0 коментари 5 мин. читање 1 октомври, 2016

Гејминг новости од минатата недела #2

Неделава која полека останува зад нас беше исклучително плодна во поглед на бројните гејмерски збиднувања.

Уникатната игра за мрежно препукување, Tribes: Ascend, се воскреснуваше низ годините за да сега, конечно на подлегне на постојниот повик кон заборавот. Најновото надополнување, соодветно наречено Parting Gifts е воедно и последниот начин со кој авторите пробаа да ја испочитуваат играта. Серверите и понатаму се активни и Hi-Rez не кажаа дека ќе ги згаснат набргу, но јасно е на каде оди работата.

Кога сме кај делумно разочарувачки работи, Ubisoft признаа тешко дека ќе видиме нова игра од Assassin’s Creed и Far Cry серијалот во 2017 година, а и побрзаа повторно да ги задеваат фановите со нов Beyond Good & Evil 2 Concept Art. Периодов е значаен за Ubisoft и од друга страна. Имено, неодамна почнаа акционерските состаноци со кои Vivendi ќе проба да преземе нови чекори за да го припои францускиот издавач под нејзиното крило.

Играта која го вети небото и ѕвездите, а испорача многу, многу помалку, No Man’s Sky e под истрага од Advertising Standards Authority (ASA) затоа што агенцијата доби премногу пријави дека играта лажно се промовирала и не се одликува со сите работи за кои се зборувало и за кои пишува на предната страна на Steam. За тоа што ние мислиме за играва, можете да прочитате тука! Titanfall 2, пак, доаѓа на 28 октомври, а следново видео има две цели: да ве импресионира со гејмплејот, но и со исклучителната моќ на графичката Titan X!

Од креативните длабочини на RPG мајсторите InXIle произлезе посветата за работа на Wasteland 3; crowdfunding финансирањето ќе започне на 5 октомври, а финалниот продукт ќе се одликува со ко-оп и возила. Играта, пак, која никој не ја бараше, Homefront: The Revolution, срамежливо исфрли додаток за кампањата. Насловено како The Voice of Freedom, проширувањето е првото од трите планирани.

Се сеќавате ли на Bulletstorm? По сѐ изгледа и хитот од 2011-та година ќе доживее разубавување во форма на remaster верзија за PC, PS4 и Xbox One. Интересно е тоа што remaster-от ќе дојде од Gearbox, студиото кое стои зад популарниот серијал Borderlands и не толку популарната Battleborn. Оригиналот, меѓутоа, беше развиван од People Can Fly, студиото кое е познато и по Gears of War: Judgment. Кога сме кај Gears of War, четворката излегува на 11 октомври и за PC. Она што следи е првата мисија…

А некаде под полското небо, талентираните CD Project RED објаснија дека нивното најново чедо, Cyberpunk 2077 би можело да располага со „уникатен и малку поразличен“ мултиплеер и огромен „жив“ град. Сосема неповрзано, инди играта Firewatch стана доволно популарна за да се пренесе и на големото платно. Campo Santo, тимот кој стои зад играва ги здружи силите со Good Universe не само за развивање нова игра туку и за филмски проект кој ќе биде заснован за играта Firewatch.

System Rift e првото содржително DLC кое излезе за Deus Ex Mankind Divided и нуди интересно патување низ најразлични места од Deus Ex универзумот. Како и кај сите патувања, меѓутоа, ако сте заинтересирани само за конечната дестинација, а не и за разгледувањето, System Rift може да се комплетира за нешто помалку од два часа.

DICE, пак, најавија дека придружничката мобилна апликација за Battlefield 1 ќе доживее огромни промени во дизајнот како и промена во името. Згора на тоа, беа доволно љубезни да ни покажат како ќе изгледа кампањата за еден играч во Battlefield 1. За сѐ останато, консултирајте се со нашиот извештај!

И нивниот најголем конкурент никако не седеше мирен неделава. При мрежното играње, играта Call of Duty 4 Remaster ќе го има истиот спикер од оригиналната игра, а мод алатките за PC верзијата за Call of Duty: Black Ops 3 се во отворена бета. Кога сме кај Activision, да споменеме дека се шушка за излегувањето на Destiny 2 и за PC. Возбудени?

За крај, да споменеме дека длабоките попусти на GOG продолжуваат со полна пареа, Steam ќе добие значителни UX/UI промени, а играта Quantum Break излезе на Steam на 29-ти септември!  Со крајот на неделава, доаѓа и крајот на месецот, а и чекањето на најдобрите септемвриски игри.

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

 

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top