Хардвер од минатата недела: Galaxy Unpacked донесе телефони и паметни часовници

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Благодарение на неколку производители на паметни телефони минатата недела имавме некакво раздвижување кај хардверот. Ова најмногу се однесува на Samsung, компанијата на Galaxy Unpacked претстави куп уреди, од паметни телефони, до часовници и слушалки.

Иако Samsung е единствен производител кој има фокус на флексибилните телефони, минатата недела можевме да видиме дури три производители кои имаа некаквo претставување на ваков уред.

Од другите вести: LG претстави монитор со невообичаени димензии; а Oppo го претстави Watch 3 паметниот часовник.

Samsung Galaxy Z Fold 4

Samsung на Unpacked настанот претстави два телефони со флексибилен екран. Galaxy Z Fold 4 е најновата генерација на телефонот кој со отворањето се „претвора“ во таблет компјутер. Разликата со претходниот модел во најголем дел е незабележителна, а исклучок се камерите кои сега се значително подобри.

Главниот екран кога е отворен е 7,6-инчен, димензија која ја имаше и досега. Предниот екран е 6,2-инчи, што повторно е иста димензија со претходниот модел, но овој пат е неколку милиметри  поширок. Двата екрани се OLED со 120Hz рефреш. Процесорот е Snapdragon 8 Plus Gen 1, а телефонот доаѓа со 12GB RAM и барем 256GB простор. Максимумот за дискот е 1TB.

Најголемата разлика е новата камера. Fold 4 доаѓа со 50MP камера, 10MP 3х телефото леќа и 12МР широкоаголна леќа.

Претпродажбата е веќе започната, а телефонот официјално излегува на 26-ти август. Galaxy Fold Z никогаш не биле евтини уреди, а за овој модел се потребни 1800 долари.

Galaxy Z Flip 4

Надградбите на телефоните одамна го поминаа периодот во кој разликите од еден до друг уред беа огромен исчекор. Новиот Flip 4 има подобра камера, батерија со поголем капацитет, подобра заштита за екранот, и нови бои, и тука завршуваат поголемите надградби.

Како и Galaxy Z Fold 4 и овој уред доаѓа со Snapdragon 8 Plus Gen 1 процесор од Qualcomm. Сепак за разлика од Fold, Flip уредот доаѓа со 8 GB RAM. Главниот екран е 6,7-инчен со 120Hz рефреш.

Телефонот е достапен во претпродажба, а ќе биде достапен од 26-ти август. За среќа Galaxy Z Flip 4 е нешто поевтин, но и натаму е 1000 долари, што сепак е висока цена за телефон.

Motorola Razr

Минатата недела всушност можевме да видиме повеќе уреди со флексибилен екран. Motorola ја претстави верзијата на Razr која ќе биде актуелна оваа година. Како и сите останати флегшип телефони и овој доаѓа со Snapdragon 8 Plus Gen 1 процесор. Она што е поинтересно е дека екранот на Razr е подобар од екранот на Flip. Телефонот доаѓа со екран со исти димензии 6,7-инчи, но со рефреш од 144Hz.

Лоша вест за заинтересираните е дека ќе биде достапен исклучиво на кинескиот пазар. Ако некако успеете да дојдете до уредот, цената е 900 долари, што е значително помалку од 1400 долари колку што чинеше моделот од 2020 година.

Xiaomi Mix Fold 2

Најголемиот кинески производител на паметни телефони Xiaomi нè потсети што прави најдобро – „Наоѓаат уред кој им се допаѓа, и прават подобра верзија од него“. Новиот телефон MIX Fold 2, е подобра верзија на телефоните со флексибилен екран кои ги издава Samsung. Ова е втора генерација на Mix Fold, а уредот веќе е потенок, со поголем екрани, поголем капацитет на батеријата, и можеби најважно, со поприфатлива цена.

Веројатно веќе може да погодите, и овој телефон доаѓа со Snapdragon 8 Plus Gen 1 SoC процесор и со 12GB RAM. Почетниот капацитет на дискот е 256 GB, а максималниот капацитет е 1TB. Што се однесува до екраните, Mix Fold 2 има надворешен 6,56-инчен 21:9 OLED дисплеј. Внатрешниот екран е 8,02-инчен LTPO 2.0 (2160 x 1914).

Уредот на Xiaomi доаѓа со 50MP главна камера, 13MP широкоаголна камера и 8МР 2х телефото камера.

Батеријата е со 4500 mAh капацитет и поддржува 67W полнење.

Најголема предност пред конкурентите е цената. MIX Fold 2 чини 1335 долари. За жал, барем во моментов и овој телефон ќе биде достапен во продажба исклучиво во Кина.

LG DualUp 28MQ780

Новиот монитор од LG, DualUp 28MQ780 доаѓа со навистина невообичаени димензии. Веројатно не е единствениот монитор со дијагонала на екранот од 28-инчи, но тешко дека ќе пронајдеме друг монитор со однос на страните 16:18. Резолуцијата на екранот е 2560х2880px; рефрешот е 60Hz, а густината на пикселите е 140ppi. DualUp 28MQ780 доаѓа со 2хHDMI влеза, 1х DisplayPort и 1x USB Type-C влез; без сомневање ова е доволно за било која потреба.

Што се однесува до потенцијалната примена и корисници, односот на страните прави мониторот да биде тежок избор за гејминг, ама со оглед на рефрешот, ова секако не е примарна намена. Главни корисници би му биле графички дизајнери кои работат на плакати кои се подолги отколку што се широки, но и музичари кои ќе можат да го користат мониторот за да ги отворат музичките партитури.

Детална рецензија на овој монитор може да прегледате на Tom’s Hardware.

Oppo Watch 3 and Watch 3 Pro

Oppo Watch 3 и Watch 3 Pro се уште едни од уредите кои беа претставени минатата недела кои излегуваат во Кина. Часовниците се најавени во ист ден со веројатно најголемиот конкурент кога Android часовниците се во прашање Galaxy Watch 5.

Телото на Watch 3 часовникот е 43mm, а часовникот тежи 31,9 грама. Доаѓа со 1,75-инчен AMOLED дисплеј со резолуција 372х430px. Watch 3 Pro е поголем часовник со 50,4mm тело изработено од алуминиум. Самиот часовник е и потежок, 37,5 g. Очекувано поголем е и LTPO заоблениот дисплеј кој во овој случај е 1,91-инчен, со резолуција 378 x 496px.

Батеријата на Oppo Watch 3 е со капацитет од 400mAh, а Pro моделот има батерија со капацитет 550mAh. 10 минути полнење се доволни за еден ден работа. Максимално полна батерија овозможува 5 дена активно користење или 15 дена користење со помало оптоварување за Pro моделот. Стандардниот модел со едно полнење може да работи до 4 дена при активно користење или 10 дена ако часовникот помалку се користи.

Часовниците може да се користат со Android телефони и iPhone. Процесорот Snapdragon W5 доаѓа од Qualcomm, а дополнителен Apollo 4 Plus процесор се користи за пресметките кои не бараат премногу перформанси. Двата часовници доаѓаат со 1GB RAM и 32GB ROM. Оперативниот систем е изработен од Oppo, а веќе има над 80 апликации.

Pro моделот доаѓа со значително повеќе сензори, и тоа најголем дел од овие сензори би можеле да се користат за следење на здравствената состојба на корисникот. Пример, во Pro моделот покрај оптички сензор за отчитување на работата на срцето и количество на кислород во крвта,  има и ECG сензор кој може да детектира неправилна работа на срцето.

Засега двата часовници ќе бидат достапни само во Кина. Цената е 240 долари за Watch 3 и 300 долари за Watch 3 Pro моделот.

Galaxy Watch 5

Веста дека Samsung ќе претстави нов модел на Galaxy Watch беше само потврдена на Unpacked настанот. Најавите и гласините започна од поодамна, па новиот часовник не е никакво изненадување. Galaxy Watch 5 доаѓа во неколку димензии. Стандардниот модел е достапен во димензии од 40mm и 44mm, а Pro моделот доаѓа со единствена големина од 45mm. Часовниците доаѓаат со сличен хардвер; 1.18GHz Exynos W920 процесор од Samsung; 1.5GB RAM; 16GB флеш диск. Сите часовници доаѓаат со 3-во-1 BioActive сензорот. Овој сензор овозможува следење на срцевиот ритам, пулсот и составот на телото. Последново во пракса значи дека часовникот може да измери мускулна маса, масти и вода во телото.

Со новите часовници доаѓаат и куп нови сензори, па сега има: вграден GPS, бесконтактно плаќање, LTE, Bluetooth 5.2 и Wi-Fi.

Стандардните модели на Galaxy Watch 5 може да работат до 40 часа со едно полнење. Pro моделот има батерија со капацитет од 590 mAh, што треба да е доволно за 80 часа пред повторно полнење.

Што се однесува до изгледот, како и претходниот модел и „петката“ доаѓа со кружен екран, и иако зависи од вкусот, сепак е еден од поубавите паметни часовници. Часовниците доаѓаат со One UI Watch 4.5, ама веројатно поважни се надградбите на Wear OS 3 оперативниот систем. SoundCloud и Deezer доаѓаат на оперативниот систем, заедно со гласовна навигација за Google Maps, јави Verge.

Основниот модел е достапен за 280 долари, а Pro чини 450 долари. Часовниците се веќе достапни во претпродажба.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk