
Визуелните романи доживеаја посебен бум во гејмерската индустрија. Одредена група гејмери уживаат во едноставно впивање приказни кои се, обично, лишени од значителни гејмплеј механики. Целта на поголемиот дел од визуелни романи е да ве вовлечат во приказната, а тука-и-таму, би можеле да ви понудат суптилен гејмплеј во форма на донесување одлуки кои ја менуваат приказната или пак одредени QTE (Quick Time Event) механики.
Во Ghostpia не можете ниту да донесувате одлуки, ниту да стапувате во QTE механики. Она што ќе можете е да навлезете во длабока и емоционална приказна која тече на сличен начин како аниме од осумдесетите години. Благодарение на креативната одлука да се вметнуваат вузуелни и аудио гличеви кои се својствени за стари видео касети или лош телевизиски сигнал, Ghostpia добива уникатна вузуелна форма која ве вовлекува во еден носталгично меланхоличен свет.



Во Ghostpia, ги следите настаните на Сајоко, девојка која живее во град на духови. Опружен од бескраен снег, градот се чини како замрзнат во времето, а 1024 жители се обземени од трансот на секојдневието. Сајако никако не може да се вклопи во ваквото општество и страда од константната потреба да го разбие вечниот зачаран круг од едни исти лица и опресивната политика на црквата.
Двете најдобри другарки на Сајако се трудат да ѝ помогнат најдобро што можат, но сите нејзини напори се чинат како недоволни. Барем, додека не се случи неочекуваното. Градот добива уште еден жител и триото од девојчиња се впуштаат во серија од настани кои раскажуваат приказна за длабоко пријателство, но и шокантно насилство…

Како што напоменавме, покрај силната наративна вредност, ghostpia Season One може да се пофали со висока визуелна и аудио продукциска вредност, поставувајќи го чедото на Chosuido и 超水道, како една од најуникатните вузуелни романи што сме имале задоволство да ги искусиме. Низ пет релативно долги епизоди, гејмерите ќе се здобијат со впечаток како да се дел од old school аниме која се прикажува преку лош ТВ сигнал.
Прекрасно нацртаните цртежи и симпатичните анимации се пропратени со бројни визуелни несовршености, а богатата музичка подлога, која динамично се менува и мајсторски се вклопува со настаните кои се одигруваат, трпи интересни гличеви кои беа карактеристични за технологијата која се користеше во осумдесетите години на минатиот век.



Би сакале да имаме барем една забелешка за ghostpia Season One, но целото искуство беше апсолутно фантастично и со нетрпение ја очекуваме втората и последната сезона. Дури и да не сте фанови на визуелни романи, ова е „игра“ која вреди да се провери, што поради невообичаената приказна, а што поради уникатниот стил со кој се раскажува.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Chosuido, 超水道
- Издава: room6, yokaze
- Жанр: Визуелен роман
- Платформа: Microsoft Windows, Switch
- Излезена на: 22 август 2023
Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.