0 коментари 3 мин. читање 10 декември, 2025

Hello Sunshine: Преживување во сенката на корпоративната апокалипса

Hello Sunshine, новата игра на Red Thread Games, нуди уникатен и освежувачки поглед на survival жанрот, сместувајќи ве во улогата на последното вработено лице во урнатините на огромна корпоративна империја. Кога играта ќе излезе, она што ќе најдете нема да бидат ниту стандардни зомби чудовишта ниту нуклеарни зими. Во Hello Sunshine, најголемиот непријател е самото Сонце.

„Ни продадоа посветла иднина, но ни го донесоа крајот на светот“

Во Hello Sunshine ќе се бара постојано движење и стратешко планирање. Дење, Сонцето е смртоносно, па ќе мора да чекорите во сенката на џиновски робот кој патува кон својата цел. Благодарение на ваквиот механички дизајн, добивате динамична сложувалка каде што безбедноста е флуидно поврзана со подвижна цел. Ноќе, пак, пустината замрзнува, и единствениот извор на топлина е, одново, истиот тој робот, принудувајќи, сакале-несакале, да останете блиску до него.

Покрај тоа што сте придружник на роботот, истиот ќе го користите и како ваша мобилна база. Интересно, таквата база ќе можете да ја поправате, надградувате и украсувате. На располагање ќе имате и забавни системи за автоматизација – мали роботи помошници кои ќе можете да ги програмирате за собирање ресурси или одбрана. Еј, никој не кажа дека ќе биде лесно да се преживее во вакви услови.

Од она што е достапно сега, Hello Sunshine остава впечаток на стилизирана и импресивна игра која користи напредна технологија за да создаде реалистични сенки – нешто што, доколку читавте внимателно, е од клучна важност. Уметничкиот стил, пак, ги спојува ретро-футуристичките елементи на пропаднатата корпорација со живите, заслепувачки бои на пустината, создавајќи атмосфера која е истовремено прекрасна и застрашувачка. Се на се, делува како прекрасно дизајниран свет кој едноставно преколнува да биде истражен.

Навистина сакаме да успее Hello Sunshine и да се истакне како повеќе од само уште една survival игра. Со можноста за соло или кооперативно играње, чедото на Red Thread Games и Megabit Publishing ќе понуди длабоко искуство кое произлегува од врската со вашиот придружник. Во случај да барате игра која не само што го предизвикува вашиот ум и вашите рефлекси, туку и раскажува приказна за крајот на светот со уникатна доза на иронија, тогаш ова е наслов кој дефинитивно треба да го следите, на ист или сличен начин како што протагонистот го следи џиновскиот робот.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top