Нов и досега ненајавен процесор на Intel се појави во продажба во Пакистан. Јапонскиот ланец Kakaku ја објави цената за неколку PCIe 5.0 SSD дискови од CFD Gaming. AMD ќе претстави три нови процесори на почетокот на следната година. Во светот на електричните возила Tesla Semi целосно натоварен помина 500 милји со едно полнење на батеријата…
Нов ненајавен Intel процесор во продажба
Две продавници во Пакистан Junaid Tech и Computer Zone започнаа да продаваат i5-13400, i7-13700 и i7-13700F. Ова не е вест, ако ова се познати процесори. Процесорите се од Raptor Lake серијата, но досега Intel официјално не ги претставил. Производителот ги претстави единствено K-процесорите, а за другите ќе треба да почекаме. Најрано ова би можело да се случи на 3-ти јануари за кога Intel има закажан настан.
Од трите процесори единствено i5-13400 е достапен во продажба, i7-13700 и i7-13700F се достапни за нарачка.
За овие процесори веќе се објавени и првите спецификации. Core i7-13700 и i7-13700F имаат 16 физички и 24 виртуелни јадра, работат на 2,1 GHz, и турбо на 5,2 GHz. Core i5-13400 e 10 јадрен процесор, со 16 виртуелни јадра, работна фреквенција 2,5 GHz, и турбо 4,6 GHz.
Што се однесува до цените, i5-13400 се продава за 313 американски долари, i7-13700 чини 508 долари, а i7-13700F чини 447долари.
Dell XPS 13 рецензии
Започнаа да пристигаат и првите прегледи за новиот модел на Dell XPS 13. Лаптопот доаѓа во две верзии, основна и Plus. Висок е само 14mm, а Plus моделот кој мораше да биде нешто повисок за подобро ладење на новиот процесор е 1mm повисок. Тежината на лаптопот е 1174g.
Како и досега надворешниот дел е изработен од алуминиум, а иако е потенок од своите претходници, во новиот XPS 13 има простор за подобри звучници и батерија со поголем капацитет. За жал, потенкиот лаптоп значи декa Dell мораше да се откаже од дел од портите.
На лаптопот има простор единствено за две USB-C Thunderbolt 4 порти, но XPS 13 2022 доаѓа со два адаптери (dongle), за USB Type-B и 3,5 mm приклучок.
Според процесорот, Dell XPS 13 доаѓа во неколку модели. Минимумот е Intel Core i5-1230U, а максимумот Intel Core i7-1250U vPro. Лаптопот доаѓа со интегрирани графичка картичка Intel Iris Xe Graphics. Има можност за 8, 16 или 32 GB LPDDR5 меморија. Кај дисковите има избор помеѓу 512 GB, M.2, Gen 4 PCIe, SSD; 1 TB, M.2, Gen 4 PCIe NVMe, SSD и 2 TB, M.2, Gen 4 PCIe NVMe, SSD.
„Oчекувано, уредот кој го тестирав беше побавен во споредба со поскапите машини со посилни процесори, како MacBook Air и XPS 13 Plus. За среќа, XPS 13 сепак не заостана многу зад конкурент со најблиска цена, таблет-лаптопот Surface Pro 9.
Општо земено, SSD дискот на XPS 13 е побавен од поскапите примероци, но лаптопот сепак успеа да го победи MacBook Air во sequential read speeds и random write и read брзини. Подобар е и од Spectre x360 13,5-инчи од HP, и Lenovo Yoga 9i во random write speed“, вели Шерон Хардинг од Ars Technica.
Кога батеријата е во прашање, Dell XPS 13 успеа да издржи 781-на минута на стрес тест на батеријата, а Plus-моделот 382-ве минути.
PCIe 5.0 SSD дискови во Јапонија: 1TB е 400, 2TB се 800, а 4TB чинат 1600 долари
CFD Gaming оваа година го претстави своите гејминг PCIe SSD дискови, a oваа недела јапонскиот ланец Kakaku ги додаде дисковите во својата листа.
Перформансите на дисковите се импресивни, 10GB/s брзина при читање; максимални 9,5GB/s брзина при пишување и 1500K IOPs. Капацитетот на дисковите е 1, 2 и 4 TB, а цената очекувано е висока. Основниот модел чини 400 долари, моделот од 2TB чини 800 долари, а за 4ТВ се потребни 1600 долари.
Цените се речиси двапати повисоки од конкуренцијата; Rocket 4 Plus-G SSD има брзина на читање и пишување од 7,2 GBs и чини 170 долари за капацитет од 1TB. За споредба со PCIe 4.0 моделите, Samsung 990 Pro од 2TB чини околу 350 долари на Amazon.
Samsung претстави дел од GDDR7 технологијата
Уште речиси не сме се навикнале на GDDR6 меморијата, а Samsung претстави дел од стандардите за следната генерација GDDR7. Следната генерација ќе има двапати поширок опсег (bandwidth) и густина од актуелната GDDR6 меморија.
GDDR7 ќе користи PAM3 сигнали. Постоечката меморија користи PAM2 сигнализација со која може да се постигне брзина за трансфер на податоци од 14 до 24 Gbps. Со PAM3 трансферот на податоци се очекува да достигне брзина од 36 Gbps што е два пати побрзо од GDDR6X DRAM кој се користи во графичките картички како Nvidia RTX 4090.
AMD ќе претстави три нови Ryzen 7000 X3D процесори
Како се приближува CES, така се погласни се гласините за уредите и хардверот што ќе можеме да ги видиме на саемот. Очекувањата за AMD се производителот и официјално да ги претстави Ryzen 7000 процесорите со 3D V-Cache.
Засега нема ништо официјално, но ако им веруваме на гласините Ryzen 7000X3D ќе доаѓаат со 16, 12 и 8 јадра. За перформансите на процесорите се шпекулира и сe: Ryzen 9 7950X3D – 16 MB L2, 192 MB L3, 170W; Ryzen 9 7900X3D – 12 MB L2, 192 MB L3, 170W и Ryzen 7 7800X3D – 8 MB L2. 96 MB L3, 170W.
За да дознаеме колку се точни овие информации, ќе треба да почекаме еден месец и отворањето на CES.
Apple Self Service Repair пристигна во Европа
Белгија, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство се првите европски држави во кои ќе бидат достапни резервните делови и упатствата за сервисирање од Self Service Repair програмата на Apple. Програмата овозможува купување на прирачници за поправка, делови и алат за сервисирање на уредите на Apple.
Иако идејата е на крај деловите да бидат достапни за сите уреди во моментов тоа не е случај. Засега се достапни делови за iPhone 12, iPhone 13, и MacBook со M1 или М2 чип. За поновите телефони, или за MacBook со процесор на Intel сѐ уште нема делови.
До неодамна уредите на Apple можеа да се сервисираат исклучиво во Apple Store или кај овластен сервисер кој е дел од Apple мрежата. Промените секако се добредојдени за сите, без разлика дали сакаат да го поправат уредот сами или ќе можат да одат до најблискиот сервисер.
Tesla Semi помина 800 километри натоварен
Tesla направи огромен исчекор со својот електричен камион. Камионот натоварен со 41 тон успеа да помине 800 километри (500 милји) со едно полнење на батеријата. Ова претставува полн товар за Tesla Semi.
Елон Маск го претстави камионот во 2017, но до последната демонстрација никој сериозно не размислуваше за електрични камиони како средство за транспорт. Бил Гејтс сметаше дека овие камиони никогаш нема да станат реалност. Сепак, неколку години подоцна електричните камиони се чини како да би можеле да имаат примена.
Камионот кој се користеше во демонстрацијата е излезен од производна линија и нема никакви прилагодувања. Во зависност од рутата Елон Маск најави дека камионот би можел да помине и над 900 километри.
За жал засега нема најава за цената на Tesla Semi, ниту како ќе влијае транспортот со поголем товар на долготрајноста на батериите.
Thanks for sharing you can <a href=”https://xtremehardware.pk/”> Buy your gaming computer online</a> from XtremeHardware.pk