Google+ минатата недела стана достапен за секој кој сака да си отвори свој профилм, без да треба да биде поканет од веќе регистриран корисник. Според неофицијални бројки, бројот на корисници откако Google+ ги отвори вратите пораснал за дури 30 отсто, и со тоа се предвидува дека моменталниот број на корисници изнесува околу 43,4 милиони.
Овие неофицијални бројки се резултат на истражување на Пол Ален, основач на ancestry.com, кој дошол до овие бројки броејќи ги корисниците по презиме. Неговиот модел на броење користи листа на чести и нечести презимиња, давајќи простор за оние кои сè уште не се заведени, како и оние со неромански презимиња. Според неговиот модел на броење на 9 септември Google+ имал 28,7 милиони корисници, до 22 септември таа бројка пораснала на 37,8 милиони корисници, и кога ќе се додадат и приватните профили и оние со неромански презимиња, Google+ моментално има 43,4 милиони корисници.
Сигурно Google наскоро ќе излезат со официјални точни бројки за тоа колку всушност корисници има Google+. Иако горенаведените бројки можеби не се целосно точни, сепак претставуваат одлична основа за фактот дека Google+ навистина планира да го урне Facebook, а дали ќе успее во тоа допрва ќе видиме.







