Google Chrome се подготвува за 100-ка, првата трицифрена верзија

во Веб, Софтвер

Најпопуларниот интернет прелистувач Google Chrome се подготвува за својата прва трицифрена верзија, верзија 100.xx. Chrome е креиран во 2008 година како алтернатива на постоечките прелистувачи, за на корисниците да им понуди брз и безбеден прелистувач. Од септември 2021, Chrome го користат над 67,57 отсто од корисниците.

Од пред неколку дена е достапна верзијата 97 на прелистувачот, а креаторите на Chrome на блогот на Chromium проектот објавија дека стоттата верзија доаѓа во текот на 2022 година. Дел од првичните тестови за верзијата 100 веќе се започнати, а сопствениците на веб страници од Chrome 96 верзија може да користат „force-major-version-to-100“-flag за да ги тестираат своите страници. Новиот flag може да се пронајде и активира да врати „100“ на chrome://flags/#force-major-version-to-100.

Како да го надградите Chrome?

Отворете го прелистувачот. Од менито во горниот десен агол на Chrome, одберете Help > About Google Chrome. Одберете Update Google Chrome (може и автоматски да се активира). Ако не го гледате „Update Google Chrome“-копчето тогаш веќе сте на најновата верзија на прелистувачот. Во моментов тоа е Version 97.0.4692.71 (Official Build).

По надградбата е потребно повторно да го отворите прелистувачот.

Новини во 97-та верзија на Google Chrome

Google со секоја надградба очигледно го оптимизира прелистувачот за подобри перформанси, особено трудејќи се да ги минимизира активните критики дека прелистувачот јаде РАМ меморија… 97-цата нуди побрзо вчитување на страници и поголема безбедност. Chrome 97 е достапен од 4-ти јануари и кај дел од корисниците прелистувачот веќе е автоматски надграден.

Оваа верзија доаѓа без преголеми надградби во функционалностите. Веројатно најголемата промена е начинот на кој корисниците сега може да ги избришат податоците за следење на ниво на сајт. Овие податоци се одлично подредени и групирани по сајтови кои ги користат.

За да пристапите до оваа, нова функционалност, најпрво од менито на Google Chrome одберете Settings. Од листата на левата страна одберете „Security and Privacy“; во главниот екран сега одберете „Site Settings“ и на новиот екран „View permissions and data stored across sites“. На овој екран подредени по сајт, може да одберете и да бришете колачиња индивидуално за секој од сајтовите кои сте ги посетиле. На врвот може да го пронајдете и копчето кое овозможува да ги избришете сите информации наеднаш.

Покрај поедноставното бришење, новата функционалност треба да спречи и неочекувани проблеми при бришење на само дел од интернет колачињата. Функционалноста за бришење на единечни колачиња и натаму е достапна во Chrome DevTools.

На мобилната верзија на прелистувачот подобрена е функционалноста за зумирање. Поточно, зумирањето е исто како и досега, но секој веб-сајт ќе може да „запомни“ колку корисникот бил зумиран последен пат кога бил на страницата и да продолжи со овој зум.

Дополнително се зголемува и  функционалноста на „top bar“ кај апликациите. Девелоперите и дизајнерите за мобилната верзија ќе може да ја користат функцијата за лента за пребарување, навигација и слично. За девелоперите и за дизајнерите ќе биде значајна и надградбата која ќе овозможи препознавање дали екранот поддржува HDR содржина. Ако екранот поддржува HDR девелоперите можат да ја активираат содржината без да стравуваат дека интерфејсот нема да биде добар за корисниците со екран кој нема HDR поддршка.

Повеќе детали за сите промени кои доаѓаат со новата верзија се достапни на блогот на Google.

Да се потсетиме на почетоците…

Идејата за создавање на прелистувачот на Google доаѓа во периодот на „војните на прелистувачи“ помеѓу Netscape Navigator и Internet Explorer. Google во овој период беше помала компанија, и на инсистирање на тогашниот директор Ерик Шмит, компанијата не се фокусираше на развој на прелистувач. Сепак првата верзија на Chrome била толку подобра од конкуренцијата што кога ја видел, веднаш го променил мислењето, особено имајќи го стравот дека Microsoft има доминација на пазарот со IE и преку додавање на тогаш популарните search тулбарови во самиот прелистувач, ќе им го преземе и пазарот на пребарување.

Официјално компанијата започнала да работи на прелистувачот во 2006, иако инетерно првите информации за разvој на Chrome датираат од 2004 година. Со проектот раководел сегашниот директор на Google, Сундар Пичај. Првата јавно достапна верзија на Chrome е 0.2.149 која излезе на 9-ти февруари 2008 година.

Оттогаш функционалноста на Chrome, брзината и безбедноста постојано се надградува. Во ноември 2018 година Chrome го користеа 72,28 отсто од десктоп корисниците што е рекордна бројка. Денес на прелистувачот глобално на сите уреди заедно, отпаѓаат над 65 отсто од корисниците. Ако на ова придодадеме дека околу половина од светската популација има редовен пристап до интернет, бројот на луѓе кои го користат прелистувачот е импресивен.

Популарноста на Chrome има придобивки, но Google се користи и како пример

Оваа популарност на прелистувачот на Google му носи огромни придобивки. Компанијата благодарение на прелистувачот има влијание во многу индустрии и може да влијае во многу сектори. Најчесто се поврзуваат со анализирањето на податоците на корисниците при сурфање и дигиталниот маркетинг. Сепак големиот број на корисници често е причина и најголемите законодавци и регулатори да ги користат Google и Chrome како пример за индустријата.

На почетокот на месецот, Француската агенција за заштита на лични податоци ги казни Facebook и Google со 210 милиони евра. Агенцијата вели дека е тешко за корисниците да ги одбијат интернет колачињата и поради ова ја казнија компанијата со парична казна од 150 милиони евра. Интернет колачиња се малечки фајлови кои на сајтовите им овозможуваат да ги следат корисниците, а употребата на собраните податоци потоа е различна, од понуда на персонализирано искуство за секој корисник, до комерцијална употреба.

„Државната комисија за информатика и слободи“ побара од Google и Facebook да го олеснат неприфаќањето на колачиња, односно целиот процес за неприфаќање колачиња да биде ист како процесот за прифаќање – единствен клик со кој корисникот ќе може да одбере дека не сака ниту едно интернет колаче од посетената веб-страница. Размислувањето на комисијата е дека ако корисникот може да прифати куп интернет колачиња со едно притискање на копче, тогаш би морало да има иста функционалност со која ќе ги одбие сите колачиња наеднаш.

Казната од 150 милиони евра ќе расте за 100 000 евра секој ден до исполнувањето на барањата на комисијата, јави Guardian.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk