Интервју со Душко Муртовски од македонскиот стартап Vison Dynamix кој развива технологија за 3Д мапирање

Да бидеме искрени, бројот на стартапи кои работат со хардвер од Македонија е прилично мал. Токму ова, но и супер интересната технологија се причините поради кои разговаравме со Душко Муртовски од македонскиот стартап Vison Dynamix.

Дали може да споделите повеќе податоци за стартапот, колку луѓе сте, колку време работите; кој сѐ е дел, кои се улогите?

Vision Dynamix е spin off компанија формирана во јуни 2016 година. Формирана е со цел развој на платформа за 3Д мапирање во реално време. Идејата дојде после одбраната на мојата магистерска теза која ја обработуваше областа на симултано локализирање и мапирање со единечна камера во реално време. За потребите на магистерскиот труд користев беспилотно летало – дрон. После одбраната, заедно со мојот ментор Проф. Д-р. Миле Станковски заклучивме дека дел од тезата може да се искористи за комерцијализација. Односно креирање на 3Д мапи со дрон во реално време. Овој дел од пазарот воопшто или многу малку е покриен. Решенијата кои се моментално достапни се или многу скапи или не работат во реално време.

Со таа идеја конкуриравме на третиот повик од Фондот за иновации и технолошки развој на Р. Македонија за поддршка на стартап и спиноф компании. Бевме едни од четирите добитници, по што официјалната работа на продуктот ја почнавме во февруари 2017 година.

Во компанијата работиме 5 луѓе, од кои јас и проф. Стакновски сме косопственици. Имаме вработено тројца инженери. И тоа Андреј Георгиевски како софтверски инженер, Столе Јовановски како инженер за системска интеграција и Стефан Златинов како инженер за развој. Сите тројца инженери имаат познавање на повеќе програмски јазици како C, C++ и Python, вградливи компјутерски системи како и широко познавање од хардверски компоненти и интеграција на хардвер и софтвер. Можам да кажам и дека тројцата вработени беа избрани од најдобрите студенти на ФЕИТ и ФИНКИ. Во работата на компaнијата активно учествувам и јас како технички директор, но и во директниот развој, и проф. д-р Миле Станковски како управител и консулттант. За одбележување е дека нашата работа е на ниво на најпрестижните истажувачки институти од оваа област во светот. Нашите инженери ги имаат овие услови за работа овде во Македонија наместо да одат во странство. Мислам дека ова е еден од начините за спречување на одлив на најдобрите во странство.

Како го креиравте тимот? Се познавате од порано или пак се собравте специјално за оваа пригода? Дали беше тешко да се пронајдат луѓе со интерес и познавање на дронови и мапирање?

Јас и професорот Станковски се познававме од порано, од времето кога студирав на Факултетот за електротехника. И секако, потоа тој ми беше ментор за магистерскиот труд. Со другите членови јас не се познавав, се познаваше професорот и ги избравме специјално за оваа пригода. Инаку многу беше тешко да се најдат луѓе со профилот кој ни одговара. Оваа област бара познавање на многу други области, како математика и тоа линеарни трансформации, методи на нелинеарна оптимизација, геометрија од повеќе слики, потоа широкo познавање од компјутерска визија и 3Д графика, многу добро познавање на алгоритми и структури на податоци, како и алгоритми на управување. А, секако тука е и хардверскиот дел, познавање на сензори и актуатори, автопилоти и радио техника и на дроновите во целост. Од вработените се бара не само да ги знаат и да ги разберат овие области, туку теоријата која што ја покриваат да можат да ја реализираат во пракса.

Одовде се гледа дека ова е премногу широка област и вакви луѓе е тешко да се најдат не само кај нас, туку и во странство. Затоа голем дел од времето од годината што помина посветивме на обука на вработените.

Кажете ни повеќе за технологијата која ја развивате. Што овозможува решението? Како фукционира?

Решението овозможува креирање на 3Д мапа од околината и објектите во реално време со помош на дрон. Тоа значи дека имаме дрон кој е опремен со камера и вградлив компјутер како и други потребни сензори. Кога дронот лета, покрај сликата од камерата во исто време, односно, во реално време се креира и 3Д модел од тоа што го гледа камерата. При тоа тежиме точноста на моделот да биде што е можно поголема во однос на реалните димензии на објектот што го мапираме.

Моменталните решенија за креирање на 3Д мапи се поделени во две групи:

Првата група користи техника наречена фотограметрија, односно користи повеќе слики кои посебен софтверски пакет ги обработува и креира некаква 3Д мапа. Оваа техника не рaботи во реално време, односно сликите мора да се симнат од дронот и да се обработат на компјутер. Ова обично трае од неколку часа, па и до неколку денови. Мапата која се добива не е со голема точност.

Втората група користи Лидар односно ласерски скенер монтиран на дрон кој ја скенира околината. Ова е истата технологија која се користи за навигација на автономните возила. Оваа техника е доста прецизна, но е многу скапа за експлоатација во однос на цена на опрема и чинење на работен час.

Нашиот метод би дошол некаде помеѓу претходните два. Односно сакаме да ја добиеме брзината, прецизноста и реално временската компонента како лидар скенерите, меѓутоа цената на експлоатација да биде во рангот на првата група.

Финалниот продукт би бил дрон со соодветна опрема и софтвер. Корисникот на дронот ќе може да направи 3Д мапа додека дронот лета. Операторот на дронот може да мониторира во реално време како се креира мапата и да превземе соодветна акција ако има потреба на пример, да прелета уште еднаш над некој дел ако има грешки или ако сака повеќе детали и прецизност. Со досегашните системи ова не е можно, ако има грешка во мапата мора да се повтори целиот лет.

Кои технологии ги користите за развој?

Развојот е поделен на два дела, развој на софтвер и развој на хардвер. Софтверот го развиваме во користење на C++ и Python програмските јазици. Го користиме и ROS (Robot Operating System) за тестирање на хардер/софтвер интеграцијата. Освен тоа го користиме и OpenCV пекетот за компјутерска висија и OpenGL за 3Д графика. Развојот го правиме на nVidia Jetson вградлив компјутер кој е наменет за користење во возила и беспилотни летала. Од хардверскиот развој фокусот е повеќе на дизајнирање и асемблирање на дрон и монтирање на потребните компоненти, како и дизајн на хадрверот за да одговара на намената.

Дали целото решение се изработува кај вас во стартапот?

Во минатата година изработивме два дрона за тестирање на технологијата. Целиот развој се работи кај нас, од составување на дронот, развој на софтвер и интеграција на хардверот и софтверот.

Бројот на компании кои работат на хардвер во Македонија е мал, а бројот на навистина успешните во ова поле уште помал. Како се решивте да навлезете во развој на оваа технологија која и во светот е реалативно нова?

Не би рекол дека се занимаваме со комплетен развој на хардвер. Поголем дел од потребните делови и компоненти ги набавуваме од странство и кај нас го работиме асемблирањето. Имаме изработено неколку иновативни делови кои може во иднина да влезат во производство. Хардверот кај нас повеќе се користи за тестирање на платформата и за оптимизација на нејзините можности. Во иднина кога ќе го имаме финалниот дизајн на продуктот, би сакале да изработуваме поголем дел од компонентите кои ни требаат. За почеток планираме да почнеме со изработка на носечката рамката или куќиштето за дронот. Другите компоненти како мотори, електроника и управувачи се специфични и само неколку компании во светот можат да си дозволат да ги изработат.

Кои се специфичните предизвици при развој на хардвер од Македонија? Како ги надминувате?

До сега најголем предизвик беше набавката на потребни делови. Бидејќи се работи за специфична технологија, мораме деловите да ги набавуваме од странство. Поради тоа мораме да чекаме прилично долго за потребните компоненти. Освен тоа, за некои компоненти како батерии на пример, треба посебни дозволи за кои има процедура за добивање.

Во кои области понатаму може да се користитат мапите?

Примарните клиенти би ни биле геодетските и градежните компании. Тие имаат потреба од прецизни 3Д мапи кои би ги добиле за релативно кратко време. Освен тоа, системот може да се користи и во многу други области како инспекција на индустриски објекти и постројки, инспекција на мостови и брани, можат да се користи во војска и полиција за набљудување и брзовремено креирање на мапа од некој простор. Исто така може да се користи и во филмската индустија и индустријата за видео игри, бидејки овозможува брзо и точно креирање на 3Д мапи од реални локации кои подоцна можат дополнително да се обработат и да се вклучат во некоја компјутерска игра или филм.

Што е предноста на производот и кој би можел да биде најголем предизвик?

Предноста е како што спомнав претходно што овозможува креирање на високопрецизни 3Д мапи во реално време. Ова колку што нам ни е познато e единствен ваков производ во светски рамки кои ги нуди овие карактеристики. Според тоа, предизвикот не е само да се креира платформата и да се продаде, туку и на некој начин да се креира пазар за ваков тип на производ. Од технички аспект најголем предизвик беше теоријата да се преточи во пракса, односно да го споиме сето знаење од компјутерска визија и управување во софтвер.

Освен тоа, во моментов голем предизвик е и наоѓање на финансии за довршување на продуктот, па затоа во преговори сме со неколку странски инвеститори кои се заинтересирани за учество во продуктот.

Кои се плановиите за во иднина?

Планот ни е секако да го продолжиме развојот, бидејки производот веќе е во финална фаза на развој планираме да почнеме со презентации каде што потенцијалните клиенти би се увериле во можностите на производот. Во исто време сакаме да пристапиме на странскиот пазар, најверојатно преку надворешни консулататти.
Освен тоа сакаме да ја прошириме дејноста на Vision Dynamix со други проекти, но од истата област односно, развој системи за дронови.

Мислам дека ова е многу интересна област која веќе почнува да се актуализра посебно преку развојот на автономните возила. Мислам дека со нашата работа освен бенефит за компанијата, креираме и кадри кои се многу значајни за Р. Македонија бидејки воведуваме научни области кои не биле застапени до сега.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments