Хардвер од минатата недела – Најави од Apple, Pixel Fold, Thunderberry5…

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Минатата недела љубителите на хардвер немаа премногу уреди на кои можеа да им се израдуваат.  За жал ниту оваа недела не изгледа многу подобро, и добар дел од вестите се неофицијални.

Нов жолт iPhone 14

Една од вестите кои не се шпекулација, а се однесуваат на хардвер од Apple е новата боја на iPhone 14 и iPhone 14 Plus телефони. Идните купувачи на телефонот ќе можат да одберат и жолт телефон. Моделите се со идентичен хардвер како и досега, а уредот единствено ќе донесе нова боја во серијата. Производителот се одлучи Pro моделите да не ја добијат оваа надградба на боја.

Покрај новата жолта, iPhone 14 e достапен и во црна, сина, виолетова, бела и црвена.

Претпродажбата започна мината недела, на 10 март, а телефоните се достапни од 14 март.

Нов iMac во втората половина на 2023

iPhone е најпопуларниот уред на Apple, но и компјутерите на компанијата се супер интересни. Овој пат нема официјална потврда, но неофицијално оваа година би можеле да видиме нови лаптоп и десктоп компјутери. Во втората половина на годината може да го очекуваме и новиот модел на iMac. Актуелната верзија е од април 2021, па во моментот на излегувањето ќе поминат две години помеѓу двете генерации на уредот. Компјутерот ќе доаѓа со новиот модел на M-процесор, кој ќе го замени M1 во сегашниот модел.

Пред новиот iMac, Apple ќе претстави неколку нови уреди. Веројатно може да очекуваме нов 15-инчен MacBook Air, првиот Mac Pro со процесор од Apple и надградба на 13-инчниот MacBook Air, пренесе Bloomberg.

Засега е нејасно со кои процесори ќе доаѓаат MacBook Air, но Mac Pro ќе доаѓа со M2 Ultra процесор.

Дали Apple ќе издаде нов M3 процесор со кој ќе доаѓа следната генерација компјутери и таблети ќе видиме веројатно на WWDC 2023 конференцијата. Конференцијата засега не е закажана, но би требало да ја очекуваме некаде на почетокот на јуни.

 Pixel Fold излегува во јуни

Според шпекулациите, Google оваа година ќе издаде сопствен флексибилен уред – Google Pixel Fold. Дали ова ќе биде уред со кој Google ќе се обиде да го освои пазарот, или уред со кој треба да ги покаже можностите на телефоните со флексибилен екран ќе дознаеме подоцна.

Од малкуте неофицијални информации кои ги сподели Роланд Куант од WinFuture знаеме дека телефонот треба да излезе во јуни. Pixel Fold ќе доаѓа со 256GB простор и нема да има преголем избор на бои. Купувачите ќе можат да одберат помеѓу црна и сива, и според првите информации уредот ќе чини 1700 евра.

Google Glass Enterprise Edition повеќе не постои

Едвај да имавме можност да го видиме, а Google Glass веќе не постои. Очилата за проширена реалност компанијата престана да ги продава за корисниците уште во 2015. Оваа недела Google престана да ги продава и Glass Enterprise Edition, а од септември престанува и поддршката.

Крајот за очилата веројатно не е изненадување за сите кои се позаинтересирани за овој уред на Google. Актуелната надградба на очилата е од 2019 година.

Последните примероци на очилата се продадени на 15-ти овој месец, а поддршката завршува на 15-ти септември. Ова не се однесува на софтверски надградби кои воопшто и не се планирани. Она што производителот ќе го обезбеди во овој период е замена на дефектните уреди.

За Google останува развојот и работата на Android уреди со проширена реалност, пренесе 9 to 5 Google.

Sony WF-1000XM5 слушалки

Sony најави надградба на едни од своите најпопуларни слушалки (earbuds). Оваа недела без никаква претходна најава, протече вест за нови Sony XM5 слушалки. Новите слушалки се замена за XM4 моделот. Верзијaта XM5 е многу покомпактнa од слушалките кои ќе ги замени, вели The Walkman Blog.

Сликите кои се споделени се од сертификацијата и иако постојат разлики со актуелниот модел, тие се минимални. Има поместување на лед индикаторот, и слушалките се поергономски од досегашните. Најзабележлива разлика е што новиот модел е од полирана пластика, иако тоа може да се промени до финалниот модел.

Официјалното претставување на слушалките досега не е најавено, но би можело да биде од мај до август.

Thunderberry5 е конкурент на Raspberry Pi

Популарниот миникомпјутер Raspberry Pi наскоро ќе добие нов конкурент. Миникомпјутерот  Thunderberry5 доаѓа со Qualcomm процесор и ако судиме по изборот на процесорот, веројатно ќе биде помоќен од Raspberry Pi, но дефинитивно ќе биде поскап. Thunderberry5 доаѓа со Qualcomm QCS610 Snapdragon чип, кој според спецификациите е побрз од Broadcom BCM2711 чипот кој се наоѓа во последната верзија на Raspberry Pi 4B.

Thunderberry5 доаѓа со 4GB LPDDR4 RAM и 64GB eMMC 5.1. Покрај ова доаѓа со Qualcomm AI Engine што е доволно за основни пресметки со вештачка интелигенција.

Samsung Galaxy A54

Samsung претстави нов уред во A-серијата. Galaxy A54 секако не е „flagship“, но барем и цената му е пониска, околу 450 долари. Производителот најави дека уредот доаѓа со новиот 5nm Exynos 1380 процесор. Ова за жал не е премногу добра вест, откако неделава Google објави 18 zero-day пропусти на чиповите од Samsung. Сепак надградбата на процесорот треба да понуди 20% подобри перформанси.

Екранот е 6,4-инчен Super AMOLED 120Hz, со резолуција 1080х2340. Според рамот и внатрешната меморија ќе има неколку модели :128GB со 6GB RAM; 128GB со 8GB RAM; и 256GB и 8GB RAM.

A54 доаѓа со тројна камера – 50 MP, f/1.8, (wide), PDAF, OIS; 12 MP, f/2.2, 123˚ (ultrawide), 1.12µm; 5 MP, f/2.4, (macro). Предната камера е 32 MP, f/2.2, 26mm (wide), 1/2.8″, 0.8µm.

Претпродажбата на телефонот во САД започнува на 30-ти март.

IKEA претстави нов Bluetooth звучник

IKEA веројатно не е првата асоцијација на електроника, но компанијата има серија на Bluetooth звучници кои се супер евтини. Новиот звучник е дел од Vappeby серијата и чини само 15 долари. Звучникот навистина доаѓа без полнач, но за таа цена нуди 80 часа работа и IP67 заштита. Mоже да издржи да биде потопен во вода до 30 минути. Ќе биде достапен во три бои, црна, жолта и црвена, и ќе може да се поврзе со телефон, компјутер или кој било друг уред со активиран Bluetooth.

Razer има луди препораки

Веројатно најчудните препораки оваа недела доаѓаат од Razer. Производителот кој е препознатлив по гејминг глувчиња и тастатури оваа недела најави подлога за глувчиња од стакло. Мазниот материјал ќе овозможи глувчето да лизга врз подлогата без никакво триење.

Подлогата е прилично голема, со димензии речиси 50 х 40 cm и ќе може да ги издржи и најголемите оптоварувања.

Ако ви се допадна идејата, Razer предупредува да не го користите за удирање и повреда на луѓе или за подметнување пожар. Со оглед на тоа дека подлогата чини 100 долари, веројатно овие предупредувањa не беа потребни.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments