„Данокот на линкови“ би можел да го натера Google да ја повлече Google News платформата од Европа.
Засега не е донесена конечна одлука и од компанијата ќе почекаат да ја видат финалната верзија на законот. Директорите на Google не ја исклучуваат можноста ако мора да ја повлечат платформата од Европа, вели Guardian.
Google News веќе не е достапен во Шпанија, оваа европска држава нешто порано донесе „данок на линкови“. Google наместо да ја прилагоди платформата, тогаш одлучи да се повлече. Како последица на ова, шпанските онлајн медиуми имаат помалку посети вели Google.
Членот 11 од законот се однесува на линковите и предвидува агрегаторите кои користат линкови до туѓи содржини треба да им платат данок на креаторите на оваа содржина. Ова не е единствениот член со кои се зафаќаат платформите на Google; YouTube е зафатен со членот 13, кој е сличен, но се однесува на фер исплата за креаторите на содржини.
Google можеби размислува за повлекување на Google News, но тоа нема да ги остави недопрени. За разлика од случајот со Шпанија која беше само една држава членка, сега компанијата би морала да се збогува со поголем пазар.
„Нема реклами на Google News. Платформата не носи приходи за Google. Сметаме дека ова е важен сервис за општеството“, вели Ричард Гингас, заменик директор во Google за вести.