Хардвер од оваа недела: паметни LED светилки, Rabbit R1, летачко такси (CES втор дел)

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Благодарение на CES и оваа недела може да зборуваме за интересeн хардвер. Врвот на CES 2024 за љубителите на електроника и технологија не беа само паметните уреди како контролери за паметен дом или паметните машини за перење, туку и различни малечки апарати. На пример паметните светла за завеси Twinkly или асистентот Rabbit R1.

Twinky паметни светилки

Еден од супер интересните уреди кои можевме да ги видиме на годинешниот CES се паметните светилки Twinky. Уредот е своевидно паметно дигитално платно од LED светилки. Заедно светилките креираат различни анимирани слики или амбиентално светло на ѕидот. Цената од 200 долари за декоративен уред е можеби и малку превисока, но може значително да го разубават просторот во кој поминуваме голем дел од денот.

Светилките може да прикажуваат различно анимирани слики, па дури и gif анимации. За сите кои сакаат или планираат да го користат како гејминг додаток Twinky може да го копира екранот на компјутерот. Со ова самиот „ѕид“ ќе ги копира боите, но и сликите од екранот.

Поставувањето на самиот уред е супер едноставно и вклучува две алуминиумски шипки на краевите кои го олеснуваат поставувањето и спречуваат да се заплеткаат самите жици.

Светилките доаѓаат со истоимена придружна апликација. Апликацијата Twinkly им овозможува на корисниците целосно да ги мапираат и прилагодат ефектите на светлосниот приказ, претворајќи ги во систем за паметно осветлување.

Иако во моментов изгледа дека најинтересна примена е како гејминг додаток Twinkly Matrix може да се користи и како уникатен динамичен украс на ѕидови. Светилките може да се прошират со дополнителни завеси или да се поврзат со други Twinkly светла за поголеми синхронизирани инсталации. Можна е и интеграција со популарните платформи за паметни домови како Amazon Alexa и Google Home што овозможува и гласовна контрола и автоматизација.

Почетната цена  на Twinky е 200 американски долари, а ќе бидат достапни од 31 јануари 2024 година.

S-A2 ново воздушно такси од Hyundai

На CES 2024 свое шоу имаше и Hyundai, а автомобилите беа само дел од него. Supernal одделот на Hyundai за електрични летала го претстави S-A2 воздушниот транспорт. Ова е уште едно eVTOL летало (electric vertical takeoff and landing). Планот на компанијата е во иднина да биде секојдневен превоз во градовите. Леталото ќе овозможи брз превоз од една до друга локација „заобиколувајќи“ го густиот сообраќај.

S-A2 лета со брзина од 192 km/h на висина од околу 500 метри. Една од причините поради која леталото е наменето за градски сообраќај е кусото растојание кое може да го помине со едно полнење. Планот е должината на летовите да биде помеѓу 40 и 60 километри. За да не им пречи на соседите, S-A2 е креиран да биде што е можно потивок. Иако има 8 ротори работи прилично тивко. Според производителот, S-A2 е тивок како машина за перење на садови (околу 65 db).

Во леталото има простор за пилот и 4 патници. Иако беше клучно да се изработи лесно летало, мораше да има простор за резервни мотори и контроли за летање, за во случај ако нешто откаже веднаш да има спремна резервна компонента која ќе функционира.

Во Supernal се надеваат дека ќе започнат да ги продаваат првите модели на S-A2 во 2028 година.

Сè-во-1 машина за перење од Eureka

На CES оваа година немаше недостаток од паметни уреди. Eureka Dual Washing Bot комбинира повеќе домашни апарати во еден. Како што навестува и самото име, станува збор за машина за перење која може да работи и како машина за сушење на алишта. Во нејзината основа е скриена робот правосмукалка, налик на популарните Roomba или iRobot.

Роботот за чистење освен што може да работи како правосмукалка може да работи и како џогер. Слично и како попопуларните слични уреди може  да го испразни ѓубрето од правосмукалката, но може и да ја замени водата која ја користи за чистење како џогер со нова, чиста вода.

Засега нема податоци за датата за излегување, ниту за цената на Dual Washing Bot.

Holoconnect Holobox

Можеби и најимпресивниот уред кој го видовме на CES. Holoconnect Holobox е уред кој овозможува комуникација преку холограм без речиси никакво доцнење. Она што е најимпресивно е што целото користење на уредот не е премногу комплициран процес. Сè што е потребно да станеме холограм е бела позадина и добро осветлување.

За жал сè уште сме далеку од вистинска употреба на холограми. Прво, Holobox е прилично голема и непрактична кутија. Второ, и  веројатно поважно, без разлика колку е импресивна технологијата, уредот е исклучително скап. Holoconnect нема јавно објавен податок за цената, но заинтересираните може да ги контактираат.

Rabbit R1

Rabbit R1 е еден од уредите на годинашниот CES кој воодушеви многумина. Навидум едноставниот уред може да научи како се користат апликации и да ги користи наместо вас, а според најавата ќе може дури и да ви помогне да левелирате во Diablo 4. Rabbit R1 нема да го замени паметниот телефон, туку треба да биде алтернатива на гласовните асистенти.

Наместо куп функционалности кои се спакувани во паметните телефони Rabbit R1 има една намена – личен асистент. Нема никакви дополнителни апликации или функционалности, иако  може да  научи. Користењето е со гласовни команди, а самиот уред може да научи како луѓето ги користат апликациите и потоа во иднина да го реплицира овој процес.

Асистентот не само што е едноставен за користење, туку има и едноставен изглед. Доаѓа со за денешни услови релативно мал екран, скрол копче и камера. Покрај ова, има простор за SIM картичка со која ќе може да се прават и телефонски повици. Што се однесува до хардверот, Rabbit R1 доаѓа со Helios P35 од MediaTek; 4GB RAM и 128 GB диск.

Rabbit R1 чини 200 долари, а само првиот ден од претпродажбата беа продадени над 10 000 уреди. Веројатно најголем предизвик за Rabbit R1 е да ги убеди корисниците дека нивниот уред е покорисен од апликации за паметни телефони кои би можеле да имаат слични функционалности. Дали ќе успеат во ова, ќе видиме во иднина.

Ballie роботот на Samsung

Ако се чудите што стана со топчестиот робот на Samsung – Ballie имаме добри вести. Јужнокорејската компанија претстави нова и уште помоќна верзија. Сега роботчето доаѓа со „спакувана“ вештачка интелигенција и проектор. Дел од задачите кои може да ги заврши се хранење на домашното милениче или прилагодување на светилките.

Новата верзија на роботот доаѓа и со проектор. Благодарение на вештачката интелигенција Ballie може да проектира во висина на погледот на корисникот. За ова прави пресметки врз основа на држењето на „соговорникот“ и аголот на главата.

Засега нема најава за достапноста на Ballie ниту за цената.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk