Bolt е нова апликација за мултимедијален чет од Instagram, која доаѓа малку неочекувана земајќи во обзир дека Instagram e во сопственост на Facebook кој ја форсира својата Messenger за мобилните преписки, без разлика дали се работи за текст пораки или фотографии и видеа. Bolt засега е стартуван само во три земји: Нов Зеланд, Сингапур и Јужна Африка, но ако се покаже како успешна – ако корисниците ја користат – сигурно ќе биде пуштена и на другите пазари. Достапен е за iOS и Android.
Тоа што ја прави оваа апликација интересна е што е направена во стилот на Instagram, односно се испраќаат слики и видеа, како еден вид мултимедијален чет. Но, штом ќе бидат видени сликите и видеото исчезнуваат. Bolt можеби ќе ве потсети на Snapchat, но и на неодамна објавената Slingshot на Facebook, кој, ќе потсетиме повторно, е сопственик на Instagram. Како двете мрежи да се обидуваат да претстават ист продукт, па кој стане популарен да се фокусираат на него. Според тие што можат да ја симнат, Bolt е супер едноставна апликација која со еден краток клик се одбира лице на пријателот за да се прати фотографија, или пак се притиска подолго за да се испрати видео. Ако погрешите во испраќањето, се затресува телефонот да ја избрише пораката.
Тоа што е интересно е што Bolt (засега) не е поврзан со Instagram профилите, ниту Facebook, и делува како независна апликација. Ако сакате да ги додадете пријателите ќе треба да ги додадете според телефонскиот број, односно преку SMS покани.








