ICANN го затвори аплицирањето за нови топ-левел домени. ICANN резултатите ќе ги објави за две недели, а Google објави листа за кои имиња тие аплицираа. Како што објави Винт Церф, татко на интернетот и интернет евангелист во Google, компанијата аплицирала за .google, .docs, .youtube и .lol домени.
Генерички топ-левел домените (gTLDs) како овие, наскоро ќе бидат реалност на интернетот и ќе им се приклучат на денешните 28 домени како што се .com, .org, .net и сличните на нив. Со оваа програма би требало да има помеѓу 300 до 1.000 нови gTLD домени годишно. Апликантите ќе треба да платат 185.000 долари како и некои дополнителни трошоци доколку нивните апликации се прифатат.
„Ние туку што започнуваме со истражување на овој потенцијален извор на иновација на вебот и сакаме да видиме како новите топ-левел домени ќе влијаат на веќе постоечката TLD околина. Со овозможување на поголем избор на интернет домени.“, додава г. Церф во својата објава на официјалниот блог на Google.
Сепак, Google не се единствени во тоа. Web.com аплицирале за .web домен, CloudNames испратиле своја апликација за .cloud и .global, додека Radix аплицирале дури за 31 нови домени, вклучувајќи ги .law, .music, .movie, .app и други. А зачудувачки е фактот дека Facebook, Microsoft и други големи интернет компании немаат аплицирано, барем досега никој од нив нема објавено таква информација.
Официјалната листа на новите генерички топ-левел домени ќе биде објавена на 13 јуни.