Инжинери од веб складиштето Dropbox и универзитетот MIT основаа нов стартап Inbox со кој сакаат да го променат начинот на како го користиме имејлот. Inbox е всушност платформа, API со кое можат да се градат „следната генерација имејл апликации“, чија цел е да им обезбеди полесен начин на развивачите на апликации да го користат имејлот како сервис, наместо да се малтретираат со застарените IMAP и POP3 протоколи.
Inbox Sync Engine, чија документација е објавена на Github, треба да обезбеди технологија со отворен код со која ќе може да се пристапи, модифицира и праќа имејл складиран на веќе постоечките провајдери како Gmail или Microsoft Exchange. Манипулирањето на пораките се прави преку REST API, а ќе има и API-ја со кои ќе може да се прават персонализирани филтри на пораките, да се пристапи до атачираните фајлови, да се креираат драфтови или да се додаваат нови опции во имејлот.
Мајкл Гринич, еден од основачите на Inbox, и инжинер со искуство во Dropbox и Nest, вели дека идејата за стартапот му дошла поради потешкотиите да додава функционалности на имејл апликациите. Засега Inbox нема конечна апликација која може да се користи од корисниците, во моментов е во затворена бета, но идејата е, со помош на девелоперите, Inbox да го префрли имејлот од застарените протоколи на нова попристапна и функционална платформа. Или како што се вели на сајтот на Inbox, да се „направи мост од минатото кон иднината“.