Google можеби ја прекина Explorer програмата за Google Glass, но компанијата не се откажува од очилата за проширена реалност. Доказ за ова е назначувањето на еден од „татковците на iPod-от“, Тони Фадел, за одговорен за Google Glass. Г. Фадел, кој има работено во Apple и сега е директор на Nest, ќе го води Glass проектот, јави Quartz.
Google без сомневање се надева дека г. Фадел ќе успее да го направи истото што му појде од рака со iPod и Nest, од одлична идеја да направи продукт кој сите ќе сакаат да го поседуваат. Но, иако Google Glass е одлична идеја, се чини дека засега 1.500 долари, колку што чини преносниот уред, се премногу за обичните корисници. Па по импресивниот старт и возбудата по презентациите на Glass на Google I/O пред неколку години, ентузијазмот за уредот се чини дека е на најниското ниво досега. Поради стравувањата за приватноста на своите посетители, дел од сопствениците на локалите ја забранија употребата на Glass во своите објекти. А дополнителен проблем е и изгледот на очилата кој во иднина мора да биде подобар, доколку сакаат да биде привлечен за поголема популација.
Покрај несомнено блескавата иднина на Glass во дел од областите како медицина, полиција, служби за безбедност или услужните дејности, кога се во прашање обичните корисници изгледа дека очилата немаат светла иднина. Сепак можноста за популаризација на Google Glass не е исклучена, а судејќи по производите зад кој е г. Фадел, не смее да исклучиме дека токму тој ќе биде пресвртница за преносниот компјутер на Google.
[youtube]9Eabp3Jpy-I[/youtube]