Интервју со креаторите на ПоправиМК

во Интервјуа, ИТ.МК

Што е првото што направивте кога дознавте дека сте победници и дека освоивте 500.000 денари? Што ќе правите со парите?

Бевме изненадени бидејќи не очекувавме да освоиме прво место. Секако имавме надежи дека можеби апликацијата би ги освоила симпатиите на жирито, особено по прегледот на некои од останатите апликации, но сепак прилично се изненадивме кога го прочитавме имејлот од Vip.

За трошење на парите размислуваме во насока на правење чекори напред на професионален план, како и можност за вклучување нови луѓе на проектите кои ги работиме и растење како тим.

Колку време ви беше потребно да се одлучите да учествувате на натпреварот, да ја генерирате идејата и да ја направите апликацијата? Колку време и посветувавте на ден?

Веднаш се одлучивме да учествуваме на натпреварот бидејќи имавме Android телефон и мотивацијата за истражување нова платформа беше многу силна. На почеток имавме повеќе идеи, но ПоправиМК ни се виде како нешто што би можело да успее, а и времето како ограничување ни наметна да работиме само на една апликација.

Периодов ги сумираме впечатоците и коментарите околу натпреварот. Планираме во иднина да посветиме многу повеќе време на ПоправиМК и да вклучиме други луѓе во проектот.

Дали верувате дека Поправи.мк навистина ќе ги поправи проблемите?

Веруваме дека општините ќе ги препознаат предностите од користење на еден ваков сервис и ќе сакаат поинаков начин на соработка и комуникација со граѓаните. ПоправиМК може да успее како сервис, доколку општините се вклучат и комуникацијата стане двострана.

На сајтот стои дека “Периодов ги разгледуваме можностите за соработка и начин на интеграција со општините; постои интерес, но преостанува да се утврдат конкретните чекори за имплементација на системот“. Дали ве дочекуваат со раширени раце или администрациите гледаат скептично на искористување на технологијата за решавање на вакви проблеми?

Некои општини веќе имаат имплеменирано едноставни форми на нивните сајтови преку кои граѓаните можат да пријават проблеми. Идејата за ПоправиМК секако им изгледа интересна, но главниот фидбек што треба да го добиеме од нив допрва ќе следи при презентирање на конкретните детали за проширување на самиот систем.

Работевте како тим, како го поделивте развивањето на апликацијата? Со кои алатки ја изработивте апликацијата?

Далибор беше задолжен за програмскиот дел, а Диме за дизајнот. За мобилната апликацијата користиме Titanium framework, а за веб апликацијата користиме Ruby on Rails.

Дали имате програмирано и на други мобилни платформи – iPhone, Blackberry… и доколку да, како се споредува развојот за тие ОС-ови со Аndroid?

Ова беше прво запознавање со една од нив – Android. Со Titanium mobile може да се развиваат и iPhone апликации, така да процесот на развој е многу сличен со тој за Android (има заеднички и специфични елементи за секоја од платформите).

Што мислите за Android? Кој е најголемиот проблем со кој се соочува еден Android девелопер?

Со секоја нова платформа проблем е истражувањето. Секојдневно се развиваат и постојат застарени материјали или воопшто ги нема. Конкретно, во нашиот случај главен проблем беше framework-от во кој работевме. Верзијата со која ја изградивме финалната верзија од ПоправиМК излезе на 27ми Јули 2010, значи неколку дена пред крај на натпреварот. Ако спомнам уште дека многу GUI елементи не беа имплементирани и за функционалности кои очекувате дека треба да функционираат, тие едноставно не функционираат. Поставувате прашања на Q/A, чекате одговори, се борите со bug-ови во самиот framework и правите компромиси за да ги привршите работите и стигнете со крајниот рок. Titanium mobile е сеуште во развој, иако впечаток е дека верзијата за iPhone е далеку позавршена од онаа за Android.

Која е иднината на Поправи.мк? Дали ќе ја направите апликацијата компатибилна и со другите платформи? Дали имате конкретни планови за иднина?

Периодов ги сумираме сите идеи и предлози што ги добивме од луѓето што ја погледнале апликацијата и спремаме презентација со која конкретно би можеле да настапиме пред општините. Секако, имаме планови за развој на ПоправиМК независно од фидбекот на општините, но за да успее овој проекти потребно е и другата страна да се вклучи во соработка. Веруваме дека идеите кои ги имаме и кои ќе ги презентираме на општините ќе бидат доволна мотивација да го направат тоа.

Сигурно сте ја погледнале листата на апликации.Што мислиш за македонската Android сцена? Има потенцијал, далеку од светската, блиска…? Кои апликации ви се интересни?

Да, секако дека има потенцијал. Земете во предвид дека скоро сите овие апликации се изработени од луѓе кои немале претходно никакво искуство со оваа платформа и кои едвај имале време по 2-3 часа дневно да работат на своите проекти. Потенцијал постои, ентузијазмот не е вечен, постојат многу други причини за успешност на некој проект.

За Android натпреварите, дали ќе учествувате на One Android предизвикот и што е тоа што му недостасуваше на Vip предизвикот?

Немаме време за учество на One предизвикот, бидејќи сакаме да се фокусираме и да посветиме повеќе време на ПоправиМК. Забелешки за Вип предизвикот немаме, задоволни сме од условите и наградата. Тие како организатори на натпреварот немаат никакви комерцијални стремежи кон ПопрвиМК како наградена апликација, што доволно говори за нивниот однос кон луѓето што пријавиле апликации.

За крај, совет за учесниците на One Android Предизвикот? :)

Поставете си цел, затворете се дома и хакирајте додека не стигнете до целта. Предходно, убаво прочитајте ги правилата од конкурсот и имајте визија што би можеле да постигнете на крајот. Со среќа!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

АЛОЗИС КОМУНИКЕЈШНС Д.О.О.Рим, Р.Италија - Подружница Скопје Р.Македонија

Senior Full Stack Java Developer

види ги сите огласи на kariera.it.mk