Дали после долг и напорен ден ви се случило да посакате да може да се навалите назад на седиштето и да кажете „автомобилу вози ме дома“? Наскоро тоа ќе стане реалност благодарение на Google кој доби дозвола од Невада да го тестира својот автономен автомобил по патиштата на оваа американска држава.
Со дозволата доаѓаат и прилично ригорозни услови кои ќе мора да ги исполни тимот кој ќе го проверува прототипот. Најпрво ќе мора да имаат осигурителна обврзница на 1.000.000 долари, однапред ќе мора да најават каде и под кои услови го тестираат автомобилот, а во автомобилот во текот на тестирањето мора да бидат присутни двајца возачи кои ќе можат да ја преземат контролата врз возилото доколку ситуацијата излезе надвор од контрола.
Дозволата доаѓа по низа на демонстративни тестови кои биле одржани на автопати, магистрални патишта, како и населби во Карсон Сити, а дел од тестовите биле одржани и на главната улица во Лас Вегас.
Комисијата која ја доделила дозволата за тестови одлучила сите автоматизирани тест автомобили да имаат црвени регистарски таблички. За да го истакнат своето убедување дака ова ќе биде автомобилот на иднината, комисијата одлучила на левата страна на табличката да се најде и симболот за бесконечност. Откако ќе завршат тестовите и автомобилот ќе биде целосно испитан и функционален црвената боја на табличката ќе биде заменета со зелена.
Google е првата компанија која ќе ги тестира своите возила на улиците на Невада, но очекуваме во иднина да видиме повеќе производители да побараат дозвола за тестирање на автоматизирани возила.








