Иако Франција беше гласна во критиките кон САД за Project PRISM со кој се шпионирале европските институции и граѓани кои користат сервиси сместени во САД, сепак се чини дека и француските власти не се нешто покуси во нарушување на приватноста.
Според нов текст од Le Monde, кој се повикува на анонимни извори, француската разузнавачка агенција DGSE има свој таен проект за набљудување на комуникациите, налик на PRISM. Во извештајот се вели дека агенцијата собира мета податоци од комуникациите кои влегуваат и излегуваат од земјата, и ги складира во суперкомпјутер кој ги анализира сите податоци. Податоците вклучувале телефонски повици и броеви за да се види „кој зборува со кого“ (иако содржината не била собирана), имејл адреси и активност на друштвените мрежи. Тие им биле достапни и на другите владини агенции.
„Ако оваа огромна база на податоци на DGSE излегува надвор од француските граници, тогаш тоа е нелегално. Но, шест други агенции, вклучувајќи ја Агенцијата за внатрешни работи, Царината и Агенцијата против перење пари, ги користеле податоците на дневна база. Дискретно, на границата на легалното и надвор од некоја сериозна контрола.“, пишува Le Monde.
Доколку извештајот на Le Monde е точен, Франција може да се најде во сериозни проблеми, посебно сега кога Европската Унија му се закани на САД дека ќе ги пресече американските интернет провајдери поради скандалот со NSA.