Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесет и второ издание.
Call of Duty: Infinite Warfare и Naruto Shippuden: Ultimate Ninja STORM 4 се бесплатни за играње викендов. Во случај да сакате привремено да се забавувате со мрежна акција или со аниме пресметки, игрите подготвено чекаат ваше преземање и покренување од Steam библиотеката. За оние кои сакаат да извлечат подолготрајна забава, игрите се продаваат и со 50% попуст.
Valve најави дополнителни даноци во десет земји. Овие даноци ќе ги зголемат цените на игрите од 5% до 24%. Србија веќе се најде меѓу првите земји и, од април Steam ќе почне да продава игри кои се поскапи за неверојатни 20%. Ваквото зголемување се остава и на самите издавачи и доколку се тие спремни да ја покриваат разликата, односно да профитираат помалку, цените би можеле да останат на релативно исто ниво. Со оглед на тоа дека ваквите поскапувања се шират низ земји надвор од Европската Унија, слична судбина би можела да ја најде и Македонија.
Total War: Warhammer Bretonnia е најновото DLC најавено за стратегијата и има за цел да воведе нова фракција на 28 февруари. Дванаесет минутниот гејмплеј приказ ќе биде целосно бесплатен за сите сопственици на играта. Во случај да ја немате Warhammer, за 12 долари ја добивате таа и седум други игри во најновиот Humble Bundle пакет.
Paladins стана исклучително непопуларна игра преку ноќ, откако Hi-Rez Studios воведе огромни pay-to-win промени каде се воведе нова валута и се заклучија картите од високата вредност зад вистински пари. Имено, за да ги отклучите сите легендарни карти за шампионите ви се потребни 756,000 Essence, што е невозможна сума доколку сакате да ја спечалите без да платите вистински пари. Од страв за последиците, Hi-Rez веднаш побрза да ја „прилагоди“ шемата и моментно ја намали цената на легендарните карти од 18,000 на 12,000 Essence, а дуплите карти сега даваат 120 наместо 60 Essence.
Deus Ex: Mankind Divided Criminal Past е најновото DLC и ве преселува во Аризона. Додатокот ја проширува приказната и ви дозволува да ја откриете мрачната страна на Адам. Criminal Past е вториот додаток во приказната и е дел од сезонската пропусница. Првиот додаток, System Rift, е со скромна двочасовна должина и, според многу фанови, никако не ја оправдува цената од 12 евра.
Irrational Games, студиото зад феноменалните Bioshock игри е одамна растурено, но не и поголемиот дел од луѓето кои работеа на нив. Новото студио на Кен Лвин сега се вика Ghost Story и е основано од 12 развивачи кои претходно работеа во IG. Нивниот фокус и понатаму продолжува да е создавање искуства каде гејмплејот е подеднакво предизвикувачки како и приказната. Сѐ уште нема податоци за нивниот прв проект, но посетете го штотуку отворениот сајт www.ghoststorygames.com за да се информирате повеќе.
Valve, со бесплатната Steam Audio SDK, им помага на развивачите да го прават звукот во нивните игри пореалистичен. Бесплатната алатка се стреми подобро да симулира како звукот се одбива од околината за да го подобри, меѓу другото и VR искуството. Повеќе информации имате тука или преку следниот видео материјал.
Ghost Recon Wildlands ја започна отворената бета, а сите што ќе ја проверат играта ќе можат да отклучат бонус мисии во моментот кога играта ќе излезе на 7 март. Бетата трае до 28 февруари!
Titanfall 2 Live Fire надополнувањето е излезено и ви дава на располагање две нови мапи, плејлисти, нов потег за елиминирање, дополнителна Coliseum мапа, клако и бројни исправки на багови и балансирања. Live Fire е новиот мод каде имате само една минута да го уништите непријателскиот тим од шест играчи или пак на крајот од минутата да го поседувате неутралното знаме. Во чест на ова имате и викенд каде заработувате двојно повеќе искуствени поени.
Prey е една од нашите најочекувани игри и, иако значително се разликува од првичниот хит, играта одамна нѐ освои со оригиналноста, особено во поглед на заземање различни облици. Следниов трејлер има за цел да ви ја прикаже убавата страна на таквото трансформирање.
Resident Evil 7 Banned Footage DLC-ата излегоа неделава и за PC. Првиот додаток чини 10 долари, вториот 15, а за да дознаете што има во нив прочитајте го нашиот текст. Кога сме веќе кај тоа, прочитајте и што мисли светот, а и ние за Resident Evil 7.
Mass Effect: Andromeda беше популарна тема неделава и фановите успеаја да дознаат дека поголемиот дел од играта и понатаму ќе биде отворен по завршување на приказната. Згора на тоа, нема да има ограничување на левелот и можете целосно да ги менувате способностите на Рајдер. Исто така, успеавме да одгледаме одличен демо приказ на борбените тактики, а и да бидеме израдувани од веста дека еден од актерите кои ќе го позајмуваат гласот е и симпатичната Натали Дормер (Game of Thrones)