Нова недела, нови предлози за игри на кои би можеле да им пружите шанса. Овојпат одбравме три игри кои се замислени да бидат значително позабавни кога се играат со пријателите!
Dirty Dirty Pirates крие забавна мултиплеер акција со откачени пирати
Dirty Dirty Pirates е игра која ја препорачуваме само доколку ги исполнувате следниве услови:
- Сакате пирати
- Имате контролер
- Имате пријатели
Играта на развојното студио King Hat е замислена да ви дозволи да ја негувате вашата љубов кон пиратите само преку Steam Remote Play или пак преку локален мултиплеер. И со контролер! Играта не може да се игра на некој друг начин и, откако ќе видите за што точно се работи, не би ни сакале да може да се игра малку поразлично.
Урнебесно лудило
Dirty Dirty Pirates е игра чии гејмплеј механики се темелат на брзи рефлекси и способност за импровизација. Трчајќи како луди-без-глава низ разноликите мапи (како џунгли, пустини, пештери, пристаништа или ледени тундри), ќе можете да се тркалате, да танцувате, но и да фрлате оружја, се со цел да ги целосно масакрирате останатите 2 до 4 играчи.
Во моментот кога ќе го кутнете противникот на земја, ќе можете, па поради недостаток на подобри зборови, да седнете врз него и да го елиминирате на различни начини (ниеден од начините не е убав, но пружа максимална сатисфакција). Има нешто посебно забавно кога ќе дојдете до самиот крај и последната елиминација ќе го забави времето, пружајќи ви бесценети моменти за максимално уживање во победата.
Повеќе детали за играта
- Произведува: King Hat
- Издава: King Hat
- Жанр: акција, локален мултиплеер
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 13 февруари 2024
SOS OPS! е игра во која се бара заедничка работа за решавање на ко-оп мисиите
Развојното студио ArtDock има осмислено уникатна игра во која вие и вашите пријатели треба да го спасите градот од најразлични опасности.
Засновајќи ги клучните механики на пренагласени физички закони, играта ви дозволува трапаво да решавате бројни разнолики ко-оп мисии, како патување до одредена локација со возило, гасење пожари, предизвикувачка навигација низ простории (качување, носење, монтирање и активирање вентили) или пак играње забавни игри, како фудбал, кошарка, и слично.
Загарантирана забава со вашите пријатели
Нема никакво сомневање дека SOS OPS! се одликува со крајно забавни механики каде е потребна заедничка соработка за издвојување победа. Доколку успеете да најдете доволно пријатели, не ја пропуштајте можноста да се втурнете во забавна пародија со бројни смеши ситуации.
Повеќе детали за играта
- Произведува: ArtDock
- Издава: ArtDock
- Жанр: ко-оп авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 30 ноември 2023
Empires Shall Fall е забавна стратегија која се одликува со Hotseat multiplayer
Во моментот кога го читате ова, играта на Weird Penguin Games или е излезена или ќе излезе набргу. Се работи за инди стратегија која од една страна има уникатен визуелен стил, а, од друга, комплексни механики за бројни начини на тактизирање.
Дизелпанк атмосфера
Сместена во ретро-футуристички свет, Empires Shall Fall ќе ви дозволи ја користите предноста на мапата која се наоѓате за стратешко поставување на единиците и поефикасен напад врз непријателите. На располагање имате најразлични единици. Секоја од нив се одликува со силни и слаби страни, како и уникатни можности за напад. Паралелно со ова, ќе можете да навлезете во релативно-долги три кампањи кои обработуваат комплексен наративен заплет преку рачно нацртани стази.
Главната причина поради која ја препорачуваме играва е таканаречениот Hotseat Multiplayer. Преку овој мод, ќе можете да навлезете во предизвикувачки битки против вашиот пријател, така што го делите контролерот. Од удобноста на вашиот кауч, првин вие тактизирате, па потоа вашиот пријател. Колку и да се забавни кампањите, Empires Shall Fall навистина сјае преку овој мод.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Weird Penguin Games
- Издава: Weird Penguin Games, Electronic Sheep Games
- Жанр: стратегија
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 19 февруари 2024