Hellbreach: Vegas e како Call of Duty: Zombies, но двојно подобра!

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

На кратко за Hellbreach: Vegas:

  • Игра во која се спротивставувате на бранови непријатели, како Killing Floor или Call of Duty: Zombies
  • Одличен дизајн на 8 мапи кои се засновани на Лас Вегас
  • Бројни непријатели и забавни оружја за користење
  • Играта е одлична и соло и со други играчи
  • Нема никакви микротрансакции
  • Развиена од само еден девелопер!

Претпоставуваме дека, порано или подоцна, ја имате пробано Call of Duty: Zombies. Овој мод се покажa толку популарен да гигантите од Аctivision ја користат секоја прилика да го вметнат режимот во бројните CoD игри. Hellbreach: Vegas е игра која е инспирирана од овој режим и нуди незаборавна адреналинска акција каде, сами или со уште тројца пријатели, се борите против бранови и бранови од зомби чудовишта.

По недела дена дружење со играта, едноставно не знаеме од што да бидеме повеќе импресионирани; дали од паметно дизајнираните мапи чии области органски се отклучуваат како напредувате, дали од креативно-осмислените оружја кои пружаат автентична акција или пак од впечатливо-дизајнираните непријатели? Hellbreach: Vegas нуди откачена и неверојатно добра акција која го извлекува најдоброто од Killing Floor и CoD: Zombies серијалот. Најневеројатната работа во целава оваа приказна е тоа што во правењето на Killing Floor и CoD: Zombies дадоа допринос еден куп програмери. Hellbreach: Vegas? Hellbreach: Vegas е ремек дели на само еден девелопер!

Поплочување на патот до пеколот

Hellbreach: Vegas е пукачка игра која е заснована на бранови. Тоа значи дека одбирате лик, одбирате една од осумте мапи, подесувате одредени параметри за сеење хаос според вашиот вкус и потоа ја започнувате вашата сесија. На почетокот, секоја од мапите во кои се наоѓате е исклучително мала. Со уништување на секој бран од непријатели, добивате „жетон“ кој ви дозволува минимално да ја проширите мапата за да имате повеќе простор за движење и елиминирање на идниот бран. Во секое проширување на мапата ве очекуваат или надградби на вашите способности (ги има 12!), или пак машини преку кои коцкате пари за да добиете или уникатно оружје, или повеќе пари, подобри способности, екстра жетони, и слично.

Нема никаква приказна во Hellbreach: Vegas, но дизајнот на мапите и поставеноста на елементите раскажуваат исклучително суптилна приказна со потенцијал за различна интерпретација. Иако цениме добра приказна, никако не ни беше мака што овде не наидовме на такво нешто. Целта на Hellbreach: Vegas е да ви овозможи брзи услови за впечатлива акција во различни локали, против бројни чудовишта и преку користење уникатни оружја. Во оваа цел, играта на Infinity Ape Studios максимално успева! Непријателите се одлично осмислени и со реалистични анимации. Нема преголема интелигенција во нив и често гледаат само да дојдат до вас или пак да фрлат токсични или огнени проектили. Користењето на 22-те оружја, од кои три се ладни, е веродостојно и со задоволителна тежина, особено специјалните оружја кои ги добивате од посебната машина.

Со сите жетони кои ќе ги соберете додека сте на мапата, ќе можете да отклучувате бројни козметички работи за ликовите со кои играте и за оружјата кои ги употребувате. Во Hellbreach: Vegas нема ни „м“ од микротрансакции. Тоа значи дека сите елементи се бесплатни и достапни во основната игра, а нивното печалење не е заклучено зад долги грајнд сесии. Навистина нема нешто да не ни се допаѓа во Hellbreach: Vegas, но кога би изделиле една работа, тоа би било дека играта после 22-от бран станува исклучително тешка при соло преигрување. Да, до тој степен, вие ја имате отклучено целата мапа и соберено се што може да се собере, но сепак, се здобивме со впечаток дека има драстичен скок во тежина и непријателите ве „патосираат“ по само неколку удари.

Како огромни фанови на игри од ваков калибар, апсолутно уживавме во она што го најдовме во Hellbreach: Vegas. Се работи за огромна игра полна со интересни елементи кои ќе знаат како да ја задоволат вашата потреба за крвава и аркадна акција во еден брутален свет полн со различни зомби чудовишта. Играта е одлична соло, но апсолутно сјае доколку се игра со уште тројца играчи. Во случај и понатаму да не сте сигурни дали е ова игра за вас, Hellbreach: Vegas има и корисно демо кое бесплатно можете да го проверите. Играта не е ни скапа, а моментно се продава со попуст и чини нешто помалку од 10 евра.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Infinity Ape Studios
  • ИздаваIceberg Interactive
  • Жанр: акција
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 14 август 2024

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments