Без сомневање најголемата вест од хардвер светот минатата недела беше настанот на кој Apple претстави куп нови производи. Од остатокот на вестите баш немаше нешто премногу, иако Meta најави интересно партнерство со LG, а и Huawei споделија детали за новиот телефон и процесор.
Google и iFixit го проширија партнерството за делови
Google и iFixit го продлабочија своето партнерство за поголема достапност на резервните делови за поправка. Досега двете компании соработуваа на делови за телефоните, а новото партнерство се проширува на Pixel таблет компјутерите.
Деловите за Pixel таблет компјутерите веќе се достапни и на iFixit страницата. Корисниците кои имаат потреба можат да ги нарачаат од продавницата. Има десетина елементи, од различни делчиња кои се користат за затворање на таблетот, до кабли. Задниот капак е еден од најскапите делови и чини 200 долари, а толку негде ќе треба да одделат и купувачите на екранот. Батеријата за замена чини 67 долари.
Покрај деловите сопствениците на Pixel Tablet кој се похрабри или повешти и сакаат сами да си ги заменат деловите можат да го направат тоа. iFixit на овие корисници им помага со различни упатства и туторијали.
Tesla доби инвестиција од 160 милиони евра во Европа
Еден од најголемите производители на електрични возила во светот, Tesla доби 160 милиони долари инвестиција за проширување на својата мрежа за полнење во 22-ве држави во Европа.
Производителот треба да инсталира или надгради 7200 полначи во Европа, пишува Engadget. Инфраструктурата ќе биде надградена во Австрија, Белгија, Бугарија, Германија, Грција, Шпанија, Финска, Франција, Ирска, Италија, Литванија, Летонија, Луксембург, Холандија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Чешка, Хрватска, Унгарија и Шведска.
Еден дел од средствата ќе биде наменет за надградба на инфраструктурата со нов Tesla Supercharger V4 со моќност 350KW.
Tesla во Европа има над 10000 полначи, најмногу во Германија, Франција, Велика Британија, Норвешка и Шведска.
Meta влегува во партнерство со LG за производство на Quest Pro
Meta и LG планираат да го прошират своето партнерство. Двете компании соработуваат на производството на Quest Pro. Уредот во најголем дел го произведува Meta, но екранот е на LG.
Во иднина овој однос би можел и да порасне. Двете компании се во преговори, па во иднина целиот сет за виртуелна реалност би можел да биде произведуван од LG, јави корејскиот портал Maeil Business.
LG во производството ќе користи екрани од LG Display, батерии од LG Energy и други компоненти од LG Innotek.
Првиот сет би можел да биде претставен во 2025 година, а за цена се шпекулира со сума од околу 2000 долари.
Huawei Mate 60 Pro и Kirin 9000
Кинескиот производител на паметни телефони и мобилна инфраструктура Huawei е компанијата која е најпогодена од американските санкции. Сепак и покрај тоа компанијата успева да продолжи со развој и да напредува.
Најновиот процесор на Huawei, Kirin 9000 e одличен показател дека кинеските компании работат на развој на сопствен екосистем за чипови. Производител на чипот е Semiconductor Manufacturing International Corp (SMIC). Ова е прв пат компанијата да ја користи новата 7nm технологија за производство на чипови. Huawei на почеток на септември го претстави телефонот без премногу детали за перформансите и спецификациите. Bloomberg и TechInsights купија телефон и го расклопија. Најголем дел од деталите за N+2 7nm чипот доаѓаат од ова истражување.
Санкциите на САД дозволуваат увоз на 14nm чипови, но не и на понова технологија. Kirin 9000 е процесор кој заостанува едвај 2, 3 генерации и е изненадувачки добро направен. Перформансите и ефикасноста на чипот се споредливи со Snapdragon 888 5G чипот на Qualcomm.
Интересно двете компании, и Huawei и SMIC се на црната листа на американските власти. Новиот чип е сериозен удар за санкциите. Покажува дека Кина, по првиот „удар“ сега успева да се справи со санкциите.
Едно од прашањата кое треба да добие одговор наскоро е „Колкав е капацитетот во кој кинеските производители се способни да ги произведуваат новите чипови во иднина?“.
Apple Watch
На прв поглед новиот Apple Watch Series 9 часовник на Apple не се разликува премногу од претходникот. Од надвор е тешко да се забележи некаква разлика, часовниците и натаму се со големина 41mm или 45mm. Сепак, доаѓа со значително побрз S9-чип и подобар екран.
Новиот S9 чип има 5,6 милијарди транзистори, 60% повеќе од претходникот и графички процесор кој е 30% побрз. Чипот доаѓа со 4-јадрен неврален процесор наменет за обработка на задачи поврзани со машинско учење.
Батеријата трае 18 часа, по што уредот мора да оди на полнење.
Една од интересните функционалности е можноста часовникот да се користи за пронаоѓање на телефонот. За ова часовникот е своевиден компас кој ги покажува насоката и растојанието до телефонот.
Сепак, она што веројатно ќе биде најинтересно за сите е новото управување на часовникот со гестови. Нешто слично видовме и кај сетот за виртуелна реалност, но сега Apple го имплементира кај часовникот. Двојно допирање на показалецот и палецот функционира како „примарно“ копче во активните апликации. Корисникот може да го користи за запирање на алармот или за паузирање музика. Ова зависи од апликацијата, но кога нема отворена апликација гестот го отвора и овозможува движење низ „smart stack“.
Со оглед на тоа дека сѐ се управува со единствен гест, првата гестикулација го отвора „smart stack“, а секоја следна оди кон следниот виџет во „листата“.
Новиот процесор е клучен за управувањето на часовникот со гестикулации. Многу брзо ги обработува информациите од акцелерометарот, жироскопот и оптичкиот сензор за срцевата работа. Со помош на машинското учење процесорот може да регистрира и најмали промени во движењето и крвотокот кога корисникот ги прави гестикулациите.
GPS моделот чини 400 долари, а GPS + Cellular моделот чини 500 долари.
Apple Watch Ultra 2
Минатата генерација часовници за првпат го претстави Ultra часовникот наменет за сите супер-активни корисници. Уредот доби надградба и со оваа серија, па Apple го претстави Apple Watch Ultra 2.
Заедно со новиот Ultra 2 часовник доаѓа и нов екран кој е централна-локација на која се сместени куп информации. Корисникот може да провери компас, висина, длабочина, или поминато време во секунди.
Она што беше најимпресивно за претходниот модел, останува и сега. Ultra 2 може да работи 36 часа со едно полнење или во штедлив мод на работа 72 часа со едно полнење.
Порачките се отворени, а цената на часовникот е 800 долари.
iPhone 15
Без разлика колку се интересни часовниците, Apple нè навикнал есенските презентации да бидат фокус на iPhone. Така е и овој пат со iPhone 15. Дизајнот на телефонот веќе неколку последни генерации е сличен, па нема некои отскокнувања ниту оваа година. Уредот доаѓа во 5 различни бои: црна, сина, зелена, жолта и розова.
Телефонот доаѓа со OLED Super Retina дисплеј со осветлување од 2000 nits. Ова е двапати посветло од екранот кој се користи на iPhone 14.
iPhone 15 продолжува да го користи „динамичниот остров“ на врвот на телефонот. Компанијата пронајде интересна можност да ја скрие предната камера во темен дел од екранот. Големината на темниот дел динамички се менува, па корисникот не може да забележи дека една од причините поради која се појавува „динамичниот остров“ е да ја скрие дупката за камерата.
Големината на екранот доаѓа во две димензии 6,1-инчи за iPhone 15 и 6,7-инчи за iPhone 15 Plus. Екранот е заштитен со „стакло-керамика“ (Ceramic Shield) која според компанијата е поцврста од било какво стакло.
Значителна надградба има кај камерата. iPhone 15 и iPhone 15 Plus доаѓаат со 48МР главна камера со quad-pixel сензор и 100% Focus Pixels за брзо фокусирање. За споредба истите модели во серијата 14 имаа 12МР главна камера.
Главната камера овозможува и 24МP супер-висока резолуција, а има и 12МР теле-фото сензор. Сликањето во сите модови од портрет, до ноќна фотографија и акција е подобро на новиот уред.
Новитет на телефонот е и A16 чипот. Сепак кога хардверот е во прашање како да навикнавме на супер-моќни спецификации, а и процесорот беше претставен со iPhone 14 Pro, па не сме премногу возбудени. A16 Bionic е 6-јадрен процесор кој доаѓа со 5 јадрен графички процесор. Во случајот A16 доаѓа со 2 супер моќни јадра и 4 ефикасни јадра. Процесорот работи подобри при мултитаскинг од претходниците, а секое јадро обработува специфична задача.
Една од промените која дојде на новиот iPhone е USB-C портата која ја замени стандардната Lightning порта.
Цената на основниот модел на iPhone 15 со 128GB простор е 800 долари, а iPhone 15 Plus чини 900 долари.
iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max
Покрај стандардните модели Apple претстави и два Pro модели на телефоните. Големината на екранот е 6,1-инчи и 6,7-инчи. Ова е исто со стандардниот модел, но за разлика од стандардните модели телефонот доаѓа со подобар дисплеј, камера и нов A17 Pro чип.
A17 Pro е првиот 3nm чип и доаѓа со 19 милијарди транзистори. Како и претходникот, и новиот чип доаѓа со 6-јадра, кои сега се подобри. Моќните јадра се 10% побрзи од претходната генерација и се најбрз процесор на било кој паметен телефон досега. Подобри перформанси имаат и 4-те ефикасни јадра кои сега имаат 3 пати подобар однос перформанси/потрошена енергија од конкуренцијата. Neural Engine е 16-јадрен и е 2 пати побрз од оној кој е користен во A16. Графичкиот процесор на A17 Pro е 6-јадрен со shader-архитектура дизајнирана од Apple. Надградбата на графичкиот процесор го прави 20% побрз од оној користен во минатата генерација.
Како и кај стандардниот модел камерата е 48MP, но сензорот кај овие уреди е поголем. Камерата овозможува подобри фотографии во намалена видливост и нова 24MP резолуција за фотографии со поголем квалитет. Телефоните имаат и нова широко-објективна камера, а теле-фото леќата доаѓа со 3х или 5x зголемување во зависност дали е Pro или Pro Max. Сите камери имаат нова оптичка стабилизација на слика и autofocus 3D sensor-shift module за појасна фотографија.
Цената на основниот модел на iPhone 15 Pro e 1000 долари, a Pro Max моделот се продава за 1200 долари.