Non-fungible токените (NFT) сè уште се релативно нова технологија и веројатно најинтересната примена ќе ја видиме во блиска иднина – од употреба за верификација на оригиналност на документи и физички продукти, до разни примени во валидација и потврда на сопственост на дигитални добра, гејминг… или пак можеби сосема нови работи кои за сега е тешко да се предвидат. Во суштина, NFT има практична примена и е една од подобрите работи кои произлегоа од криптото (на ниво на употреба на технологија за конкретна намена), меѓутоа сосема се разбирливи и тврдењата дека NFT е чиста глупост бидејќи моменталниот тренд на NFTs е исклучиво пазарно нелогичен и свртен кон уметноста и поседување на некои сликички… што всушност е дигитална верзија на уметничките аукции. Независно, моменталниот тренд е тој и NFT возот врви со куп проекти на дневна основа, некои шаблонски искористуваат еден ист терк (штанцање на N број на уникатни сликички), додека други навлегуваат во малце подлабока имплементација. Има навистина кул проекти, дури и од неочекувани лица како манекенката Бела Хадид – нејзиниот Cybella – меѓутоа за нас, можеби еден од најкул NFT проекти коишто сме ги виделе до сега е The Lokals, кој ни доаѓа од регионот.
The Lokals е проект на малото сплитско мултимедијално студио Prime Renders Studio основано од браќата Миливој и Вељко Поповиќ. Prime Renders преку овој проект успева за прв пат да ја донесе блокчејн технологијата во анимираните филмови со тоа што сите оние кои што ќе купат некој токен од колекцијата ќе бидат инволвирани во некаква си улога во самиот проект – анимиран филм кој според трејлерот делува навистина фасцинантно (барем за нас :)). Студиото има искуство во поле на анимација и филмска индустрија, досега во 14 години колку што постои, успеа да собере 70 меѓународни награди. Дел од нивните клиенти се и: Netflix, CNBC, Financial Times, Lipton, HEP…

Еве како креаторите на Lokals го опишуваат филмот:
„Ќе патувате покрај Љубљана, низ Загреб и накај ќе стасате до крајот на железничката пруга во малото крајбрежно медитеранско гратче Сплит. Живописен лонец за мешање на идеологии, стилови на живот и идеи, сместен на раскрсница на пропаднатата социјалистичка идеја и ветувањето на американскиот сон…“

Oснова на новиот проектот на студиото е колекција од 5.000 NFT токени генерирани на блокчејнот на Ethereum. Локалците (The Lokals) е NFT колекција со над 5.000 уникатни карактери кои се продаваат за почеток по цена од 0.1 ETH. Сите карактери ќе си го добијат своето место во анимираниот Сплит, некои како работници, некои како музичари, некои како атлети, а некои како обични граѓани кои во анимираниот филм ќе се појавуваат како споредни актери.
„Станува збор за уникатна анимирана колекција од 5.000 NFT токени која живее на Ethereum блокчејнот, а ја изработивме во соработка со уметникот Божо Балов. Креирана е со спој на технологијата за виртуелна реалност, поточно програмата Quill и апликацијата Blender“, вели Миливој Поповиќ за Netokracija.
Дел од ликовите од колекцијата на Божо Балов може да ги погледнете на неговиот Instagram профил. Блокчејн договорот за овој проект е дело на хрватскиот стартап Blank.
Сопствениците на токените, не само што ќе поседуваат токени од карактерите, туку ќе бидат дел од историјата како сопственици и ко-продуценти на првиот филм со NFT. Сите кои сакаат да учествуваат во филмот можат да го направат тоа со купување на токен. Сè што е потребно е Metamask паричник и Ether токен.
Креирањето на филмот и споделувањето на целиот процес треба да има и своевиден едукативен карактер кој на учесниците треба да им помогне да имаат увид во секој дел од креирањето на филмот. Оние кои не можат да купат токени за среќа можат да го следат развојот на филмот на Discord.

„Ова е единствена можност да учествувате во него преку развој нас сценарио, аниматика, визуелизација, ликови, анимација и сè што е дел од еден анимиран филм“, додава Миливој.
Видео дневникот на авторите навестува дека ќе можеме да видиме носталгичен анимиран филм, фокусиран на поранешна Југославија и поп-културата од тој период. Сепак од она што можеме да го слушнеме ќе има простор и за поактуелни теми, на пример за Блејк Лемоин кој сметаше дека вештачката интелигенција развила самосвесност.
Засега „Локалци“ е во претпродукција и нема зацртан период во кој ќе може да го очекуваме филмот.