Полицијата во Холандија уапси петмина и го затвори маркетот од „темниот интернет“ Utopia. Уапсените се осомничени за управување со споменатиот маркет, преку кој тргувале со наркотици, украдени кредитни картички и оружје, вели jавниот обвинител на Холандија. Двајца од уапсените во Enschede се Холанѓани на возраст од 30 и 31 година и полицијата се сомнева дека се основачи и на уште еден сајт на темниот интернет Black Market Reloaded. Покрај нив судење очекуваат и 29-годишник од Утрех, четириесет и четири годишен Холанѓанец обвинет за илегална трговија и обид за потикнување на убисто, како и дваесет и едно годишен Германец обвинет за продажба на наркотици и оружје. При претресот на домовите на осомничените полицијата пронајде и заплени: компјутери, USB-стикови и хард дискови, како и 900 биткоини чија вредност е помеѓу 400.000 и 600.000 евра.
Апсењата се дел од поголема акција, Operation Commodore во која учествуваат полициите на повеќе држави, а нивна цел е откривање и затворање на сајтови кои оперираат анонимно злоупотребувајќи ја анонимноста која ја нуди Tor. Корисниците анонимно пристапуваат до овие маркети преку Tor, најчесто плаќаат со дигитални монети, а и самото лоцирање на серверите е огромен проблем. Пред своето затворање страната имаше 13.000 продукти од кои најголем дел достапни за испорака во целиот свет. Трансакциите вообичаено како и на останатите маркети со илегални стоки се правеа со Bitcoin.