Интервју со Бобан Тотовски, претседател на Македонската еСпорт Федерација

Photo by Dark Indigo from Pexels

Од неодамна, дознавме дека претседателот на Македонската еСпорт Федерација, Бобан Тотовски, стана номиниран да биде член на управниот одбор на Меѓународната еСпорт Федерација – огромна чест за која се борат вкупно 56 држави. Решивме подобро да се запознаеме со Бобан и да го замолиме да нѝ објасни што сево ова значи за нашата држава и за еСпортот.

Кажете нѝ нешто за вас. Кој е Бобан Тотовски? :) Кои се вашите обврски како претседател на Македонската еСпорт Федерација?

Повеќето ме знаат по прекарот Тото, името е само за официјална употреба. 😊 Преку 20 години менаџерско искуство, фамилијарен човек, вечен оптимист. Се почна 2002 година, работев за ЕНТЕР, тогаш најдоброто ИТ списание и емисија. Читајќи ги сите текстови, некако се “навлеков“ на ИТ и ја засакав индустријата во целост.

Во 2005-та го отворивме најголемиот гејминг клуб на балканот, ЕНТЕРНЕТ, верувам повеќето луѓе сеуште се сеќаваат. Токму таа година, првпат учествувавме на светско првенство во еспорт, WCG 2005-та во Сингапур. Морам да му се заблагодарам на Виктор Стојановски (CPU) кој во тоа време ме запозна со гејмингот како култура, начин на живот и посебна димензија.

Да си претседател на еспорт федерација во Македонија е исто како да си менаџер на тимот од Јамајка за боб-санкање 😊. Накратко, главните обврските се комуникација со надлежните органи во МК за официјализација на еспортот, организација на настани и лига секоја година, преговори со спонзори, учество на Генералното Собрание на Меѓународната еспорт федерација, пратење на светските трендови во гејмингот и секако, претставување на нашата држава во светот.

Од сите работни можности во оваа индустрија, што е тоа што влијаеше на Вас да го одберете еСпортот?

Мислам дека еспортот ме одбра мене. После 15 години работење во тоа поле, проследено и со успеси и со падови, повторно би го одбрал истото. Секако, сеуште сум активен и во други области на ИТ, но од оваа година, целосно се фокусирам на еспортот. Постојано ме мотивира предизвикот кој е пред нас, да се постави еден цел екосистем кој вклучува натпревари, тренинзи, обуки, стриминг, клубови, натпреварувачи и спонзори. Најважно од сè, знам дека еспортот е спорт и официјално ќе го докажам тоа наредната година.

Колку е тешка организацијата? Постои ли одреден аспект од Еспортот што не Ви се допаѓа? На кој начин ги решавате предизвиците?

Организацијата воопшто не е тешка, се работи со млади луѓе и, сепак, станува збор за гејминг. Главен проблем со кој се соочуваме изминатите 8 години се финансиите. Не сме официјален спорт во Македонија и затоа е тешко да најдеме спонзори. Главниот клуб, ЕНТЕРНЕТ повеќе не постои и тоа е исто како да развиваме фудбал, а да немаме фудбалски терени. Благодарение на нашите членови ЛЕВЕЛ од Струмица, ЕНТИТИ од Охрид, Компетитив од Тетово и САЈБЕР од Струга, имаме каде да ги одржуваме натпреварите и каде да тренираме. Наскоро ќе се отвори клуб и во Скопје, каде ќе може да се одржуваат сите официјални натпревари.

Единствениот аспект во еспортот кој не ми се допаѓа е интелектуалната сопственост на игрите. Riot, Valve, Blizzard и останатите компании се многу рестриктивни во однос на користењето на нивните игри во еспортот. Нивната цел е најдобрите играчи во светот да играат само во турнири кои се нивна организација, со цел максимизирање на профитот. Нашата персепктива е дека секој играч има право да ја претставува својата држава, без оглед за кој тим игра. Тоа е исто како Барселона да не му дозволува на Меси да игра за Аргентина. Овој предизвик е релативно голем и комплексен, но работиме на светско ниво за надминување и очекувам дека во наредните години ќе ги гледаме најдобрите играчи и на Светско и на Олимпијада.

Честитки за номинацијата за член на управниот одбор на Меѓународната Еспорт Федерација! Од вкупно 56 држави, избрани се 10 претставници од кои само 5 ќе го сочинуваат новиот одбор во наредните 3 години. Колку беше тешко да станете номинирани?

Самата номинација не е тешка, доволно е 5 држави да ве предложат. Долгогодишното искуство во еспортот на меѓународна сцена, познанството со повеќето делегати и докажаната посветеност се повеќе од доволно повеќето да ја подржат мојата кандидатура.

Кој е следниот чекор? Од што зависи дали ќе бидете изберени да бидете член во одборот?

На 13 Декември во Сеул, Ј. Кореа, се одржува Генералното Собрание на ИЕСФ. Таму, сите држави со право на глас ќе гласаат за 5 претставници на одборот. Периодот што следи ќе го посветам на комуникација со останатите делегати, презентирање на моите планови, лобирање и секако, координација со колегите кои се номинирани, за да постигнеме максимален ефект по изборот. Постои можност, во интерес на ИЕСФ, да ги отстапам моите гласови, доколку некој од останатите кандидати има подобра платформа од мене, а нема доволно гласови.

Што значи членството во управниот одбор за Македонија? На кој начин би можеле да придонесете кон глобалниот разбој на еСпорт натпреварите?

Со самата официјализација на еспортот низ светот и кај нас, ќе значи многу пред сè за промоција на државата. Во колку управувачки одбори на светски федерации има македонци? Како дел од одборот, главна цел ми е да придонесам да се помагаат послабите држави да развијат еспорт екосистем, наместо досегашната практика да се наградуваат само најдобрите. Од позиција на член на управен одбор, ќе имам можност да учествувам на многу дебати и панел дискусии во светот, што ќе ме доближи токму до производителите на игрите. Убеден сум дека со правилен пристап и добра тактика, можеме да влијаеме врз нивната перспектива кон нашата Федерација.

До каде мислите дека е развиена свеста во Македонија за гејмингот како спорт? Што сметате дека уште би можело да се направи во тој поглед?

Моментално, за жал, е на ниско ниво. До 2011 година бевме многу активни и постигнавме многу добри резултати на тоа поле. Добро е што повторно сме активни изминативе 5 години и веќе наредната ќе имаме јавни дебати и презентации, со цел запознавање со еспортот, како правилно се тренира, позитивните и негативните аспекти, општествената одговорност која ја имаме и конкретните чекори за иднината. Ќе имаме многу турнири, официјални и неофицијални, ќе се потрудиме да започнеме проект за едукација во полето на еспортот, да овозможиме соодветни услови за сите потенцијални играчи. Имаме уште многу работа пред нас и со нетрпение очекуваме да започнеме со нашите активности.

Која е вашата омилена игра за играње? Која за гледање и навивање?

Age of Empires е игра на која имам потрошено највеќе часови. Рекреативно понекогаш играм и Counter Strike, но со работата и приватните обврски не останува многу време за гејминг. За гледање секако омилена ми е Counter Strike, има динамика, стратегија, рефлекси и адреналин. Минатата недела на финалето во Pro Evolution Soccer бев изненаден колку е и таа игра интересна за гледање и навивање.

Дали имате некој совет за играчите и фановите кои сакаат да навлезат подлабоко во Еспортот?

Повеќе физичка активност и комбинација од едукација и гејминг. Само играње не е доволно за да се стане врвен натпреварувач. Помалку „хејтање“ по социјални мрежи, ако сакаш нешто да се смени, почни да го менуваш сам. Дружењето во клубови е намалено, но е многу потребно со цел да се развие секторот, гејминг клубовите се душата на еспортот.

Ви благодариме на Вашето време и многу среќа и успех во иднина!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk