За претпоследниот викенд од август пробајте да се опуштите со најдоброто од најновото во гејминг светот. Пружете шанса на две бесплатни игри во платформска или пливачка атмосфера, истражувајте навидум безбројни планети, навлезете во чевлите на најпознатиот платен убиец или пак дружете се со неодоливо другарче во добро-позната околина!
Ubisoft слави 30 години постоење и, во чест на тоа, ги наградува фановите со по една бесплатна игра секој месец. Август ви подарува Rayman Origins – симпатична игра од авторот на Beyond Good & Evil. Доколку уживате во високо-квалитетни платформски игри, дефинитивно додадете ја Rayman Origins во вашата Uplay библиотека и заиграте ја сами или со уште тројца пријатели.
Оние кои бараат уште едно бесплатно, а квалитетно искуство, но само за викендов, можат да се нурнат во длабочините на Depth и да се стават на улога на ајкули или нуркачи. Замислена како мрежна игра, но игрива и соло, Depth ви овозможува да запливате како една од 7 видови ајкули или пак како нуркачи кои на располагање имаат арсенал од оружја.
Една од најочекуваните игри во последниве години конечно излезе и, за разлика од катастрофалниот почеток, повеќето технички проблеми за PC верзијата изгледаат испеглани. Да се каже дека мислењето на играчите е поделено би било потценување. Додека едната група пее песни за оригиналните можности при истражување неограничен број планети, другата група обвинува дека насловот не е ништо повеќе од прескап survival клон кој нема доволно новитети за да го задржи нивниот интерес.
Прикрадете се до Тајланд и впијте ги раскошните убавини на луксузниот хотел и ресорт во близината на Бангкок. Притоа, не заборавајте брутално или милостиво да ги елиминирате вашите две нови мети – рок ѕвездата Џордан Крос и семејниот адвокат, Кен Морган. Направете го тоа со стил и исполните над 75 предизвици кои ќе отклучат нова опрема, оружја и додатоци.
И за крај пробајте да пораснете (барем интелектуално) со најновата игра од Ubisoft. Grow Up е симпатична, мала игра која ќе ве вовлече во истражувачка авантура на целосна планета, собирање делови за вселенски брод и впечатливо дружење со вашиот нов пријател – POD. Grow Up е маестрално надоврзување на Grow Home и, покрај симпатичната графика, се одликува со одлична надградба на добро познатите игриви елементи.