Game Jam Plus донесе супер игри и многу забава

во гејминг, ИТ.МК

Викендов се одржи и заврши првата фаза од хакатонот на кој се креираа видеоигри Game Jam Plus. На натпреварот во Македонија учествуваа повеќе од дваесет тима, а на крајот видовме речиси дваесет игри. За тоа колкав е интересот во Македонија за развој на видеоигри можеби најдобро покажува фактот дека на овој натпревар македонските учесници беа втори по бројност, веднаш зад Бразил.

Game Jam Plus се одржа онлајн, а локална поддршка за настанот беа МАГДА. Организацијата на настанот беше одлична, а овојпат поради целиот концепт на GameJam Plus, но и поради пандемијата цела организација и координација беа на Discord.

Она што е пријатно изненадување овојпат е бројот на игри кои ги изработија почетници. За дел од учесниците ова е прв настан на кој учествуваат, а за еден дел и прва средба со Unity. Темата на натпреварот беше „Бои“ и иако дел од игрите не беа фокусирани на темата тимовите имаа доволно слобода да ги довршат игрите.

Што се однесува до „најдобрите“ игри жирито (disclosure: бев дел од жирито на настанот) ги одбра: „Paint the Thing“ на тимот The Side; „Color Blast“ на Return Zero; „Bob in Colorland“ од Memory Leak; и „Castle Robbery“ од BytHope. Публиката најмногу гласаше за „Knight Adventures“ од NoodlzGames, „Last Hope“ од SOSU, „Escaping from the flood“ од Team Chill, „Color Blast“ на Return Zero, и „Kolori“ Coding Big-TIme.

Paint the Thing

Paint the Thing изгледа супер едноставно и многу забавно. Играчот во текот на играњето треба да ги избегнува „непријателите“ кои се движат по екранот, да собира боја и да ги обои формите на екранот.

Color Blast

Во Color Blast играчот треба да ги користи боите за да ја пронајде патеката по која треба да се движи. Се наоколу е темно, а има доволно замки и препреки кои го спречуваат ова. Благодарение на пиштолот со боја играчот може да открие каде може да стапне, а каде не.

Bob in Colorland

Bob е магичен цртач кој собира бои и од нив креира нови елементи во играта. Во демото можевме да видиме како Боб користи една боја да си нацрта платформи на кои може да рипне, но во иднина треба да бидат додадени нови бои кои ќе му додадат и нови способности.

Castle Robbery

Castle Robbery е можеби најамбициозниот проект на овој натпревар. Концептот на играта помалку наликува на Among Us. Играчите се поделени во две групи крадци и чувари. Крадците треба да го украдат богатството, а чуварите треба да ги фатат крадците. Кога ќе се сретнат започнува „пресметка“ која барем во демото е „хартија, камен, ножички“.

Knight Adventures

Е ретро игра која ќе ве потсети на игрите од минатото. Осум-битна графика, витези и скелети е сè што е потребно за забава.

Escaping From the Flood

Во Escaping from the Flood играчот вози автомобил и треба да побегне од поплавата. Играта нема крај, а завршува ако играчот излета од патот.

Kolori

Во „Kolori“ играчот треба да преживее што е можно подолго да собира кофи со боја и да ги избегнува „бришачите“. Во ова му помагаат кофите со боја кои му даваат супер-моќи, на пример црвената ги уништува непријателите во околината, жолтата ги успорува, зелената го забрзува играчот.


Ако сте заинтересирани за учество во следниот хакатон за развој на видеоигри, МАГДА веќе полека ја подготвува најавата за Global Game Jam за јануари. Следите го каналот на МАГДА на Facebook за повеќе информации.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] post Game Jam Plus донесе супер и… appeared first on […]