Длабоко сме во декември. Ова значи дека најголем дел од вестите за хардвер се одамна раскажани. Ова е период за рекапитулација, за совети за подароци и за чекање на првиот хардвер од 2025 година. Добра вест за сите кои сакаат нова графичка картичка, Nvidia срамежливо ги најави RTX 5xxx картичките за првата недела на 2025 година.
Да не биде сѐ супер здодевно се погрижи Google кој го претстави својот квантен компјутер Willow, но и супер интересната платформа Android XR. Останатите хардвер вести доаѓаат како шпекулации, без разлика дали е најавата за детали на Nintendo Switch 2 или било што друго.
Google го претстави Willow
Минатата недела развојот на квантните компјутери имаше огромен скок. Најновиот чип на Google – Willow, за 5 минути може да реши проблеми за кој на најмодерните суперкомпјутери ќе им бидат потребни 10 000 000 000 000 000 000 000 000 (1025) години! Willow би можел да биде вистински скок напред во иднината на квантните компјутери.

Квантните компјутери работат според правилата на честичната физика, го користат однесувањето на субатомските честички за да ги обработат податоците со неверојатни брзини. Willow е врв на оваа релативно нова технологија, и ги приближува квантните компјутери до практична примена.
Една од најголемите предности на Willow е значителното намалување на грешките. Квантните компјутери иако супербрзи се подложни на значителни грешки. Сепак Google успеа да ги намали грешките со скалирањето. Ова до неодамна се сметаше за невозможно. Дополнително, импресивната брзина на Willow, повторно ќе ги помести границите на возможното.
Засега, Willow останува во експериментална фаза. Најголем дел од практичната примена која едвај ја чекаме, како развој на нови лекови или оптимизација на енергија е далеку. Барем засега, никој не може да го оспори прогресот кој Google го направи со Willow.
Квантни компјутери – супер поедноставени
Ако ги замислиме стандардните компјутери како супер читател кој за барање на одговор чита книга по книга и ги наоѓа одговорите, квантниот компјутер би можеле да го „замислиме“ како цела библиотека читатели кои ги читаат сите книги во исто време. Тие не обработуваат податок по податок. Наместо ова благодарение на однесувањето на честичките на квантно ниво, тие обработуваат огромно количество на податоци наеднаш. Овие принципи им овозможуваат на квантните компјутери да решат некој проблеми експоненцијално побрзо од класичните компјутери.
За разлика од класичниот бит кој има вредност „0“ или „1“, секој кубит (qubit) пости во спектар на веројатности помеѓу „0“ и „1“. Благодарение на ова квантните компјутери може да обработуваат многу решенија истовремено. Поради „заплеткувањето“ (entanglement) – со кое кубитите влијаат едни на други, дури и кога се на растојание, системот е способен за сложени пресметки кои експоненцијално растат со бројот на кубити. Токму поради оваа комбинација на квантни состојби, овие машини го имаат нивниот неверојатен потенцијал.
Надминат проблем со грешките
Најголемиот проблем на квантните компјутери досега беше нивната подложност на грешки. Кубитите се исклучително нестабилни и додавањето на повеќе кубити ја зголемува нестабилноста. Google со Willow успеа да го направи обратното. Наместо со зголемување на кубитите да се зголеми нестабилноста и зголемување на грешките, сега поголемиот број кубити значи помалку грешки.
Во студија објавена во Nature, тимот на Google демонстрираше експоненцијално намалување на грешките користејќи 3×3, 5×5 и 7×7 мрежи од кубити. Стапките на грешки се преполовуваат секој пат. Оваа пресвртница, позната како „под прагот“ (below threshold), истражувачите се обидуваат да ја достигнат веќе 30 години.
Хартмут Невен, мозокот зад Google Quantum AI, го спореди достигнувањето со авијацијата: „Ако имаме авион со само еден мотор, тој работи – два мотори се побезбедни, а четири мотори се уште побезбедни“. Корекцијата на грешката на Willow може да биде основа за скалабилно квантно пресметување.

Супер брз на тестови специјално креирани за квантните компјутери
Перформансите на Willow се постигнати на Random Circuit Sampling (RCS) бенчмарк тестови. Овие тестови се дизајнирани специфично за квантните системи. Willow ја заврши пресметката за време од 5 минути. Сепак, пресметката доаѓа со предупредување од скептиците, против преголема возбуда од резултатите за пресметки специјално дизајнирани за квантни компјутери. Сепак, и покрај ова нема сомнеж дека со Willow овој јаз (барем за специјализирани пресметки) расте.
Малку спецификации на Willow
Google го креираше Willow во својот оддел за производство во Санта Барбара. Чипот преставува врв во квантното инженерство. Доаѓа со 105 кубити кои сега имаат подолг живот (Longer Qubit Lifetimes). Времето во кое се мери колку долго кубитот ги задржува податоците сега е 100 микро секунди што е петпати подолго од претходно.

Импресивно достигнување, но само почеток на трката
Без сомневање достигнувањето со Willow е импресивно, но за практична примена ќе мора да почекаме. Проценката на Google е дека квантните компјутери ќе овозможат напредок во области во кои се доминантни квантните ефекти, на пример: симулирање на нуклеарна фузија; револуционизирање на откривањето на лекови и дизајнирање на следната генерација на батерии.
„Ова е охрабрувачки за сите кои се трудат да изградат практичен квантен компјутер“, вели професорот Алан Вудворд од Универзитетот Сари. Сепак, останува многу работа за стапките на грешки да бидат доволно ниски за практична употреба од големи размери.
Google се враќа во проширената реалност
Можеби се сеќавате на Project Glass на Google. Проектот беше многу интересен, но за жал Google на крај го „пензионираше“. Компанијата сега има нов план, да се врати во проширената реалност преку Android XR. Замислете сетови паметни очила и технологија што досега изгледаше како научна фантастика. Минатата недела Google организираше презентација за новинарите кои имаа можност да тестираат прототип на очила и Project Moohan на Samsung.
„Не можам да негирам, за еден час, се чувствував како Тони Старк со Gemini како мој Jarvis“, вели Викторија Сонг од Verge.
Androix XR е овозможен од новата надградба на Gemini, амбициозна мултимодална вештачка интелигенција на Google. Gemini овозможува превод во реално време, моментално препознавање на објекти, и креирање на кратки информации од пораките. Сѐ ова на крајот се сумира како приказ на очилата на корисникот, директно во видното поле. Вештачката интелигенција препознава што зборуваме, за што зборуваме, и ни го дава одговорот кој го бараме.
Project Moohan на Samsung, треба да излезе во продажба во 2025 година. Toa ќе биде првиот производ за широка потрошувачка со Android XR. Дизајнот на уредот изгледа како спој на Meta Quest и Vision Pro на Apple. Samsung се обидува да гo балансира потопувањето (immersion) во вештачка интелигенција со лесна конструкција и флексибилност преку дозволување на светлина. Функциите како автоматска калибрација на очите и промена на големината на апликацијата треба да го подобрат корисничкото искуство.
Прототипот на паметните очила на Google се потпира на дискретна употреба – преводи во реално време, резимеа на текстови и беспрекорни интеракции. За жал како и Project Glass засега остануваат повеќе концепт отколку производ.
Иднината на XR на Google зависи од тројна стратегија: програмерите да создадат робустен екосистем на апликации, прикажување на потенцијалот на Gemini и префрлување на XR способностите на повеќе уреди. Ова нема да биде замена на паметен телефон или паметен часовник. Android XR треба да биде нивно надополнување.
Google го замислува сетот за проширена реалност како дополнителна алатка за забава, а очилата може да се развијат во алатка за дискретно известување и брзо пребарување и презентација на овие податоци.
Протекоа податоци за Nintendo Switch 2
Гејминг светот со нетрпение ја очекува следната надградба на Nintendo Switch. Очекувано, популарноста на конзолата придонесува и за интересот за податоци и за протекување на информации за дизајнот и хардверот. За второто ќе треба да причекаме, но благодарение на Dbrand имаме нови податоци за дизајнот. Компанијата го претстави новиот кејс (case) за Ninteno Switch 2 – „Killswitch 2“. На сликите кои ги споделија се гледа конзола која е поголема и можеби посестрана од претходникот.
Според директорот на Dbrand, Адам Ијаз, Switch 2 ќе има ширина од 270 mm и ќе биде висок 116 mm. Новата конзола ќе биде и малку подебела од OLED моделот со 14 mm. Новиот дисплеј ќе биде со големина од 8-инчи, додека потпората има сличен дизајн, но поголем. Joy-Cons, имаат систем за магнетно прицврстување со „копче за откачување“ на задната страна. Оваа функционална промена соодветствува со гласините за модуларен и поергономски дизајн. Можеби и воведување на ново копче означено со „C“ – иако неговата точна цел барем засега останува мистерија. Моделите на Dbrand, ги истакнуваат редизајнираните џојстици и копчиња, што сугерира дека Nintendo можеби ќе го подобри искуството за гејмерите.

Ако сте заинтересирани за датата на излегување или цента на новиот Switch, за жал тоа не го добивме во протечените податоци. Официјалните податоци од Nintendo засега остануваат дека компанијата официјално ќе ја претстави конзолата пред април 2025 година. Дотогаш ќе мора да „се раниме“ со вакви шпекулации.
RTX 50 Blackwell Gaming од Nvidia излегуваат следниот месец
Следната генерација на графички картички од Nvidia RTX 50 Blackwell Gaming од Nvidia ќе ја видиме во првата недела од јануари. Супер моќните RTX 5090 и RTX 5080 доаѓаат со револуционерни подобрувања на перформансите, вклучувајќи и напредни „ray-tracing“ способности и вештачка интелигенција. Дополнителна возбуда во проектот донесе и трејлерот за Witcher 4 за кој CD Project откри дека е рендериран на необјавена картичка од Nvidia. Иако неофицијално, шпекулациите се дека станува збор за RTX 5090.
Официјалниот настан е веќе закажан за 6 јануари. Архитектурата на Blackwell ветува значајни надградби во однос на нејзиниот претходник, вклучувајќи подобрена поддршка за FP4 и FP6 типовите на податоци и подобрена ефикасност преку 4NP на TSMC. Протечените спецификации на RTX 5090 навестуваат 21 760 CUDA јадра, 32 GB GDDR7 меморија и 512-битен интерфејс, и моќност од речиси 600 W. Во меѓувреме, RTX 5080 се очекува да има 10 752 CUDA јадра и 16 GB меморија, и моќност од 400 W, пишува Tom’s hardware.
It all starts now…
— NVIDIA GeForce (@NVIDIAGeForce) December 13, 2024
🟢 CELEBRATE 25 Years of GeForce
🟢 PLAY along & join our GeForce LAN 50
🟢 WATCH our NVIDIA Keynote at CES 2025 on 1/6/25#GeForceGreats → https://t.co/LGRaII9HUV pic.twitter.com/enMKzdr5OK







