Гејминг новости од минатата недела #11

Avatar img-thumbnail img-circle

во гејминг

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, единаесетто издание.

Ноќта помеѓу први и втори декември се одржа долгоочекуваниот настан The Game Awards 2016. Дали настанот ги оправда вашите очекувања и дали вашата омилена игра се најде како една од најдобрите? Целосен увид за номинации, награди и премиери ќе најдете тука!

the-game-awards-nominees-main-image

Battlerite, тимската игра која го освежува MOBA пристапот, е бесплатна за играње викендов. И покрај тоа што се работи за игра од ран пристап, развојното студио, Stunlock Studios, успеа да продаде над 400 000 копии и да собере над 95% позитивни рецензии. Доколку ви се допадне ваквото нешто, играта се продава и со 25% попуст за време на промоцијата. Со излегување на играта од ран пристап, сите ќе можат да уживаат во насловот бесплатно, но оние кои ја купиле играта ги добиваат сите моментни и идни шампиони бесплатно.

Познатиот јутубер PewDiePie вети да го избрише неговиот youtube канал откако ќе собере 50 милиони лајкови. Тоа нема да биде крај за неговата кариера, само свеж старт со некој друг канал. Додека едни мислат дека се работи само за кликбејт кампања, другите веќе почнаа со скубење коса и параноично молење да нема никаква вистина во изјавата.

Knights of the Eternal Throne, најновата експанзија за Star Wars: The Old Republic, е излезена и е една од најубавите дигитални изненадувања во 2016-та година. Низ 9 нови поглавја ја добивме ексклузивната можност да ја продолжиме приказната од претходната експанзија, да придобиеме неочекувани придружници и да се увериме, уште еднаш, во огромната моќ на Bioware да раскажат приказна од епски пропорции.

GOG започна со зимската распродажба на игри. Со купување DRM-Free наслови од оваа продавница, како и вршење едноставни и секојдневни активности, добивате искуствени поени кои, за возврат, бесплатно ви ги отклучуваат игрите Shadow Warrior Classic, Shadowrun Dragonfall и Stasis. Распродажбата трае до 11 декември.

slika-1

Star Wars: Battlefront, Rogue One: Scarif е последната експанзија за оваа мулти-плеер игра и влече директна инспирација од Rogue One филмот кој треба да излезе на 16 декември. Rogue One: Scarif има четири мапи и два игриви херои, односно Џин Ирсо и Орсон Креник. Новиот режим на играње со вселенски битки исто така ќе биде присутен. Експанзијата излегува на 6 декември.

The Science of the Animus е најновото видео кое Fox го објави за филмот Assassin’s Creed. Краткото видео се фокусира на филмската изведба на фиктивната технологија наречена Анимус, а ако може да им се верува на актерите Мајкл и Мерион, таквата технологија нуди: „Навистина кул искуствo и е фантастичен концепт“. Assassin’s Creed ќе се прилепи на филмските платна од 21 декември, 2016 година.

Assassin’s Creed III, пак, ќе биде наредната и последната бесплатна игра која ќе ги одбележи триесетте години од постоењето на француското издавачко студио Ubisoft. Во случај да сеуште не сте го одиграле третото продолжение од атентаторската сага, играта ќе биде бесплатна за преземање веќе од 7 декември. Мрежниот дел е целосно напуштен, а додатоците за играта не ја оправдуваат нивната висока цена. Наш совет е да уживате во насловот само поради приказната од основната игра.

GTA IV, по шест години апсолутен молк, доби нова закрпа. Осмата закрпа би требало да го олесни играњето на култната игра така што ја оптимизира за најновите оперативни системи и искоренува дел од најпроблематичните багови. Велиме дел затоа што најголемиот баг од сите, озлогласениот Games for Windows Live систем и понатаму е тука да ве потсетува на време кога Мајкрософт форсираше нешто што никој не сакаше.

slika-2

А, на некое друго место и во некое друго време, Injustice: Gods Among Us и Haunted House можат да се играат на Xbox One, ZeniMax нареди DoomRL, бесплатната DOOM фан игра, да исчезне од интернетот, Call of Duty: Infinite Warfare има нова закрпа која поправа бројни неправилности при мрежни пресметки, распродажбата на Steam започнува на 22 декември, најновата закрпа за Smite додава нов господ и скинови од петто ниво, The Elder Scrolls: Online го имплементира озлогласениот концепт за Crown Crates, нова, трета закрпа дојде и за Dishonored 2, а Red Dead Redemption станува дел од PlayStation Now мрежата за стримување.

За крај, најљубезно потсетуваме дека Facebook е сериозен со гејмингот, Messenger доби Instant Games, информацијата дека Final Fantasy 15 има битка од 72 часа се покажа невистинита, Titanfall 2 е бесплатен за пробно мрежно препукување, излезе WATCH_DOGS2, многу мобилни игри за малку пари ќе најдете на Humble Bundle, а на најновата GG емисија гостуваше македонска репрезентација во Magic: The Gathering, а и се муабетеше за Killing Floor 2, Planet Coaster и многу повеќе!

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете нѝ во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk