Гејминг новости од минатата недела #29

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесет и деветто издание.

Покрај Orcs Must Die! Unchained, неделава излезе и првата епизода за Guardians of the Galaxy. Halo Wars: Definitive Edition се вдоми во Steam, а Syberia 3 беше пречекана со измешани реакции. Како да ова не е доволно, Man O’ War: Corsair – Warhammer Naval Battles ви дозволува да ги истражувате водените површини на еден од најпопуларните универзуми, Alien Swarm: Reactive Drop воведе еден куп нови мапи, модови, оружја и вонземјани за една од подобрите бесплатни-за-играње ко-оп шутери. Дополнително, Steam конечно започна со продавање на класиците како серијалот SWAT, Zork, како и феноменалната Vampire: The Masquerade – Redemption. Кога сме кај класиците, не пропуштајте ја можноста да го проверите и римастерот Full Throttle Remastered – Double Fine се имаат надминато со реинкарнацијата на овој класик.

Но, што е со останатите новости од гејмерската индустрија?

—-

SuperData и нивните истражувачи заклучиле дека повеќе луѓе гледаат гејмерски видео материјали и стримови отколку HBO, Netflix, ESPN и Hulu заедно. Според нив, бројката на публиката која е посветена на впивање гејмерски видео содржини е 665 милиони луѓе и се очекува зголемување за 21% до 2021 година. Од друга страна, Netflix има 100 милиони посветени гледачи, а Hulu 12 милиони. Од треба страна, гледање стримови е значително поевтино (бесплатно), за разлика од Netflix кој бара од 8 до 12 евра месечно.

The Walking Dead: A New Frontier се поднови со трејлер за очекуваната четврта епизода. Thicker Than Water излегува на 25 април, а ако трејлерот е некаков показател, Клем се наоѓа на преминот од една лоша на уште полоша ситуација. Последната, петта епизода се очекува за месец-два по излегувањето на Thicker Than Water.

GOG бесплатно ја нуди Saints Row 2, но во случај да е помината промоцијата во моментот кога го читате ова, најновата понуда од GOG Connect ви дозволува да си добиете бесплатни копии од целиот Saints Row серијал, под услов да ги имате игрите купено од Steam. GOG ви дозволува викендов и да се почестите со екстремно евтини игри од серијалите Deus Ex, Hitman, Legacy of Cain, Hyperdimension Neptunia и многу повеќе!

Diablo 2 е hack and slash акциона RPG игра и целиот гејмплеј е заснован на сѐ што има барем мали допирни точки со касапење, палење и уништување. Токму поради ова, да му кажете на некого дека ја играте Diablo 2 без да нападнете некого од морето непријатели е, во најмала рака, смешно и навидум невозможно. Еден гејмер реши да ја тестира теоријата и ја заврши играта за неполни осум часа без директен напад на жива душа.

Call of the Tenebrae е експанзија за шест-годишната Two Worlds 2. Проширувањето излегува на 25 мај и донесува сосема нова приказна од 10 часа, нови локации, непријатели и оружја. Two Worlds 2 беше примена од RPG фановите со делумно-раширени раце, но нам ни се допадна огромната слобода и уникатниот гејмплеј, особено во поглед со магиите. Студиото зад оваа игра работи и на Two Worlds 3. Call of the Tenebrae ќе чини 10 долари како експанзија или 15 долари како засебна игра.

Orcs Must Die! Unchained, по три години развој, конечно излезе како целосна игра. Unchained го содржи класичниот гејмплеј од првите две игри, заедно со ко-оп Survival мод за до три играчи, и целосно нов мод, Sabotage, каде тимови од по тројца паралелно се натпреваруваат кој поефикасно го брани нивниот рифт. Играта е бесплатна за играње, со можност за изборно купување Hero Bundle за 20 евра (35% попуст).

Terraria, симпатичниот дводимензионален Minecraft клон и понатаму продолжува да се надградува. Најновата 1.3.5 закрпа воведува поддршка за 4К резолуции, лизгачи за зумирање, преводи на дополнителни јазици и бројни исправки и балансирања во гејмплејот. Дополнтелно, оваа закрпа служи како мост кој треба да ја поврзе играта со сите идни надградби кои моментно се држат во тајност.

Quake Champions нападна и оваа недела со трејлер за нова шампионка која се вика Галена, но што и да правите дефинитивно не помислувајте на галење затоа што нешто ни кажува дека овој паладин дефинитивно не е по романтични гестови, особено во моменти кога вреска дека пресудата е во крвта, а излезот во жртвувањето.

Twitch потврди дека наскоро ќе се појават нови изборни можности за претплата на вашите омилени канали и тоа со висина од 10 или 25 долари. На овој начин, не само што го поддржувате омилениот стример туку и добивате визуелно-исполнителни предности при комуницирање во заедницата.

Prey се прикраде со уште еден трејлер кој овојпат ја прикажува Talos-1 вселенската станица во целата нејзина слава и уште еднаш потврдува колку многу оваа игра влече инспирација од серијалот Bioshock. Prey излегува на 5.мај.

Call of Duty и понатаму продолжува со агресивното исфрлување игри, а овој пат реши да се врати на корените. Наредната игра од овој серијал ќе се одвива во Втората светска војна, како што беше потврдено на callofduty.com.  Моментно, сајтот не открива ништо повеќе од сликата со војникот, но целосно обелоденување се очекува на 26.април.

Dawn of War 3 има отворена бета од 21 до 24 април и доколку сакате да го проверите мултиплеер делот на оваа игра кликнете тука. Шансите се дека ќе бидете пријатно изненадени и од новите Елити – моќни херои кои имаат значително влијание во бојното поле. Дополнителна свежина се воведува и преку улогата на доктрините, новиот систем за прикривање и прикрадување. Сево ова и многу повеќе е објаснето во горното видео од режисерот на играта, Филип Боул и дизајнерката Керолина Мастрета.

Reservoir Dogs: Bloody Days излегува на 18.мај, а ќе ви дозволи да заиграте со еден од шест ликови од култниот филм на Квентин Тарантино, во ко-оп кампања низ 18 различни нивоа, како банки, пристаништа, ноќни клубови и многу повеќе. Авторите ветуваат шокантно насилство и адреналинска акција со која фановите на филмот можат само да се гордеат.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk