Минатата недела немаше многу хардвер вести, но беа интересни. Така, конечно ја дознавме цената на ID.Buzz, Microsoft претстави нови Xbox X модели, а Samsung ги покажа новите Odyssey 3D монитори.
ID.Buzz со податоци за цената и изглед на ентериерот
Пред неколку години германскиот производител на автомобили Volkswagen го претстави своето прво електрично комбе. Станува збор за електрична верзија на VW Transporter, најпопуларното комбе кое го произвеле во својата историја.

Супер убавото, и по се изгледа прескапо ID.Buzz електрично комбе конечно официјално доби и цена. Првиот претставен модел ID.Buzz Pro S ќе чини 59 995 долари. Има погон на четири тркала и може да транспортира најмногу седум патници. Следниот модел, Pro S Plus чини 63 495 за погон на задните тркала и 67 995 за погон на сите четири тркала.
Покрај цената Volkswagen претстави и дел од ентериерот кој има три различни бои за Pro S и две за Pro S Plus. Веројатно поважно, дознавме и дека возилата ќе може да поминат околу 370 километри со „полн резервоар“. Единствен податок кој не го знаеме досега е датата на излегување, но веројатно и нејзе ќе ја дознаеме наскоро.

xMEMS XMC-2400 µCoolingTM чип за ладење
Производителот на напредни микро-електромеханички системи и solid-state уреди xMEMS претстави нов чип за ладење. XMC-2400 µCooling е еден милиметар висок чип, solid-state разладувач за ултра тенки уреди, како телефони или таблет компјутери. Преку употребата на MEMS технологија чипот може да спречи превисока температура и со тоа да спречи прегревање на чиповите, и така да ги подобри перформансите. Иако чипот тежи 150 милиграми, во една секунда може да премести 39 кубни сантиметри воздух.
xMEMS XMC-2400 µCoolingTM е отпорен на прашина и на влага, а нема ниту подвижни делови што го прави поиздржлив на механички оштетувања. Цената на XMC-2400 ќе биде 10 долари, а технологијата ќе биде достапна на почетокот на следната година. Овој и слични уреди се клучни за следниот скок во технологијата за потенки и помоќни уреди.
Samsung претстави 2D/3D Odyssey монитор
Samsung претстави нова ветувачка технологија која има потенцијал да го промени гејмингот. Компанијата за следната година го најави мониторот Odyssey 3D кој ќе овозможи 2D/3D гејминг без никакви дополнителни додатоци. Транзицијата помеѓу 2D и 3D е овозможенa од технологијата за следење на погледот и систем камери кои се „скриени“ во рамката. Благодарение на ова мониторот претставува точна 3D-слика и ќе овозможи 3D-гејминг без никакви додатоци.
Мониторите Odyssey 3D ќе доаѓаат во две големини 27 и 37-инчи, со 4K QLED панел, 1-милисекунда време на одговор и поддршка за AMD FreeSync. Мониторите доаѓаат со DisplayPort 1.4 и два HDMI 2.1 влеза.
Според најавата мониторите излегуваат оваа година. Засега нема податок за точната дата или цената.
Нов Xbox Series X
Microsoft најави нов Xbox Series X модел на кој игрите ќе бидат достапни исклучиво како дигитални верзии. Sony веќе има ваква конзола, а сега се чини дека и Microsoft ќе се обиде да освои повеќе купувачи со истиот пристап. Покрај овој модел без диск, Microsoft претстави и специјално издание на конзолата која ќе доаѓа со 2TB SSD. Надградба има и за послабиот модел Xbox Series S кој во иднина ќе доаѓа со 1 TB диск.
Цената на 2TB “Galaxy Black” конзолата е 599,99 долари, дигиталната верзија на Xbox X ќе чини 449,99 долари и новиот Xbox S ќе доаѓа за 349,99 долари.
Конзолите излегуваат во САД на 15 октомври, а на останатите пазари конзолата ќе биде достапна две недели подоцна од 29 октомври. Досега нема дополнителни вести за промени на хардверот на конзолите, со исклучок на отстранувањето на дискот од дигиталниот модел.
Нема сервисирање на Pixel Watch 3
Едвај една недела по Made by Google дознавме дека новите Pixel Watch 3 часовници нема да се сервисираат. На сопствениците на расипаните Pixel Watch 3 часовници Google ќе им овозможи замена на часовниците, но не и нивно сервисирање, пренесе Android Authority.
Ова е големо разочарување, но не е изненадување. Ниту претходните модели на часовникот Pixel Watch и Pixel Watch 2 не се поправаа. Купувачите од САД кои плаќаат за Preferred Care сервисот на Google ќе треба да платат 49 долари за замена, но програмата чини дополнителни 89 долари за две години. Дополнително, Preferred Care е достапен единствено во САД.
ЗА сопствениците кои не сакаат да платат за Preferred Care или се надвор од САД им преостанува или да го фрлат часовникот, или да се обидат самите да го поправат.
AMD ветува дека следната надградба на Windows 11 ќе ги подобри перформансите на Zen 5
Новата надградба на Windows 11 24H2 ќе ги подобри перформансите на новите Zen 5 чипови на AMD. На oптимизирањето на кодот работи AMD гранката во Microsoft, и според ветувањата ќе бидат завршени за следната надградба која излегува во септември.

„Кај Zen 5 ќе има наjголем скок кај перформансите, но подобри перформанси ќе има и кај Zen 4 и Zen 3“, вели AMD во соопштението.
За повеќе детали околу тоа колку ќе бидат подобрени перформансите ќе треба да почекаме, но од она што го сподели AMD: Kaj Far Cry 6 на 24H2 има 13 проценти скок во перформансите во споредба со 23H2, a кај Cyberpunk 2077 перформансите се 7 отсто подобри. Ова се исклучително големи промени, и може да се споредат дури и со разлика помеѓу чипови од различни генерации.