Најголемиот производител на чипови Intel се подготвува за иднината. Компанијата инвестира 7 милијарди долари за довршување на Fab 42 во Аризона. По завршувањето фабриката ќе биде подготвена за производство на 7nm процесори.
Фабриката ја најави претседателот на Intel, Брајан Крзанич, од кабинетот на претседателот на САД, г. Доналд Трамп. Фабриката ќе отвори нови 3.000 работни места и 10.000 работни места како поддршка на фабриката. Претседателот на Intel не заборави да потсети дека компанијата својот развоен тим го чува во САД. Компанијата не го поддржува планот за имиграција на г.Трамп, но го поддржува намалувањето на данокот и олеснување на правната регулатива, пишува New York Times.
Најавените 7nm чипови сè уште се далеку. Intel на почетокот на оваа година ги претстави своите 10 nm процесори, а и тие не се очекуваат пред крајот на годината. Од Intel тврдат дека за оваа фабрика не добиле ветување за никакви финансиски олеснувања од претседателот. Изградбата на фабриката започна во 2011, но во 2014 запре поради намалување на побарувачката за процесори. Новите 3.000 работни места секако се добредојдени, иако мора да се има предвид дека минатата година Intel отпушти 12.000 работници.
Производителот е еден од најголемите инвеститори во истражување и развој. Во 2015 година компанијата инвестираше 12.1 милијарди долари во истражување.