се обременети од комерцијалниот аспект и се слободни да истражуваат нови начини на комуникација со играчот, нови начини на раскажување приказни итн. Тоа е иста ситуација како и со филмовите, каде покрај холивудската продукција постои и богата независна продукција од каде доаѓаат нови и интересни идеи и талент.

Кога сеуште бев на факултет, често кога ќе ме посетеше татко ми, а јас седнат на некоја игра играм, ќе ми речеше: „Доста играш, зафати се со нешто корисно!“. Му требаше долго време, дури и откако почнав да заработувам од „играње“ игри, да се навикне на таа глетка во која што јас правам нешто што по дефиниција е губење време, а некако некој ми плаќа за тоа. Мислам дека до ден денешен не е помирен со тоа, па избегнувам да седнувам да играм пред него. :)

Твојата бизнис идеја е насочена кон странскиот пазар. Дали тоа е бидејќи нема поента да се стартува таков бизнис во Македонија и зошто?

Не сум сигурен дека го разбирам прашањето, но ќе се обидам да одговорам. Производот што ќе го произведиме ние е наменет за светскиот пазар бидејќи тој пазар конзумира таков производ, и има доволно стандард за да може да си го дозволи. Една нова игра чини и до 50 евра, и пазарите кои таа цена може да си ја дозволат се познати – Северна Америка, Европа, Азија (примарно Јапонија и Кореа), Австралија. Тие пазари имат механизам за дистрибуција, маркетинг и се разбира побарувачка за вакви производи.

Да се стартува ваков бизнис во Македонија не само што има поента, туку е единствената логична работа. Македонија има низок стандард што во индустријата значи ниски развојни трошоци, доста високо креативен потенцијал во облик на луѓе кои имаат уметнички и технички способности, но не и вентил каде што можат нив да ги изразат.

Како што веќе реков, крајниот продукт на ваквиот бизнис е дигитален пакет, за кој нема никакви логистички компликации: нема потрошен материјал кој треба да се увезува, не треба ништо физички да се транспортира, индустријата никаде не е силно регулирана па не е битно дали била Македонија во ЕУ или слично. А самата индустрија е поставена на начин каде што единствената работа која е битна е – колку е интересен производот што го нудиш? Ако е добар, индустријата веќе има механизми да го донесе до крајниот конзумент.

Бизниси како овој, каде производ креиран во Македонија може да се извезе без логистички проблеми на кој било пазар, се многу погодни за Македонија. Барем мој впечаток е дека проблемот за бизнисите во Македонија е пласманот, а не изработката на квалитетен производ.

За крај, ако сакаш да споделиш некое ново инфо или некој совет на другите кои сакаат да започнат свој нов бизнис?

Во Македонија има доста инфраструктура за помош на претприемачи, и јас би му советувал на секој кој сака да оствари некој проект да не се двоуми. Кога првобитно размислував за формирање на компанија тука во Македонија, добив многу поддршка од проектот на USAID „Бизнис без граници“, имплементиран од Стартап центарот во Битола. Луѓето кои работат таму имаат доста ентузијазам и позитивна енергија и беа способни да помогнат во секаков смисол, не само на почеток туку и откако започнавме со работа. Такви центри има во повеќе градови во Македонија и се одличен ресурс.

На крајот би сакал да изразам благодарност до Владата на Република Македонија што го организира натпреварот, и до стручната комисија која виде потенцијал во нашиот бизнис план. Се надевам дека наскоро ќе имаме што да покажеме и ќе ја оправдаме довербата што тие ја покажаа во нас.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
4 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Александар
Александар
14 years ago

браво, само напред, само така. многу мотивациско за малди луѓе.

Сале
Сале
14 years ago

нека е со среќа :)

@hajan_s
14 years ago

Со оглед на искуството кое Петар го има стекнато во врвни компании за производство на игри, како Bungie LLC и Crytek GMBH… и со оглед на фактот дека учевствувал во градба на одлични игри како Halo, Crysis и Far Cry… со добар тим тука, има огромен потенцијал и шанси за успех!

Многу среќа и само напред!

Vladimir
Vladimir
14 years ago

Доста амбициозен план да се надеваме на успешна реализација.
Браво на храброста