Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесет и трето издание.
Пред да почнеме со стандардната серија од новости, како би сакале 46 игри за нешто помалку од 60 денари? Еден од поновите пакети од игри на Bundle Stars ви дозволува токму тоа. ‘Dollar Ultra Bundle‘ можеби нема премногу квалитетни игри, но еден долар е мала цена за откачено експериментирање во дигиталната сфера.
Боливија поднесе формална поплака до Франција поради Ghost Recon Wildlands. По се изгледа, на Боливија никако не им се допаѓа да бидат претставени како земја на најголемите нарко дилери, па макар тоа било во фиктивна видео игра. Од Ubisoft објаснуваат дека Боливија била избрана поради преубавите локации кои прекрасно се вклопуваат со нивната визија и дека приказната е фиктивна и ги задржува претходно воспоставените техно-трилер норми кои го окарактеризираат секој Tom Clancy наслов.
Nier: Automata има ново видео кое низ 28 минути прикажува што да очекувате од RPG елементите и вградените гејмплеј системи, како можноста за дополнително зајакнување откако ќе бидете поразени, па дури и добивање сојузници, интересен систем за јавање, квест хаб, мини игра за риболов и многу повеќе.
Mass Effect: Andromeda требаше да има бета настан за мрежниот дел од играта, но таквото нешто е дефинитивно откажано. Bioware се изјаснуваат дека нема никаква потреба од бета тестирање затоа што тимот макотрпно работел на градење, тестирање и балансирање и се толку сигурни во финалната форма на продуктот, што воопшто нема потреба за надворешно тестирање од страна на гејмерите. Ова, претпоставувате, на никого не му се допадна и за повеќето само се постигна спротивниот ефект и сега повеќето гејмери само мислат дека тие се всушност несигурни и не сакаат да одат со тестирањето за да не влијае на предвремените нарачки. Во меѓувреме погледнете 17 минути мисија за лојалност за Пиби.
Turok 2: Seeds of Evil римастерот дефинитивно излегува на 16 март и, во чест на најавата и наближувачката деветнаесет годишнина, авторите го споделија долниот трејлер. Инаку, римастерот ќе се одликува и со нов мултиплеер мод, а и нови загатки и оружја.
The Indiana Jones and the Fate of Atlantis Special Edition беше проект кој се стремеше да ја надгради култната игра со подобрена графика, нови анимации, нова музика и звучни ефекти, како и нови гласовни таленти. Арно ама, како и во повеќето ситуации кога се работи за римејкови на лиценцирани игри, Lucasfilm нареди да се запре сета работа на римејкот и да се повлечат сите дигитални добра до 5.март. Тимот има целосно функционално демо кое, барем до недела, ќе може да се преземе од нивниот сајт.
The Division девелоперот Massive Entertainment прави нова игра заснована на филмот на Џејмс Камерон, Аватар. Според она што се прикажа преку трејлерот, многумина претпоставуваат дека играта би се играла како Second Life и би ви дозволила да живеете алтернативен живот на Пандора. Фановите на Division се загрижија дека со тоа што Massive Entertainment започнува нов проект да не бидат тие запоставени, но девелоперите побрзаа да ги убедат дека такво нешто нема да се случи.
Middle-earth: Shadow of War не само што беше најавена неделава туку и се објавија системските побарувања од тимот. Според минималната побарувачка, ви треба Intel i5-2550K, 8 GB RAM и GeForce GTX 670 за графичко деградирано искуство, а за совршенство во највисока форма ќе треба барем i7-3770, 16 GB RAM и GTX 970. Играта излегува на 25.август, а повеќе за гејмплејот на 8.март.
Battlefield 1 ќе има четири експанзии кои ќе ве одведат во низ пеколните боишта на Франција, Белгија и Русија. They Shall Not Pass, како што можеби знаете, се одвива во Франција, In the Name of the Tsar во Русија, Turning Tides ви дозволува да учествувате во поморски битки, а Apocalypse ви дозволува да користите брутални алатки и оружја произлезени од очај и безизлезност. Сопствениците на премиум пропусницата навлегуваат во пеколот две недели порано, а и добиваат еден куп војни пакети, оружја, елитни класи и многу повеќе.
Cities: Skylines ќе добие уште една експанзија. Mass Transit проширувањето, покрај нови опции за патување, нуди и можност да заработите екстра пари преку дополнителни можности за градски превози. Во такво нешто ќе ви помогнат нови сценарија, а новите типови на патишта, мостови и канали со себе ќе донесат и нови предизвици.
ARK: Survival Evolved со неодамнешната закрпа воведe sci-fi опрема како џетпакови, диносауруси со ласерски оружја, заштитни полиња (force fields) и четири нови диносауруси. Покрај ова, девелоперите ветуваат и подобрување во функционалноста на серверите и зголемување на бројот на диносауруси кое едно племе може да скроти (до 500 диносауруси).
А за сите оние кои сакаат нивните игри да се складираат на исклучително мали направи, Kingston започна со испорачување USB стикови со големина од 1ТB или 2TB. Стикчињата се со димензии 75.18 x 27 x 21.02 mm, а чинат 950, односно 1600 долари. Ова, патем, е цена со попуст, а доаѓа од 1300 долари, односно 2300 долари за 2TB.