Хардвер од изминатата недела: Intel „Serpent Canyon“ NUC, ISOCELL HP3, PCI Express 7, Proteus…

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Паметни телефони, лаптопи, процесори, рецензии на компјутери се дел од хардвер вестите од оваа недела. Можевме да го видиме Serpent Canyon“ NUC од Intel; првите рецензии на 13-инчниот MacBook Pro; најавата за следната генерација на PCI Express 7; автономниот робот на Amazon…

Intel „Serpent Canyon“ NUC

Според последните протечени податоци новиот Intel NUC доаѓа наскоро. Мини-компјутерот на Intel доаѓа во пакување со помал габарит, но има доволно простор за моќен хардвер и дискретна графичка картичка.

Уредот кој ќе доаѓа под името „Serpent Canyon“ ќе доаѓа со Intel Core i7-12700H процесор и Intel Arc A770M графичка картичка. Компјутерот е надградба на постоечката верзија Phantom Canyon. Новиот процесор доаѓа со 6 помоќни P-јадра и 8 ефикасни Е-јадра. Актуелната верзија на NUC, Phantom Canyon има 4 јадрен i7-1165G7 процесор.

Она што може да е поинтересно за уредот е што е прв NUC со првите графички картички на Nvidia. Според вестите од Intel кој ги сподели Tom’s Hardware графичката е помоќна од GeForce RTX 3060 Mobile.

Секако во потрагата по минимизирање на просторот кој уредите го зафаќаат изгубена е можноста за било каква надградба на хардверот. Хардверот кој се користи во NUC уредите иако моќен сепак е првенствено наменет за лаптоп уредите, што значи и дека е помалку моќен од стандардните верзии.

Спецификациите на GeForce RTX 40xx протекоа на Twitter

На Twitter профилот на Kopite се појавија и првите спецификации на следната генерација на графички картички од Nvidia RTX 40xx.

Според непотврдените информации RTX 4090 ќе доаѓа со 16384 јадра и 126 стриминг мулти процесори. Конфигурацијата на AD102 GPU има максимум 144 јадра, но оваа конфигурација, веројатно ќе биде достапна во Titan или Ti верзиите на графичките картички, смета Videocardz.

Во твитот за првпат се споделени и информации за RTX 4080 и RTX 4070 графичките картички. RTX 4080 доаѓа со 10240 CUDA-јадра и 16GB меморија. RTX 4070 ќе доаѓа со 7168 CUDA-јадра и 10GB меморија. Што се однесува до потребното напојување за RTX 4090 ќе бидат потребни 450W; за RTX 4080, 420W; и за RTX 4070 „скромни“ 300W.

Колку од овие информации се точни, а колку се само шпекулација, ќе дознаеме кога ќе го видиме официјалното претставување.

Првите прегледи на 13-инчниот MacBook Pro (M2, 2022)

Оваа недела пристигнаа и првите прегледи на 13-инчниот модел на MacBook Pro. Најголем дел од рецензиите се фокусираат на малите надградби во споредба со претходниот модел и сличностите со 13-инчниот MacBook Air.

Компјутерот доаѓа со истиот дизајн, тастатура, тач-бар, 2560х1600 LCD дисплеј, TouchID сензор, Thunderbolt/USB 4 порти како и претходникот. Надградбата од М1 на М2 процесорот е единствена значајна надградба на лаптопот. Процесорот доаѓа со 8-јадра и 10 графички јадра. За жал, за втората поголема надградба купувачите треба да доплатат. Apple го зголеми капацитетот на RAM меморијата од 16 GB на 24 GB. За жал моделот со 24 GB меморија е 400 долари поскап.

„Актуелна шега на интернет е дека во Apple имале премногу MacBook Pro 2020 модели, па го замениле М1 процесорот со М2, и го решиле проблемот. Не би ме изненадило ако ова навистина е случај“, вели Бренда Столјар од Wired.

Новиот процесор М2 е одличен во најголем дел од задачите, но за корисниците на кои им е потребен навистина моќен процесор, актуелната 14-инчна верзија на MacBook Pro е значително подобар избор. Навистина 14-инчниот модел чини 2000 долари, но разликата е значителна. Моделот доаѓа со M1 Pro процесор кој е значително помоќен, и на пример има поддршка за повеќе од еден екстерен монитор.

Иако Mac Book Pro (M2, 2022) доаѓа со добри перформанси, повеќе меморија, и солиден капацитет на батеријата, не успева да одговори на прашањето „За кого е наменет?“. За корисниците на кои не им се потребни врвни перформанси новиот MacBook Air е подобар и поевтин избор. За корисниците на кои им се потребни исклучителни перформанси основната верзија на M2 e полош избор од M1 Pro.

Samsung го претстави својот најмал 200 MP сензор

ISOCELL HP3 е најновиот 200 MP сензор на Samsung Electronics. Сензорот доаѓа со функционалност која овозможува автоматско фокусирање на секој пиксел, а неговите димензии ќе овозможат да се изработи најтенкиот паметен телефон со сензор од 200 MP.

Samsung Galaxy S20 Ultra IG zana_l_i / Image on Unsplash

За новиот сензор Samsung тврди дека  способен за продукција на најмалите пиксели со димензија од 0,56 микрометри. Сензорот може и да спои 4 пиксели во еден поголем пиксел и резолуцијата тогаш станува 50MP, со спојување на 16 пиксели за фотографии во услови со намалена видливост пикселите остануват 2,24 микрометри.

PCI Express 7 ќе биде 8 пати побрз од PCI Express 5

Додека сите чекаме да се појават повеќе PCI Express 5 уреди, креаторите на стандарди веќе најавуваат дел од спецификациите на 7-та верзија на стандардот.

PCI Express 7 најрано би можел да се појави во 2025 година, иако поверојатно е дека тоа ќе биде 2027 година. Она што го дознавме од креаторите на стандардот е дека брзината ќе биде 512 GB/s или 8 пати побрзо од PCI Express 5.

„Спецификацијата PCIe 7.0 е наменета за поддршка на новите апликации како што се 800 G Ethernet, AI/ML, Cloud и Quantum Computing;  пазари со интензивна размена на податоци како Hyperscale Data Centers, High-Performance Computing (HPC) и војска/авијација…“, вели соопштението на PCI-SIG.

PCI Express 6 треба официјално да излезе оваа година и според брзината ќе биде 256 GB/s..

Amazon го претстави првиот целосно автономен робот Proteus

Proteus е првиот целосно автономен робот од Amazon. Роботот ќе може самостојно да пренесува пакети со производи во магацините на Amazon.

Дизајнот на роботот веќе сме го виделе од Amazon, и компанијата ги користела овие ниски роботи за преместување на полиците во магацините и досега, но дел од движењата беа управувани од луѓе.

Со роботот треба да се намали потребата од луѓе кои ги префрлаат пакетите низ магацинот и оваа работа треба да биде автоматизирана, со повремен надзор од луѓето. Proteus може самостојно да се движи кон пакетите, да подигне пакет, да исцрта и одржува безбедна траекторија на движење низ магацинот, а ако е потребно може и самостојно да оди на полнење.

Роботот во текот на движењето го осветлува патот пред себе со јасно видлива зелена светлина, и ако некој вработен застане пред него сопира и ја менува патеката на движење.

Amazon веќе имаа неколку непријатни настани во кои роботите кои беа дел од магацините ги повредија луѓето. Поради ова, компанијата е повнимателна со оваа генерација на роботи.

Signify ја претстави првата преносна Philips Hue паметна светилка која се полни

По повеќе верзии на светилки кои ја менуваат бојата Signify (порано Philips Lighting N.V) сега ја претстави и својата прва преносна паметна лампа на полнење.

Производителот досега престави повеќе различни модели на Philips Hue, но ова е прва сијалица која може да се пренесува и да се полни. Остатокот, со исклучок на дизајнот, е сличен со досегашните производи од серијата. Светилката е лесна за пренос и ја има стандардната транзиција на бои, која сме ја виделе и досега. Со едно полнење може да се користи 40 часа, што е одлично време.

Цената на Philips Hue Go светилката е 160 американски долари.

Xiaomi ги претстави Pocо F4 и X4 GT

Кинескиот производител на паметни телефони Xiaomi ги претстави двата нови Poco уреди. Pocо F4 и X4 GT имаат хардвер кој ќе засрами и дел од „флегшип“ телефоните на голем дел од производителите, но се продаваат за само дел од цената.

Poco F4 доаѓа со Snapdragon 870 процесор,OLED екран, главна камера со стабилизација, и брзо полнење. Цената на телефонот е 400 евра. Poco X4 GT е гејминг телефон, доаѓа со MediaTek Dimensity 8100; 6,6-инчен 144Hz LCD екран; со брзо полнење. Цената на телефонот е 380 евра.

Уредите доаѓаат во неколку модели, Poco F4 има модел со 6GB RAM и 128GB диск за 400 евра, и модел со 8GB RAM и 256GB простор за 450 евра. Poco X4 GT со 8GB RAM и 128GB простор ќе доаѓа за 380 евра, а верзијата со 256GB простор ќе чини 430 евра.

Продажбата на телефоните започнува на 27 јуни, а ќе бидат достапни во делови на Азија и Европа.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments