Над 520 летови се откажани, а повеќе од 3578 се одложени откако откажа критичен компјутерски систем на Федералната управа за воздухопловство (ФАА). Сите летови од САД требаше да бидат паузирани барем до 15:30 часот (македонско време), но полетувањата продолжија половина час порано од предвиденото.
„По прекинот во текот на ноќта поради откажување на Notice to Air Missions системот кој обезбедува безбедносни информации за летачките екипажи, нормалните операции на воздушниот сообраќај постепено продолжуваат насекаде во САД.“, ФАА објави на Твитер.
Одлагањето на летовите започна на 10 јануари во 21:28 по македонско време. Во следните десетина часа беа одложени над 400 лета, од и кон САД, пишува Reuters.
Причината за паузата беше грешката во Notice to Air Missions System (NOTAM). Федералната управа за воздухопловство работи на откривање на причинителите на проблемот.
„Засега нема докази и показатели за сајбер напад.“, се вели во соопштението од Белата куќа.
Бројот на одложени и откажани летови постојано се менува. Состојбата може да ја следите на Flight Aware.
За авионите кои се во воздух, нема промена во планот за лет. Продолжуваат да слетуваат според предвиденото. Полетувањата во овој момент и натаму се паузирани.
NOTAM системот овозможува комуникација на важни информации за кои е важно веднаш да бидат пренесени до пилотот. Информациите се однесуваат на потенцијални опасности или промени во воздушната средина на летот. Овие информации можат да се издаваат поради различни причини, вклучувајќи ги и промени во алатките за навигација, привремено затворени аеродроми и воздушен простор, или природни катастрофи. Може да се искомуницира и забрана за летови во периоди кога има ВИП посети или големи масовни собирања.
Неможноста да се испратат овие информации може да предизвика низа опасности. Пилотите нема да бидат известени за дополнителни промени во авиосообраќајот, на пример затворени аеродроми или воздушен простор. Ова предизвикува промени во плановите за летање и пренасочување на летовите. Дополнително, пилотите може да не знаат за природни катастрофи, па дури и за работа на пистатата што може да ја зголеми опасноста.
За прекуокеанските летови NOTAM информациите можат да бидат и подолги од 200 страници. Ова е прв случај системот да откаже.







